Господине Беџети веќе се чувствува растот на цените, особено на храната. Стопанството алармира дека нè очекува нов бран на поскапување до 50 проценти. Какви ќе бидат последиците од инфлацијата?
Па секако веќе инфлацијата достигнува околу 4 проценти реално, пресметано по индексот на цените на мало, и тоа секако не може да остане на ниво коешто беше проектирано, знаете дека беше проектирано под 2 отсто. Можеби годината ќе заврши до 4,5-5 отсто инфлација, според индексот на цените на мало, и мислам дека тоа веќе е сериозен сигнал дека тука треба да се оди многу внимателно, да се дизајнираат политиките, затоа што тоа удира директно на таа потрошувачка кошничка, која доминантно е од прехранбени производи, а тоа не е нешто нестандардно кај земјите во развој. Обично прехранбените производи во таа кошничка учествуваат доста значајно, до 40 отсто. Тоа секако може да ги погоди основните прехранбени производи почнувајќи од жито, леб, млеко, масло и другите прехранбени производи. Семејства кои се социјално загрозени ќе бидат во многу тешка состојба. Во таа смисла не мислам дека ова алармирање што беше дадено од стопанствениците е реално до толку, барем не за овој период, зборуваме за 3-4 месеци, освен кај енергенсите каде што веројатно состојбата ќе биде сериозна во тој дел. Нормално енергијата е инпут на секој производител, на секој транспортер и по тој верижен систем влијае во преносот. Покачување на енергијата влијае на покачување на цените.
Земјава генерално е зависна од увоз, а цените на храната и на енергенсите растат и во Европа и во светот. Како тоа ќе се одрази на Македонија?
Енергетскиот биланс на Македонија негде 80 отсто зависи од термоелектрани, а 20 отсто од хидроелектрани. Во овој момент хидро резервите и потенцијалите се на можеби историски најниско ниво и тоа веројатно многу ќе нè погоди. Од друга страна, со либерализацијата на енергетскиот пазар многу компании кои влегоа либерално да набавуваат струја склучиле договори коишто испорачателите на енергијата нема да можат да ги исполнат и веројатно таму може да дојде до поскапување од 40 до 50 отсто на испорачаните производи од енергетскиот биланс. Тоа многу ќе ја комплицира состојбата и веројатно ќе се бараат алтернативни решенија од каде би можеле за одреден период од 3 до 6 месеци да се зајакне тој капацитет. Веројатно ќе се ангажираат дополнителните капацитети на термоелектраните, но со увоз на јаглен и тоа на поквалитетен јаглен. Тоа се можностите и комбинациите и веројатно ова ќе потрае затоа што доаѓа и сезона на побарувачка на електрична енергија, па и на енергенси генерално, било да се нафтени деривати, струја и сето тоа дополнително ќе ја комплицира состојбата. Владата сериозно треба да го разгледа енергетскиот биланс и да најде начини и модалитети како тоа да се контролира.
Во услови на зголемување на цените, во Македонија генерално е слабо производството на бела техника, на автомобили, на друга технологија, единствен адут ни е аграрот, но зошто со децении не успеавме да поттикнеме поголемо домашно производство на храна?
Тоа е структурален проблем, за жал, и не е нешто за кое може да се најде решени за краток рок. Затоа што запуштеното земјоделие и покрај сите субвенции коишто владите ги давале и во минатото многу, вие знаете дека субвенциите во земјоделието зафаќаат над 130 милиони евра во буџетот, а покажале дека не генерираат, односно аутпутот не е на ниво како што е пораснат инпутот, затоа што моделот бил погрешен. Имено ние наместо да субвенционираме производ, ние сме субвенционирале површина, значи колку хектари имате посеано, а не колку сте произвеле од тие хектари. Мислам дека сега владата сериозно размислува и да го промени моделот и наместо да ги даде субвенциите на инпути, на влезните компоненти, како што се површина и слично, или посеани површини и така натаму, да ги даде на делот базирано на производство. Ова мора да се промени, меѓутоа ефектите од тоа можат само на долгорочен план да се подобруваат. Треба да се размисли за начин како да се поттикне производство, односно на некој начин тоа да биде попродуктивно. Ние сме голем увозник на месо и месни производи во земја каде што странците се чудат од вакви потенцијали, со ваква состојба, а да не можеме да ги користиме. Доволно е да се прошетате низ овие релации, да видите на пример како се пустоши Полог, кој што беше на некој начин еден од најголемите потенцијали за производство на храна. Ние освен месо и месни производи, увезуваме и млеко и млечни производи, а исто така увезуваме и елементарни производи. Ние денеска консумираме германско млеко, во маркетите гледате германско млеко во услови кога барем тоа можеме да произведеме, не бара тоа којзнае каква технологија, но тоа покажува дека сите станавме потрошувачи на тие производи, но не и производители.
Инфлацијата во Европската унија е највисока од 2008 година, дали очекувате таа да биде привремена или трајна?
Не само од 2008 година, во Европа, Германија забележува највисока стапка на инфлација од 1993 навака, значи се работи за рекордна стапка на инфлација после 30 години, така што проблемот е навистина многу сериозен. Од таа гледна точка, 2009 се соочивме со тоа заради глобалната финансиска криза во тоа време, ние тогаш стигнавме до 8 отсто инфлација ако се сеќавате, и веројатно тој ризик е реален и сега и затоа ќе треба многу внимателно да се следат овие состојби, бидејќи тоа се прелива, сакајќи ние или не, значи ќе се прелива и кај нас, затоа што ние сме многу зависни од Европа и од аспект на извозната компонента, но уште повеќе од увозната компонента. Ние само со Германија имаме суфицитарен трговски биланс, од други земји од ЕУ главно сме дефицитарни, и оттука ќе треба да се води сметка за начинот на кој ќе се балансираат тие состојби и колку таа, условно кажано, увезена инфлација, ќе нè погоди нас. Сигурно дека тој проблем треба да се анализира и да се следат состојбите внимателно и дневно за на некој начин да се реагира во тие релации.
Целото интервју со академик Абдулменаф Беџети може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.