Достапни линкови

Нема сите исто да се омрсат за празниците


Илустрација - Редица во месарница во супермаркет
Илустрација - Редица во месарница во супермаркет

Празничната трпеза на пензионерите и работниците на минималец ќе биде поскромна, и покрај тоа што месецов добија повисоки плати и пензии. Зголемувањето за нив е минимално, за разлика од платите на функционерите кои се зголемија за 78 отсто. Првите со покачувањето ќе може да си дозволат по кило месо, јајца и малку зеленчук, функционерите, пак, може богато да се почестат.

Со покачувањето на платите и пензиите, пензионерите ќе може да си купат плус кило јагнешко и табла јајца, вработените на минималец по две кила месо и две табли јајца, а функционерите цело стадо.

Пензионерите добија зголемување од 8,4 проценти, минималната плата се покачи за над 12 отсто, а функционерите добија зголемување на платите од цели 78 проценти.

Кој каква трпеза ќе има за претстојните празници?

Најниската пензија во земјава од месецов е 12 илјади денари, или околу 200 евра. Со покачувањето, пензионерите со најниски пензии добија плус 1000 денари. Со парите од покачувањето може да купат еден килограм јагнешко, кој чини 500 денари, табла јајца од 300 денари и по кило домати и краставици кои се по 95 денари.

Минималната плата од овој месец, пак, се зголеми од 18 на 20 илјади денари. За претстојните празници, прво Велигден, а потоа и Рамазан, оние кои земаат минимална плата со парите плус ќе може да си купат на пример 2 килограми јагнешко, две гајби јајца, по два килограми домати и краставици, по замрзнати цени, а ќе им остане и за килограм пиперки.

Пратеничката плата за април 2023 ќе биде покачена за над 46.000 денари, односно вкупната плата ќе биде над 100.000 денари
Пратеничката плата за април 2023 ќе биде покачена за над 46.000 денари, односно вкупната плата ќе биде над 100.000 денари

Месецов се зголемија и платите на избраните и именувани функционери со одлука на Уставниот суд. Но, бидејќи одлуката беше донесена на 21 март, а стапи на сила два дена подоцна, тие во април добија повисока плата само за последните осум дена од месецот. Но, и покрај тоа, на пример платата на пратеник во април била за 16 илјади повисока од претходно. Од следниот месец, кога целата плата ќе им биде пресметана по зголемен коефициент, пратениците, кои досега земаа околу 60 илјади денари или околу 1000 евра, ќе имаат за 46.800 денари повисоки плати. Со тие пари може сериозно да се омрсат.

Драган Стојковски од Скопје, со иронија вели дека, за него не е скапо оти е „функционер“.

„Еве сега Владата ќе ми качи 78 отсто плата, така што немам гајле, воопшто не ме интересира. Инаку, шегата на страна, за наши прилики цените се многу скапи“, вели тој.

Замрзнати цени на овошје и зеленчук - негодуваат и продавачите и купувачите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:19 0:00

Синдикатите велат дека околу 80 илјади вработени во јавниот сектор, што е скоро половина од вкупниот број на вработени земаат плата која е минимална или околу минималната. Тие велат дека покачувањето од околу 2000 денари нема да им биде од голема помош, бидејќи инфлацијата е голема.

„Апсолутно нема да помогне на никој во државата, имајќи ја предвид минималната кошничка која моментално изнесува над 50.000 денари. Тоа значи дека две и пол минимални плати ќе бидат доволни да се прехрани едно четиричлено семејство, без автомобил, според параметрите по кои се пресметува минималната плата“, рече во интервју за Радио Слободна Европа претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски.

Од ССМ велат дека еден функционер со својата плата според новата пресметка покрива две ипол Синдикални минимални кошници, односно со само една своја плата може да покрие основни трошоци за 2,5 семејни домаќинства.

Инфлацијата во земјава во февруари годинава изнесуваше 16,7 отсто, во однос на истиот месец лани. Во Европа, повисока инфлација од Македонија имаат само балтичките земји, Полска и Унгарија.

Просечната годишна инфлација во 2022 година во Македонија изнесувала 14,2 отсто, а храната е поскапена за над 20 проценти.

ВМРО-ДПМНЕ - За граѓаните јајца и пиперки, за функционерите луксуз

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека властите си ги зголемуваат платите во услови кога речиси половина милион жители живеат во сиромаштија.

„Скромно просечно македонско семејство едвај кубури од крај до крај да поврзе во месецот, а тие гледате како се луксузираат, а потоа ќе не убедуваат со јајцата со пиперките, со доматите“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Платата на премиерот, Димитар Ковачевски, ќе изнесуваат 150 000 или околу 2000 евра. Платата на министрите која сега изнесува околу 65 илјади денари, со новото покачување од 50 000 денари, нивната плата ќе биде 115 000 денари.
Платата на премиерот, Димитар Ковачевски, ќе изнесуваат 150 000 или околу 2000 евра. Платата на министрите која сега изнесува околу 65 илјади денари, со новото покачување од 50 000 денари, нивната плата ќе биде 115 000 денари.

По одуката на Уставен суд, властите најавија дека е можно да се коригираат коефициентите и да нема толку високи плати, но засега нема ништо од најавите. Решение ќе се барало со нов закон за плати, но нема рок во кој тој треба да се донесе. Одлуката за повисоки плати се однесува на околу 700 функционери – претседателите на државата, Собранието и Владата, министри, нивни заменици, пратеници, градоначалници, директори на државни фирми. Тие ќе земаат повисоки плати за суми од 800 до 1500 евра.
Претседателот на државата Стево Пендаровски ја критикуваше одлуката за зголемување на функционерските плати. Тој во интервју на 11 април за ТВ Сител, рече дека за тоа му се налутиле од Влада.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG