Достапни линкови

Муслиу: И Северна Македонија е мета на ковид дипломатија


Еролд Муслиу, директор на Агенцијата за разузнавање
Еролд Муслиу, директор на Агенцијата за разузнавање

Преку лажни вести и пропаганда, а користејќи ја состојбата со вакцините во борбата против корона вирусот, големите држави вршат притисок врз владите во регионот, а Македонија не е имуна на таквиот притисок, вели првиот човек на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу во разговор за Слободна Европа.

1. Господине Муслиу што е тоа ковид дипломатија, термин што во последно време почесто го слушаме и што сакаат да постигнат државите што ја применуваат?

Ковид дипломатијата е алатка во хибридната стратегија, која се појави со почетокот на ковид пандемијата и трае во изминатиов период од една година. Секој креатор и спроведувач на стратегија развива тактичко - оперативни мерки за делување кои опфаќаат неколку платформи базирани на геополитичкиот интерес, регионални состојби и конфигурација на терен. Хибридна стратегија за делување и присуство во одреден регион развиваат само големи држави со геостратешки интерес кои мора да најдат и регионални точки од каде ќе ја спроведуваат зацртаната агенда. Изработуваат платформи, базирано од државата во која се има интереси и може да варира помеѓу употреба на дипломатија , разузнавање, економски и бизнис интереси, медиумско- пропагандно делување , со крајна цел вршење притисок врз владите и реализација на нивните интереси.
Се сеќаваме сите дека во почетокот беше борба за информација за набавка на маски , скафандери, ракавици и дезинфекциони средства, а во последниот период се претвори во потреба за обезбедување вакцини. Моментално се експлоатира процесот на вакцинација и промоција на едни наспрема други вакцини, а можеби во нареден период ќе прерасне во битка за добивање лек .

Муслиу: Со ковид дипломатија големите земји се позиционираат
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:18 0:00
Директен линк

2. Кои држави ја спроведуваат ковид дипломатијата и на кој начин се врши тој медиумски притисок?

Тактиката во пласирањето на лажните вести во почетокот се движеше од потребата за барање виновник за потеклото и ширењето на пандемијата, за подоцна да премине во фаза на хуманитарно-спасителска мисија во која беа содржани елементи на медиумско пропагандно експонирање на давањето донации, кои пристигнуваа со воени авиони на Балканот, но и во други европски држави, а со цел покажување неспособност на владите и создавање конфузија и недоверба кај населението за вистинските вредности на западните демократии и нашите сојузници. А Република Северна Македонија е членка на НАТО и ги споделува и работи на реализација на стратешко-безбедносните приоритети и предизвици. За ваквата активност потребни се регионални точки од каде креаторот на лажните вести, како дел од хибридната стратегија, ќе може да ги прошири во медиумите конкретно мислејќи на нашиот регион, па и на нашата држава.

3. Кога веќе ја спомнавте нашата држава, се чувствува ли тој притисок овде, колку е тој притисок присутен од оваа ковид дипломатија?

Па притисокот е видлив, видлива беше нервоза, многу медиуми известуваа, имаше борба меѓу власт и опозиција со различни настапи, значи тоа се многу елементи кои креаторите на хибридни стратегии го посакуваат. Да се дојде до таква ситуација. Затоа кажувам дека и нашата земја не остана имуна на таквото делување и притисокот врз нашата Влада.

4. Што конкретно Агенцијата за разузнавање презема за да го ублажи тој притисок, кои механизми ги користите?

Агенцијата за разузнавање како и другите служби од појавата на пандемијата, одреден дел од своите капацитети ги насочи во правец , како да и помогне на земјата . Работевме самостојно на терен и разменувавме сознанија со нашите сојузници и партнери за превземањето мерки и размена на искуства во нивните држави за полесно да се справиме и прилагодиме на ситуацијата.
Колку сериозен е нашиот пристап кон овој нов феномен и како ќе работиме во иднина докажува и фактот што во новиот Закон за Aгенцијата за разузнавање кој беше изгласан во јануари, еден од приоритетите за работа е прибирање информации за пандемии на глобално ниво со потенцијал за дестабилизација и влијание врз националната безбедност ова оди заедно со геополитичкото ривалство и државите кои развиваат хибридни стратегии.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG