Родовата еднаквост не била тема за дебата на синодска седница на Македонската православна црква Охридска - архиепископија. Портпаролот на МПЦ Владиката Тимотеј вели дека затоа не може да ја коментира изјавата на неговиот колега владиката Петар, иако не се оградува од ваков став за жените. Владиката Петар во велигденската честитка порача дека земјава ја демне опасност наречена родова еднаквост. Според Владиката, „родовата еднаквост е богохулна, против природна и изопачена теорија“.
„Ние како Црква не сме расправале за тоа, тоа е лично мислење, но не е далеку вистината“ изјави за радио Слободна Европа Владиката Тимотеј.
Тој во кусата изјава посочи дека не ги следел јавните настапи на Владиката Петар и дека нема што да коментира ниту да изразува свои ставови. Но не сакаше да даде објаснување, на што точно мисли, кога вели, не е далеку од вистината.
Владиката Петар во своето видео обраќање, го нарече невкусен транспарентот од осмомартовскиот протест на кој со вулгарен речник имаше порака црквата да ги тргне рацете од женските права. Во својот говор владиката се осврна на феминизмот истакнувајќи дека во минатото, до неговата појава и еманципацијата на жената, таа била сопруга, мајка и домаќинка, а денес, таа е високо еманципирана со забележителни позиции во општеството, но, често и разведена и самохрана мајка.
„На нашето општество молскавично ѝ се заканува уште поопасна, попогубна и поотровна идеологија – родовата еднаквост! Оваа идеологија, односно манипулативна терминологија е богохулна, противприродна, изопачена; Господ ги создаде машко и женско, и сè друго изменето, поинакво и поразлично од Божјото создание е ненормално, а со тоа и неприфатливо“, изјави Владиката Петар.
Во МПЦ може да се забележат и разлики во ставовите во однос на родовите прашања. Во текст објавен на веб страницата на Бигорскиот Манастир посветен на прашањето дали во Црквата постои дискриминација меѓу половите, се вели дека мажот и жената имаат еднаков статус на Божји созданија. Според текстот разликата е во нивната улога, мажите не можат да бидат мајки а жените не може да бидат свештеници. Толкувањето е дека тоа не е дискриминација туку „различна замисла на Творецот во однос на жената и мажот“.
Но ставовите на владиката Петар предизвикаа бура реакции во јавноста и многу асоцијации за родова еднаквост и човекови права ги осудија.
Снежана Калеска Ванчева која е членка на Клубот на пратенички во Собранието, вели дека пред се ѝ е жал што Владиката Петар во 21 век изразува јавно таков став кон родовата еднаквост, за која во Собранието има и посебно тело.
„Ако тргнеме и од она што го кажува Библијата, сите луѓе се раѓаат еднакви и не гледам како може да биде богохулие родовата еднаквост. Сите се раѓаме еднакви и треба да бидеме еднакви во можностите,“ објаснува таа.
Според неа не смее под закрила на традиционални ставови и семејни вредности да се говори за нешто што значи дека некој е помалку вреден од другиот. Смета дека општество во кое не се еднакви граѓаните, не може да биде просперитетоно општество.
„Јас не прифаќам дека сум помалку вредна од било кој маж, затоа што природните разлики со мажите се нешто сосема друго, а родовите улоги ни ги дава општеството. Јас не прифаќам да бидам само жена, мајка и сопруга. Јас мислам дека секоја жена може да биде и треба да биде она што сака“, вели Калеска Ванчева.
Пратеничката смета дека негирањето на нечии права не може да биде оправдано и потсети дека Папата Франциск по повод 8 март организираше конференција за правата на жените.
Лавина реакции на социјалните мрежи покрена изјавата на Владиката Петар. Активисти за родова еднаквост ја осудија изјавата истакнувајќи дека родовата еднаквост бара еднаквост, а не поголеми права.
Не е првпат Владиката Петар да ја разбранува јавноста со неговите изјави кои се противат на женските права, на разводот, абортусот, истополовите бракови. Во 2013 тој од жените побара наведната глава, ги обвини за разводите, и порача дека мора да раѓаат, и во случај бременоста да е несакана.
Невладини организации, политичари, луѓе на интернет бараа МПЦ да се огради од изјавата, коментирајќи дека е средновековна и непригодна за 21 век. Митрополитот Петар како причина за зголемениот број разводи во 2012 година ги посочи жените, наведувајќи дека не сакале да прифатат дека главата во куќата е мажот и жените треба да бидат подвластени на мажот.
Во 2017, тој зборуваше против истополовите бракови, велејќи дека „ако требаше да се мажат мажи со мажи и жени со жени, Господ немаше да ги создаде Адам и Ева“.
Во 2018, во интервју, владиката Петар зборувајќи за бракот и за младите, рече дека „развод на брак треба да следува само во исклучителен случај, односно неверство“. Запрашан, дали жените имаат премногу права, тој рече дека тие често пати сакајќи да покажат дека се рамноправни ја запоставуваат својата улога на жена и мајка. Истата година на верски празник во Битола, порача „кој не сака брак, нека оди во манастир“.
Како влијателен член на Синодот и митрополит Преспанско-пелагониски и администратор австралиски и новозеландски, владиката Петар често е присутен во јавноста со своите изјави, а наскоро се очекува да почне со емитување и нова телевизија што ја основа негова фирма и како што е најавено, треба да биде од забавен формат.
Родовата еднаквост беше тема и пред еден месец, кога невладините реагираа откако епископот Јаков Стобиски на трибина заговараше спротиставување на донесувањето на Законот за родова еднаквост и против сеопфатно сексуално образование.
По изјавите на епископот, МПЦ ниту го осуди, ниту го поддржа ставот на струмичката епархија, велејќи дека немаат доволно информации, па поради тоа ни став.