Да не знае човек дали е семеен ручек, куќна слава или судско рочиште. Таткото функционер, обвинет за криминал, синот судија, а мајката член на Советот на јавни обвинители, иронично коментираат граѓаните на социјалните мрежи по информациите дека скоро една петтина од кандидатите кои ја завршија Академијата за судии и јавни обвинители се синови, ќерки, сопруги и снаи на актуелни судии и обвинители или на државни функционери.
Вкупно 58 кандидати го положија завршниот испит на Академијата за судии и јавни обвинители. Меѓу најзвучните имиња кои во иднина ќе добијат позиции во правосудството се синот на претседателот на Собранието Талат Џафери, Барлет, снаата на генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова, Билјана, сопругата на градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски, Симона Муцунски-Бубевска.
Меѓу роднини на судии и обвинители, може да се прочитаат имињата на ќерката на пензионираната обвинителка за организиран криминал Гордана Смаќоска, Билјана, синот на поранешната обвинителка во Специјалното јавно обвинителство Елизабета Јосифовска, Драган, синот на врховниот судија Наќе Георгиев, Кирил, синот на поранешниот претседател на Судскиот совет Киро Здравев, Зоран, зетот за ќерка на поранешниот Народен правобранител и сегашен член на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети, Илир Јакупи, како и сопругата на новоизбраниот обвинител за организиран криминал Ислам Абази, Албулена.
По изборот на Абази, чии фотографии со високи функционери на ДУИ се појавија во јавноста, збунетост изрази и американската амбасадорка Анџела Агелер. Колку ли би била збунета сега, кога и неговата сопруга му станува колешка, прашуваат граѓаните.
Други, пак, иронизираат дека децата на судиите имаат таков ген, правосудна хаплогрупа и не можат против себе.
Трети се тешат дека на ваков начин барем ќе нема швалерски афери во правосудството – сите се роднини меѓу себе.
Психолозите велат дека хуморот е одбранбен механизам од несакани ситуации кај зрелите и изградени личности. Ние можеби сме зрели, ама тие нè сметаат за зелени, коментираат граѓаните. На некои воопшто не им е до смеа.
Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека и неговото дете има право да конкурира и да биде примен на работа. Абази уште претходно реагираше дека не гледа ништо спорно сопругата да му стане колешка. Тимчо Муцунски, пак, рече дека неговата сопруга била примена на Академијата пред три години, кога тој бил само доцент на Правниот факултет и немал никаква функција.
Во меѓувреме, Судскиот совет за генерален секретар ја избра Весна Толева. Нејзиниот сопруг Наце Толев е возач на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева. Лани во февруари, синот на Весна и Наце, Мартин Толев, бил вработен на местото помлад судски соработник во Вишиот управен суд.
Сите истражувања на јавното мислење покажуваат многу ниска доверба во правосудниот систем во државата. Според последната анкета на ИРИ, недоверба во судовите и судството, како и во јавното обвинителство изразиле 76 отсто од испитаниците.