Достапни линкови

Пријави притисок на работа


илустрација
илустрација

Од неодамна на веб-страницата на министерството за информатичко општество и администрација функционира алатката “Пријави притисок на работно место”. Според упатените таа е добар потег за зголемување на свеста на вработените и опомена за претпоставените да не ја користат функцијата за партиски цели

Зголемување на свеста на граѓаните дека тие одлучуваат за својата иднина и своевидна опомена за министрите и останатите раководители да не ја користат функцијата за партиски цели. Вака експертите го коментираат постоењето на алатката "Пријави притисок на работно место”, која од неодамна е поставена на веб страницата на министерството за информатичко општество и администрација, а која според нив е добар потег за искоренување на стравот кај вработените во администрација да пријават притисок.

“Мислам дека тој вековен став кој го чувствуваат македонските граѓани, иако е резултат на вкоренета традиција и историја, сепак треба постепено да се нагризува и надминува, за да можат македонските граѓани да се појават во улогата на демократи кои навистина сакаат демократска држава. И ваквите инструменти не се на одмет, иако тој страв нема преку ноќ да исчезне,” вели професорот Ѓорги Тоновски.

Професорот Агрон Рустеми од Штуловиот Универзтет е оптимист дека се поголем вработени во администрацијата ќе се охрабрат да пријават евентуален притисок, особено доколку се земат предвид ветувањата на надлежните дека пријавувањето е анонимно, и дека доколку лицето кое пријавува сака да ги сподели личните податоци, тие ќе бидат заштитени во согласност со Законот за заштита на личните податоци.

“Вработените во администрацијата се донекаде осигурани зошто имаат решение за работа, па мое мислење е дека би се осмелиле да пријават притисок. Но, енигма е како тие пријави ќе се процесуираат натаму, дали тоа би имало судска разрешница или само опомена, кој ќе ги филтрира информациите, многу елементи уште се нејасни,” вели професорот Рустеми.

Според него најважно од се е, оваа алатка да профункционира и да ги даде потребните резултати.

”Темата е многу актуелна, особено во овој временски период и вреди да се отвори во земјава и да се направат првите чекори. Мора да имаме резултати, да не биде исто како законот за мобинг, го имаме, а не функционира”, порачува Рустеми.

Тоновски пак вели дека оваа алатка, во основа е еден вид опомена до надлежните да внимаваат што прават, особено во предизборниот период.

“Во суштина, ова е некаква опомена. Со каков интензитет и определба се сфаќа оваа демократска алатка која треба да ги стопира евентуалните злоупотреби во изборниот процес, тоа е друго прашање. Но во крајна линија, не го остава незасегнат никој кој слушнал за неа или ќе ја погледне”, изјави Тоновски.

Сепак граѓаните кои ги прашавме не се оптимисти дека оваа алатка ќе профункционира.

“Мислам дека повеќето вработени не би се осудиле да пријават мобинг на работно место и се разбира дека една од причините е тоа што се плашат за работното место, а од друга страна кај нас и државата не е во состојба да ги регулира тие односи, а и судството ни е корумпирано,” вели еден Скопјанец.

“Зависи од човек до човек. Има луѓе кои има високо развиена свест и би пријавиле иако секој би се подзамислил дали со тоа би го изгубил работното место. Нема да биде пријатно да пријавиш мобинг и потоа да имаш проблем со претпоставениот и затоа сметам дека повеќето не би пријавиле, првенствено поради таа причина,” вели една млада жена која ја анкетиравме.

Алатката за пријавување притисоци врз административците се активира по втор пат. Претходно е користена за време на референдумот. Од министерството за информатичко општество велат дека апликацијата „Пријави притисок на работно место“ е предупредување за министрите и останатите раководители да не ја користат функцијата за партиски цели.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG