Жестока и тензична атмосфера со надвикување, навреди и обвинувања за кој е поголем криминалец и која партија е покорумпирана. Ова е атмосферата во собраниската сала на седницата за пратенички прашања. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и од собраниската говорница ги повтори обвинувањата за вицепремиерот Артан Груби дека неговото најблиско семејство е инволвирано во коруптивни скандали.
„Како блиски луѓе на Груби добиваат акредитации за лабораторија? Како се дозволува да трупаат милионски бизниси и имот додека народот осиромашува? Како братот на Груби купува дуќан од половина милион евра кога негова фирма четири години работи со загуба?“ праша од говорницата пратеникот Миле Лефков.
Груби наместо премиерот, кому Лефков му ги упати прашањата, возврати кон опозицијата со навреди.
„Овие децата на Сашо Мијалков и на Никола Груевски. Тие ви се татковци. Вие сте се плашеле да го гледате Мијалков во очи. ВМРО-ДПМНЕ има докторирано на тема корупција. Лоповлук од прв до последен ден. И затоа знаат најдобро каде е медот за да ги вметнат рачињата. И бараат да дојдат на власт, не за да помогнат Македонија да стане членка на ЕУ, туку за медот. Секој клептоман гледа во другите клептоман, секој лопов гледа во другиот лопов“, кажа Груби.
Според него опозициската ВМРО-ДПМНЕ е криминално здружение со судски пресуди.
Лефков незадоволен од одговорите на Груби затоа што ги добил од вицепремиерот наместо од премиерот како што побара, му се обрати на премиерот Ковачевски со шаховски термин.
„Видовте како записничарот на Заев стана пиун, кога го споменав името на Артан Груби. Го прашав зошто молчи, а молкот оддекнуваше. Слушнавме се, само факти не. Вие ја нацртавте корупцијата, вие набавувате возила по 600.000 евра“, изјави Лефков.
Со ист речник одговори и премиерот.
„Да ви возвратам со шаховски речник, во шаховската игра пионот може да стане и кралица ама коњот секогаш ќе си остане коњ“ кажа од говорницата Ковачевски.
Тој упати и директна порака до пратеникот Лефков.
„На Лефков идеолошки татко не му е ниту Никола Груевски, нити Сашо Мијалков, туку Зоран Заев, Владо Бучковски и Радмила Шеќеринска, затоа што тој беше член на СДСМ, и затоа мора да прави глупи август од себе, за да се покаже дека е поголем вмровец од вмровците, е заради тоа“ изјави Ковачевски.
По оваа реплика премиерот беше опоменат од собранискиот спикер дека од треба да се држи до одговори на прашањата. Ковачевски на крајот од говорот се извини до тие што се чувствуваат повредени до како што вели, „искажаната вистина“.
Опозицијата во своите пратенички прашања ја обвини власта за неспособност во справувањето со хибридните закани кои стана честа појава во изминативе пет месеци со лажни дојави за бомби во училишта како и во трговски центри и институции. Пратениците се довикуваа и се расправаа за ненавремената набавка на лекот „трикафта“, како и за проблемите настанати со повлекувањето на еврообврзницата и барањата за предвремените избори. Тема беше и сајбер нападот врз Фондот за здравствено осигурување, кој 14 дена се обидуваше да ги врати системите во функција.
Во однос на спорот со Бугарија опозицијата бара разрешување на министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој nе присуствува на седницата бидејќи е во Њујорк каде што се обраќа на итната седница на Генералното собрание на ОН за војната во Украина.
Пратениците од владејачкото мнозинство на седницата зборуваа за, како што велат, „успесите на власта да ги стави во функција сите енергетски системи во функција“ во време на енергетска криза предизвикана од руската инвазија врз Украина.
На листата за поставување прашања пријавени се 14 пратеници. По завршувањето на седницата за пратенички прашања во 20 часот е закажано продолжение на 104-та седница на која треба да почне расправата за избор на новите министри во Владата. На претпадневната седница пратениците со 65 гласа „за“ ги разрешија министрите од Алтернатива.