Колку може да биде проблематична промената на власта на локално ниво за вработените кои се членови на партијата што заминува во опозиција, на свој грб го почувствувала вработена во државна институција во Битола. За само неколку дена откако добиле ново раководство, таа станала жртва на политички мобинг.
Во разговор за Радио Слободна Европа вработената, која е член на политичка партија, вели дека преку ноќ добила други работни задачи кои воопшто не соодветствувале на нејзиното образование. Покрај деградирање и вербални закани за отпуштање од работното место, таа честопати била и казнувана и со кратење од плата.
„Ќе ви кажам пример до каде оди сето ова. Буквално имав ситуација на монтиран случај против мене. Бев на работен состанок, уредно излезена со пропусница. Ми се јави шефот, ме праша каде сум и откако му објаснив, тој сепак му се јавил на раководителот и му кажал дека треба да ме казни парично затоа што не сум го информирала каде сум. Поднесов жалба за случајот, но првостепената комисија ме одби и тогаш сфатив дека и институциите не се правични и праведни и дека системот не функционира,“ вели вработената.
Иако нејзиниот професионален напредок и кариера се „во мирување“, таа се уште работи во истата институција.
„Ми се закануваа и со приватни работи, за одредени активности што ги работам, ми се закануваа дека доколку продолжам со тие активности, во нив е власта и можат да ми кажат да си заминам дома. Ете, до таму одеа“, вели нашата соговорничка.
Таа додава дека не е единствената што трпела вакво вознемирување на работното место и дека кај дел од колегите мобингот оставил психички последици.
Поразителни бројки за политички мобинг
Последното истражување на невладината организација Лаг Агролидер што се однесува на вработени во локалните самоуправи и владините институции на локално ниво, покажале дека дури 84,2 % биле жртви на политички мобинг или пак некој нивни роднина, колега или соработник бил жртва на политички мобинг. Само 15, 8 проценти се изјасниле дека не биле и не познаваат жртви на политички мобинг.
Секоја промена на власта на локално и национално ниво се одразува на промена на кадри, а жените во руралните средини се најпогодени од таквите прераспределувања, покажале теренските истражувања на организацијата Лаг Агро лидер, во пелагонискиот регион.
„Во едно вакво исполитизирано општество како нашето, она што најмногу можеме да го направиме е да бидеме гласни и отворено да зборуваме за тоа што се случува на работното место. Ако бидеме доволно јасни и гласни и го потегнеме ова како прашање, само тогаш ќе да се издигнеме над политиката и ова исполитизирано општество, а се со цел остварување на основните човекови права“, вели Даниела Цветаноска, координаторка на истражувањето.
Како причини за непријавување на случаите на мобинг на работното место биле наведени непостоењето на позитивна пракса во државата во однос на мобингот штo дополнително ги демотивира вработените да го пријават.
Дел од испитаниците наведуваат и други фактори за непријавување на случаи на политички мобинг, како што се: срам, вина, уценување, соочување со закани, чувство на несигурност и страв, недостаток на поддршка и разбирање.
Докажувањето на политичкиот мобинг - долготраен процес
Адвокатката Талија Петреска вели дека докажувањето на мобингот е макотрпен процес, но очекува новиот закон да го олесни патот до правдата за жртвите на мобинг.
„Вообичаено мобингот се докажува со сведоци, а тоа најчесто би можеле да бидат само колегите од вашето работно место. Е сега може само да претпоставиме кои се тие колеги кои би излегле пред суд против работодавецот или претпоставениот? Значи, кога станува збор за психички мобинг, а не физичкиот каде што имаме видливи значи на насилство што може да се докажат со медицинска документација, кај психичкиот мобинг многу потешко оди докажувањето“, вели Петреска.
Токму затоа пред повеќе од една година е поднесена иницијативата за внесување на поимот „политички мобинг“ во постоечкиот Закон за мобинг. Во законските измени се бара и да се укине времетраењето на докажување на мобингот кој сега изнесува 6 месеци.
Ова не е прво истражување што покажува дека голем дел од вработените биле или се жртви на мобинг. Истражувањата од Сојузот на синдикати покажуваат дека 40% од испитаните вработени во Македонија биле жртва на мобинг, преку неправедно обвинување или претерана контрола, што е двојно повеќе од европскиот просек.
Во годишниот извештај за 2021 година, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација наведува дека најмногу дискриминација и вознемирување на работно место вршеле правни лица од јавниот сектор и тоа, како преку дејствија на раководните лица, други овластени лица или вработени во институциите на јавниот сектор, така и преку акти или прописи кои ја уредуваат областа односно надлежноста на институциите. Вознемирување на работно место е утврдено во вкупно 12 случаи, односно 22, 22 % во 2021 година. Од вкупниот број на случаи со мобинг, дискриминација врз основа на пол била потврдена во 40% од случаите.
Истражувањата понатаму, наведуваат дека главната причина за мобинг е пронајдена во рамка на политичката позадина и во повеќето случаи е спроведена од страна на надредените.
Во националното законодавство на Република Северна Македонија, мобингот е регулиран во Законот за заштита од вознемирување на работното или популарно наречен Закон за мобинг. Министерството за труд и социјална политика веќе работи на измени и дополнувања на Законот. Со измените се бара дополнување на членот 1 од Законот за заштита од вознемирување на работно место, со кој се бара прецизирање на дејствата за демнење и политички мобинг.
Инаку мобингот е појава на психичко малтретирање на работното место, кое се повторува низ активности чија цел е деградација на работните услови на работникот, кои може да предизвикаат повреда на човековите права и достоинството, да наштетат на психичкото и телесното здравје и да ја компромитираат професионалната иднина на жртвата.