Г-не Трајанов, го напуштате ли бродот што тоне како што го коментираат вашето излегување од Владата, бидејќи претходно ја напуштивте и владата на Никола Груевски?
Мислам дека Владата има уште година и помалку шест месеци да продолжи да работи според нивните проценки дека следните избори ќе бидат редовни парламентарни избори во 2024 година, така да од тој аспект можеше да продолжи ова парламентарно мнозинство, вклучително и Демократскиот сојуз да ја поддржиме Владата. Но, проценивме дека Владата во целина државата ја движи во погрешен правец. За овие две години и околу осум месеци, колку што сум јас дел од парламентарното мнозинство, немаме ниту една суштинска реформа која е во функција на имплементација на европските вредности или доближување до стандардите на Европската унија, ниту една. Еве медиумите и аналитичарите нека кажат која е таа суштинска реформа што е направена. На ова ако додадеме дека ние имавме договор со СДСМ кои се нашите приоритети, не од целокупната програма што ја подготви Демократскиот сојуз, само дел од неа. Сметаме дека неколку прашања се клучни, врзани за евроинтеграциските процеси и дека тие треба да бидат предмет на разговор меѓу Демократскиот сојуз и СДСМ. Тој разговор го направивме, ги прифатија нашите приоритети и оттогаш наваму нема реализација.
Пред да ја напуштите актуелната владина коалиција, побаравте премиерот Ковачевски да ја информира јавноста за програмските определби на Алијанса за Албанците. Што е спорно во програмата на Алијанса за Албанците?
Па, тие прво немаат програма. Нивната главна определба беше да направат добар договор, да земат три министерски места, двајца заменици министри, директорски места и вработувања и тоа не е платформа за поддршка, затоа што во тие разговори јас сосема јасно му соопштив на Ковачевски да не влегува во ваква авантура, бидејќи дополнително ќе се искомплицираат состојбите во државата, затоа што има парламентарно мнозинство од 64 пратеници кои ја гарантираат стабилноста на Владата. Но, повеќе од јасно е дека се работеше за криза во рамките на ДУИ и по барање на Ахмети, Ковачевски прифати да го зголеми парламентарното мнозинство за да ја маргинализира таканаречената „огнена група“.
Се согласувате ли со мислењата дека оваа реконструкција е за спас на ДУИ, односно да се неутрализира влијанието на „огнената група“ во партијата?
Апсолутно. Тоа е целата идеја и затоа јас инсистирав дека во сите тие разговори ако ДУИ има проблеми, треба да си ги разреши проблемите, а ако сака да се рекомпонира Владата тогаш ДУИ од шесте министерски места, од не знам колку заменици, од бројните директорски места, агенции и регулаторни тела, треба да отстапи места. А не Ковачевски влезе во аранжман, во договор се да задржи ДУИ, да отстапува места СДСМ и така натаму и мислам дека таквата позиција на Владата не беше врз основа на програмски цели.
Бидејќи бевте во владата, како одвнатре изгледа поделбата на Власта, дали како што вели опозицијата, во реалноста ДУИ е газда во државата?
Пред година дена, после формирањето на оваа Владата, посочив дека претседателот на Владата не треба да биде сервилен спрема ДУИ. Значи, треба да се однесува како претседател на Влада, да води сметка за напите стратешки национални и државни интереси и така да се однесува и треба сите министри да си го знаат каде им е местото. Тие треба пред претседателот на Владата, условно кажано, да реферираат, да се договараат како ќе ги имплементираат програмските определби, а не ние во суштина да имаме две влади – една со која што раководи Али Ахмети и друг дел од владата со кој раководи Ковачевски. Значи, тоа е многу битно, да има единство, сплотеност во Владата за да се движи државата напред. Ако има разединување, ако секој си ги гледа партиските интереси, бизнис интересите, тогаш нема резултат. Како резултат на вака раштиман оркестар како Влада, ние имаме огромно незадоволство од граѓаните. Тие се незадоволни како и на кој начин функционира или не функционира Владата, посебно одделни министерства. Значи, главната забелешка на граѓаните е дека во државата нема ред и дека не функционираат институциите.
Како гледате на тоа што досега ниту еден функционер на ДУИ за ништо не одговарал?
Тоа е врзано за неселективната борба против корупцијата и криминалот. Сите институции се партизирани. Во седумте институции кои се одговорни за борба против корупцијата, против тешките облици на криминал, раководат партиски луѓе. Тие не можат да започнат оперативна истрага против носител на јавна функција ако се работи за кадар на ДУИ, бидејќи таа има силен механизам да влијае на тоа дали Владата понатаму ќе опстои или не. И тука е целата работа, тука е браната, тука е влијанието на министрите, на претседателот на Владата врз овие институции, да не отворат случаи, дури и таму каде што е очигледно дека има криминал, да не отворат, да не го проверат, да не го документираат и се разбира да не се поднесе кривична пријава против некои од носителите на високи позиции ако е кадар на ДУИ. Затоа ние зборуваме дека ни треба неселективна борба против корупцијата и ни треба заокружен систем кој ќе гарантира ефикасна борба против корупцијата. И затоа проектот „Декри“ го имплементираме, дел од него, подготвивме закон со којшто бараме да се формира независна агенција за борба против корупцијата и после реконструкцијата на Владата ќе го доставиме тој законски проект за него да расправа Парламентот. Наместо тоа да го направи Владата, Министерството за правда, тоа ние мораме да го правиме како политичка партија да почне имплементацијата на проектот „Декри“ или војна против корупцијата.
Велите и дека владата на СДСМ не ги реализира ветувањата во борбата против криминал и корупција и за реформи во судството и тн. Но, вие во власта со СДСМ сте веќе 7 години. Зошто сега реагирате за овие неисполнети барања?
Не е точно. Ако ги следите нашите активности, ние секојдневно имаме изјави за медиумите, имаме настап, имаме интервју и овие работи не се сега посочени и актуелизирани. Од денот на влегување во Владата на Заев постојано за тоа разговараме и иницираме. Еве да набројам, две години се расправа за закон за разгледување на монтирани судски процеси – ништо не е направено. Имаме информација за да се согледаат резултатите од Пописот, бидејќи имаше огромен број на недоследности. Имаме бројни иницијативи кои ниту една не може да помине никаде. Тоа ние го кажуваме секојдневно, не е денеска или вчера кога напуштивме. Тоа е проблемот, бидејќи да почнеше процес на имплементација, сосема други ќе беа и резултатите и поинакви ќе беа согледувањата на граѓаните. Граѓаните точно знаат што се случува во Владата – парализа на целиот систем, со измислени топ теми во јавноста за тоа што го прави Владата или насочување на одговорноста за било што во Парламентот, дека тој е одговорен за се. Во суштина, процесите во државата треба да ги движи Владата и таа треба да носи одговорност за вкупните состојби, дали државата се движи напред или пак е блокирана по сите параметри.
Од скала на 1 до 10 колку е корумпирана Македонија?
Значи 10, има чиста десетка. Имаме силен процес кој продолжува на криминализација, криминалот во оваа држава стана вредносна категорија, а не зло со кое што треба да се справиме. Криминалот полека ја гризе и јаде државата и затоа не функционира. Сега зборуваат фондовите биле испразнети, тешко се затвораат потребните буџетски ставки... Не треба ништо друго, да имаме систем да престане да се краде од оваа држава и тогаш ќе има пари за се. Овој народ не може да создаде толку, колку што власта може да растури, да расипе или да украде. Тоа суштински проблем околу корупцијата и криминалот.