Достапни линкови

Растот на инфлацијата ќе биде тежок за менаџирање


Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Зголемувањето на цените се чувствува во семејните буџети. Поскапен е зеленчукот на пазарите, млечните производи во маркетите, велат граѓаните. Нагорен тренд на инфлација има во земјите на Европа, а тоа во наредниот период несомнено ќе биде случај и во Македонија, предупредуваат аналитичари

Економијата и натаму е под влијание од ефектите на ковид кризата. Цените се зголемени, особено на оние производи кои се дел од потрошувачката кошничка на граѓаните, што негативно се одразува врз нивните семејни буџети.

Инфлацијата ќе продолжи да се зголемува и во следниот период, бидејќи во моментов таков е трендот во Европа и во светот, а не само во Македонија, вели економскиот аналитичар Арбен Халили.

„Последиците ќе се чувствуваат и кај нас и во другите земји, но за жал ние сме помалку подготвени да се соочиме со тоа. Затоа мора психички и како држава да бидеме спремни да се соочиме со таа инфлација. Државата треба да преземе мерки за граѓаните помаку да ги почувствуваат тие последиците, но и севкупната економија “, вели Халили.

Во првото полугодие од 2021 година стапката на инфлација изнесува 2,4 проценти придвижена од порастот на цените на храната, тутунот, електричната енергија и нафтените деривати, чие зголемување е во согласност со нагорниот тренд на цената на суровата нафта на меѓународниот пазар, според полугодишниот извештај за извршување на Буџетот на Министерството за финансии.

Инфлација во Северна Македонија. Извор: Министерство за финансии.
Инфлација во Северна Македонија. Извор: Министерство за финансии.

Граѓаните со кои разговаравме велат дека го чувствуваат зголемувањето на цените, особено на зеленчукот на зелените пазари, но и на цените на производите во маркетите.

„Во маркетите поскапени се млечните производи: сирењето, кашкавалот, сувомеснатитер производи... Тоа донекаде се одразува врз нашиот семеен буџет“, вели граѓанин во Скопје.

Пензионери со кои разговаравме во центарот на Скопје велат дека двојно се поскапени цените на производите кои ги купуваат, а дека од друга страна, незначително е зголемувањето на нивните пензии.

„Зејтинот чини од 100 до 120 денери и тој е поскапен од скоро, пред една недела. Сега и лебот ќе го поскапат. Порано за 2.000 денари се купуваа работи за цел месец. Сега не е така, со тие пари не можеш ниту да влезеш во маркет, а не па да купуваш.“, велат тие.

„Скопо е! На пазарите е поскапено. Го чувствуваме тоа. Кој не чувствува? Само тие што имаат пари!“, вели друг граѓанин.

Потрошувачката кошничка само последната година е зголемена за 800 денари, според Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Најголем дел од неа, односно 70 отсто, оди за храна, пијалоци и за домување. Останатото се троши за хигиена, превоз, обувки и облека, мал дел за култура и одржувње на здравјето.

Според податоците на Државниот завод за статистика, најмногу поскапел зеленчукот – 15,8 проценти, а минимално поскапеле лебот, месото, сирењето и млекото.

Премиерот Зоран Заев деновиве изјави дека поскапувањето на некои производи во земјава не е поголемо од поскапувањето во другите земји. Тој наведе дека прават се за економијата да остане стабилна.

„Растот на цените не е поголем од растот на цените во другите земји. Инфлацијата не очекуваме да биде повеќе од 2,2 отсто. Направивме електричната енергија да не влијае дополнително на други цени, и натаму ја држиме стабилно. Тоа беше цел на Владата“, изјави Заев.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека во овој момент од аспект на зголемување на цените, граѓаните не би требало да бидат загрижени затоа што, како што вели, сите показатали укажуваат дека нема да има ценовни шокови кои би можело да влијаат.

Халили вели „несомнено“ е дека секоја инфлација негативно влијае, не само врз џебот на граѓаните, туку и врз севкупната економија. Државата, смета тој, мора да ја држи под контрола инфлацијата, но истовремено да внимава да не го оптерети државниот буџет.

„Треба да се продолжи со реализација на капиталните инвестиции и да се поддржи прозиводството во земјоделскиот сектор и во другите индустрии каде би се ангажирал поголем број на работна сила, со што од една страна ќе имаме производство и извоз, а од друга генерирање на дополнителен приход во државната каса и кај граѓаните“, вели Халили.

Тој додава дека може да се очекува менаџирањето на инфлацијата да биде потешко во однос на минатиот раст на цените, додавајќи дека во случај кога последиците од инфлацијата се чувствуваат во поразвиените земји, тие во земјава ќе чувствува двојно повеќе.

Според проценките на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), раст на стапката на инфлација во однос на месец јуни има во САД, Германија, Франција, Велика Британија, Италија и Канада.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG