Достапни линкови

Фармите на тролови со лажни вести „предвреме“ го убија Ковид 19


Македонските „фармите со тролови “ предизвикуваат глобална штета со ширењето на лажни вести за коронависусот. Социјалната мрежа Фејсбук веќе отстранила лажни профили. Македонските власти мора да соработуваат со социјалните мрежи за справување со овој проблем, велат специјалистите за нови медиуми.

„Коронавирусот не постои,“ „Ковид 19 е измислен за да профитира СЗО“, „5Г мрежите го предизвикуваат и шират Ковид 19 “ ова се само дел од клучните лажни вести кои „фарми на тролови“ ги шират на социјалните мрежи. Дел од тие лажни информации потекнуваат од Македонија. Од Фејсбук неодамна детектирале дека такви „фарми на тролови“ кои доаѓаат од Македонија и Филипините ширеле дезинформации од интернет страница „Natural News“, по што од компанијата Фесјбук ги отстранила за спамирање и несоодветно однесување.

Власта призна дека потфрлила во борбата против лажните вести.


Ако нешто погрешивме во врска со пандемијата тоа е дека дозволивме теориите на заговор и лажните вести многу да се прошират кај граѓаните, изјави вицепремерот Бујар Османи на „Топ Тема“ на Телма.

Од министерството за внатрешни работи велат дека во врска со информациите за „фармите на тролови” кои ширеле дезинформации за Ковид 19 меѓу кои имало и профили од македонски корисници и биле деактивирани од Фејсбук, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика испратил барање за податоци со цел отворање истрага.

„Од страна на одговорните лица на социјалнта мрежа Фејсбук побарано е да се достави официјално барање од Основно јавно обвинителство со цел за добивање на кориснички податоци, поради што од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика известено е Основното Јавно обвинителство Скопје со барање за изготвување на официјално Барање за податоци“ е наведено во одговорот на МВР.

Оттаму велат дека законските опции за делување на МВР во овој контекст е да го извести надлежното Јавното обвинителство во врска со ширењето на лажни вести, а потоа Јавниот обвинител доколку смета дека постојат елементи на сторено кривично дело да даде насоки за понатамошно делување.

Но, ова не е прв пат македонски тролови да се познати како споделувачи на теории на заговор и дезинформации.

„Фармите за тролови“ кои како организирани групи чија цел е преку координирани активности да промовираат одредени пораки на социјалните мрежи во земјава се присутни повеќе години.

Специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов вели дека во извештаите на Фејсбук, втор или трет пат како земјава се спомнува како место од коешто се шират, се појавуваат или пак луѓе профитираат на начин што шират глобално лажни вести. Тој посочува дека македонските институции немаат друг избор, освен да се вклучат во глобалната битка и да соработуваат на ова поле, затоа што лажните вести директно ја поткопуваат демократијата и демократските институции. Затоа е потребно да се ловат и секое ширење на неточни и лажни информации и искази, според постојните национални и светски законодавства треба и да се казнува, вели Кардалов.

„Ова не може да се локализира како проблем. Значи не е ова да речеме телефонска централа која ја наоѓаме на одредено место и таа продуцира сообраќај. Ова е глобален проблем и закана и предизвик. Што значи тоа, тоа значи дека треба да се најдат местата каде што најбрзо се шират лажните вести, односно овие фарми на тролови функционираат, тоа се најчесто социјалните медиуми бидејќи имаат голем сообраќај и може да допрат до огромен број на светска популација, објаснува тој.

Кардалов додава дека институциите мора да соработуваат со социјалните медиуми и со другите глобални организации и служби кои имаат надлежност да се борат со ова. Тоа значи дека треба да се биде постојано во контакт со сродните институции, да се разменуваат податоци и да се постапува со цел ваквите работи да се оневозможат.

Во март минатата година Фејсбук објави дека од својата мрежа отстранила илјадници лажни профили од Русија, Иран Северна Македонија и Косово кои манипулирале со јавното мислење. Тогаш посочија дека 212 страници, групи и профили биле со потекло од Македонија и Косово.

