Со решенијата за ништовност кои Куртовски ги потпишал минатата недела, инвеститорот Хидроген Енерџи Груп ги загуби дозволите за градба на хидроцентралите Жировничка 5 и Жировничка 6 поради пречекорување на рокот од две години од правосилноста на одобренијата.
По ваквата одлука екологистите очекуваат и Владата да ги раскине концесиските договори за двете мали хидроелектрани на реката Жировничка во Националниот парк Маврово, како што посочуваат, согласно барањата на Бернската конвенција и Европскиот парламент.
Куртовски за РСЕ изјави дека ги потпишал решенијата за ништовност и го констатирал престанокот на важноста на одобренијата за градење, откако во јули оваа година ја доби инфрмацијата од увидот на терен од страна на Градежниот инспекторат на општината.
Инспекторите на локациите каде е планирано да се градат хидроелектраните го утврдија престанокот на важењето на дозволите за градба на хидроелектраните поради изминатиот рок од две години.
Абдија Салиу - советник за издавање одобренија за градби и изводи од урбанистички планови во општина Маврово и Ростуше, објаснува дека градоначалникот Куртовски „решенијата ги огласува за ништовни“ со образложение дека Градежниот инспекторат постапил согласно со неговите овластувања според Законот за градење.
Салиу преку мејл одговори дека не може да ни ги испрати документите во кои се потпишани решенијата за ништовност од страна на Куртовски.
„Инвеститорот има законски рок од 15 дена од приемот на решението да достави жалба. До денес не е поднесена жалба од страна на инвеститорот“, вели Салиу.
Побаравме информации од инвеститорот дали го добиле решението за ништовност и дали ќе поднесат жалба, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.
Инаку инвеститорот Хидроген Енерџи Груп е конзорциум формиран од компаниите „Хидроген груп“ и „Фероинвест“.
Еден од сопствениците на „Фероинвест“ е вицепремиерот Кочо Анѓушев, а управител е неговиот брат Тодор Анѓушев. Оваа фирма директно и индиректно поседува една третина од вкупно 75 функционални мали хидроелектрани во земјава.
Вториот сопственик е фирмата „Хидроген груп“ основана од познатиот менаџер Предраг Чемерикиќ и неговите партнери, бизнисмените Дејан Калеников и Сашо Василевски.
Концесиските договори за „спорните хидроцентрали“ на реката Жировничка како што оценуваат екологистите, беа потпишани во 2015 година, но инвеститорот Хидроген енерџи груп не успеа да ги реализира проектите во дадениот рок од три години, а Владата во 2018 година одлучи да ги продолжи договорите за концесија до јануари 2020 година, на седница на која присуствуваше и Анѓушев.
„Имајќи предвид дека дозволите за градби се поништени се поизвесно е дека инвеститорот нема да ги реализира проектите во дополнителниот рок 3 јануари 2020 година. Тоа значи дека до крајот на годината Владата ќе треба да донесе одлука за иднината за договорите за концесија за овие две хидроцентрали во Маврово“, вели Александра Бујароска – правник од областа животна средина од граѓанската организација „Фронт 21/42.“
Таа очекува слична одлука и од Инспекторатот за животна средина кој треба да одлучи за „евидентираните пропусти во Елаборатите за животна средина“, бидејќи инспекторите евидентирале дека координатите на проектите во дадените решенија за одобрување на Елаборатите, не кореспондираат со актуелните координати во договорот за концесија.
„Се надеваме дека Владата ќе престане да им прогледува низ прсти и конечно ќе ги раскине договорите за концесија за МХЕ Жировница бр. 5 и МХЕ Жировница бр. 6 во согласност со Препораката бр. 184 на Бернската конвенција и Резолуцијата на Европскиот Парламент од 2018 година и барањето на месното население во Жировница“, велат од „Фронт 21/42“.
Пријавата за поведување на инспекциски надзор во општина Маврово и Ростуше во април оваа година ја поднесе Фронт 21/42, по укажувањата дека реализацијата на хидроенергетски проекти во Маврово ја поткопува идејата за постоење на националниот парк, бидејќи претставуваат природата и биодиверзитетот.
Националниот парк Маврово е прогласен во 1949 година поради посебните природни убавини, историското и научно значење на шумите и шумските предели околу Мавровското Поле.