Со инвестицискиот бум во изградбата на соларни централи за производство на струја, кои произведуваат само додека има сонце, може да дојде до ситуација во исто време да се произведе многу повеќе струја од потребното, па нејзината цена во одредени периоди да биде речиси нула.
Извозот исто така ќе биде многу тежок, затоа што Македонија не е единствената земја која во енергетската криза многу инвестираше во соларни централи. Слична е ситуацијата и во Грција, Бугарија, Албанија, Хрватска, а големи инвестиции имаше и во Косово и во Србија, па и во регионот ќе има вишок денска струја.
Тоа е една од причините што се отвори дебатата за враќањето на денската евтина струја за граѓаните, која беше укината на почетокот на 2022 година, поради енергетската криза.
Пред десетина дена, министерот за економија Крешник Бектеши, а потоа и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски најавија дека се прават анализи дали е возможно од економска гледна точка да се врати евтината струја во текот на денот. Бислимоски рече дека предвид се земаат три работи – колкаво ќе биде производството на државниот производител ЕСМ, бројот на изградени фотоволтаици и цената на струјата кога фотоволтаиците произведуваат. Одлуката треба да биде донесена до 1 јули.
„Во периодот кога произведуваат фотоволтаиците, цената на електрична енергија на берзите паѓа. Како ќе се градат сè повеќе и повеќе фотоволтаици, а ќе се градат, ние ќе имаме периоди кога е можно, во летен период, да имаме и цени коишто ќе бидат блиску до нула, а можно е да имаме и цени коишто ќе бидат негативни“, рече Бислимоски во вчерашното интервју за ТВ 24.
Цените на струјата може да паднат на нула
Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски претходно соопшти дека во 2022 година произвеле 27 отсто повеќе струја отколку во 2021, а оваа година треба да има раст од уште 20 проценти.
На дистрибутивна мрежа веќе се приклучени околу 180 мегавати фотонапонски централи по сите основи, а издадени се согласности за околу 300 мегавати и овој број се зголемува, велат во компанијата ЕВН, дистрибутер и снабдувач со струја за граѓаните и малите фирми.
Најголем дел од овие централи се изградени од фирми за сопствени потреби, а дел имаат ставено и граѓаните за лична употреба. Со тоа што произведуваат за себе, ја намалуваат побарувачката, а вишоците ги продаваат, па струјата за другите може да поевтини.
До 2021 година, во Македонија имаше соларни централи со капацитет од 45 мегавати, кои сочинуваа помалку од 1 отсто од вкупното производство. Сега има скоро десеткратно зголемување.
За споредба, термоцентралата Осломеј, која работи на јаглен, има инсталиран капацитет од 125 мегавати. Еден од трите блока во најголемиот производител на струја во земјава, РЕК Битола, има инсталирана моќност од околу 230 мегавати. Најголемата хидроцентрала во Македонија, ХЕЦ Вруток, има инсталиран капацитет од 150 мегавати, а сите хидроцентрали во земјава заедно нешто над 700 мегавати.
Разликата е што термоцентралите и хидроцентралите работат 24 часа, а сончевите централи само преку ден.
Задолжителни батерии за складирање на вишокот
Токму поради страв од големи дневни вишоци на кои нема да има што да им се прави, власта најавува дека оние што градат соларни централи ќе мора да инвестираат и во батерии за чување на струјата, за да може да ја трошат кога ќе снема сонце.
Претседателот на Македонската енергетска асоцијација Кочо Анѓушев рече дека од зголемената градба на сончеви централи нема назад, но мора да се прави плански и мора да се воведат батерии за чување на вишоците.
„Проблем може да настане затоа што сите фотоволтаици произведуваат електрична енергија во исто време. Практично 80 проценти од електричната енергија што ја произведуваат во текот на годината ја произведуваат од април до септември и од 9 до 17 часот, не смееме да дозволиме во тој период да има големи вишоци со илјадници мегавати, бидејќи во тој случај не ќе се знае што да се прави со таа енергија“, рече Анѓушев.
Евтина струја сега има ноќно време зашто 40 проценти од струјата се произведува од термоцентрали на јаглен. Потрошувачката ноќе е многу помала, а термоцентралите на јаглен не може да се гасат. Берзанската цена на струјата ноќе е многу ниска, па граѓаните се стимулираат повеќе да трошат во тој период наместо дење кога е скапа. Но, со засиленото градење на сончеви централи за производство на струја, кои произведуваат само додека има сонце, ситуацијата се менува.
Граѓаните плаќаат двојно поевтина струја секој ден од 22 часот до 7 часот наутро и цел ден во недела. До 2012 година, имаше и денска евтина струја од 13 до 16 часот, но беше укината. Враќањето на денската евтина струја беше едно од предизборните ветувања на владејачката СДСМ, па по промената на власта, кон крајот на 2017 повторно беше вратена, но овој пат од 14 до 16 часот. Од почетокот на 2022 година, Регулаторната комисија за енергетика ја укина денската евтина струја поради енергетската криза.