„Поединците кои што стојат за оваа активност на лажните профили администрираат страници и споделуваат општи стории од областа на астрологија, познати ликови, и совети за убавина. Тие исто така имаат и мал број на страници во кои се наведува дека ги претставуваат политичките заедници во Австралија, Велика Британија и САД, при што објавуваат и религиозни и политички теми кои се однесуваат на национализам, ислам и политички фигури. И покрај тоа што тие се претставуваат лажно, ние откривме дека овие страници, групи и сметки се поврзани со мрежа на лица кои работата во Македонија и Косово“ беше напишано во соопштението на Фејсбук на 26 март 2019 година.


„Не мислам дека нашите институции ќе ја играат централната улога, бидејќи ова е глобална битка и на крајот на краиштата исклучувањето и вклучувањето на таквите фарми се прави преку платформите на коишто тие ги напаѓаат, меѓутоа и тоа како треба да се влијае со цел да се детектира таквата појава, да се спречи и нешто што многу често го забораваме, а тоа е дека државата мора да едуцира, и да покажува и да објаснува што значи ваквата постапка, бидејќи тоа се луѓе на коишто мораме да им покажеме и објасниме што се случува“, вели Карадлов.

Извршната директорка на здружението на граѓани „Нексус – граѓански концепт“Афродита Муслиу вели дека единствена институција задолжена за превенирање и справување со овие појави е секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, кој е овластен да комуницира со социјалните мрежи Фејсбук и Твитер за да може да им се забрани пристап на профили кои шират лажни вести.Таа додава дека во јули 2018 во земјава е донесена национална стратегија за сајбер безбедност 2018-2022 година за која надлежни се Министерството за информатичко општество и администрација, но во телото членуваат и лица од МО и МВР.

„Но, очигледно ќе треба време системот да профункционира за имплементација на овие активности, а до тогаш, нашата држава како членка на НАТО, ќе треба да се потпира на соработка со сојузниците. Исто така, овде би сакала да додадам дека, и за оваа проблематика се налага потреба од спроведување заеднички активности на Владините институции со медиумите и НВО сектор со цел препознавање и превенирање од пласирање и ширење на лажни вести, преку кампањи за подигање на свеста од опасноста на ширењето на лажни вести и тоа не само кај институциите туку кај целокупната јавност“, вели таа.

Во септември 2018 година, како дел од кампањата „#Бојкотирам“, истражувањето на Атлантски Совет откри користење на фарма на тролови од Виетнам за подривање на поддршката за консултативниот референдумот преку кој граѓаните беа поканети да се изјаснат дали се за влегување на земјата во ЕУ и НАТО со променето име.

„Активноста изгледаше координирана со цел да се создаде лажен впечаток за тоа како јавноста ја гледа и чувствува кампањата „За“, во обид да се смени мислењето на поддржувачите и противниците“, беше наведено во извештајот на на Лабораторијата за дигитална форензика на Атлантскиот совет. Новинарските истражувања на македонски но и светски медиуми, укажуваат дека „фармите на тролови“ во земјава најчесто се добра мешавина од партиска инфраструктура и бизнис интереси. Целта на дејствувањето е креирање на лажни претстави да се влијае врз јавното мислење, презентирајќи се како спонтана реакција на народот. Другата страна на паричката е заработката која „троловите“ ја добиваат до комбинацијата на политичките цели со комерцијална пропаганда од огласи наменети за публика во странство при тоа вклучувајќи се како платеници во промовирање на други содржини како теории на заговори и против вакцинирањето.

Карадалов посочува дека е неопходно да се заштити населението, особено младите од таквата „зараза“ со тоа што државата ќе им покаже начин како легално да се заработува онлајн од платформите кои нудат дизајнерски услуги, продажба, он лајн трговија и слично.

„Да, ние сме сиромашна земја, потребата од егзистенција е голема, меѓутоа дали ќе заработиме на нефер начин или нечесен начин преку ширење на лажни вести или пак ќе заработиме со тоа што ќе станеме ИТ образовани, ќе се посветиме на дигитализација и на вештините на 21 век е голема разлика, а заработувачката ќе биде иста, ако не и многу поголема, ако ја избереме вистинската страна се разбира“, вели Кардалов.

Македонските „фарми на тролови “ станаа познати во светот по велешката група на млади кои ширеа лажни вести во периодот кога во САД се бираше претседателот Доналд Трамп.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG