Достапни линкови

Даночна реформа без нови даноци


Илустрација - Тезга на рибен пазар
Илустрација - Тезга на рибен пазар

Нема да има нови даноци и поголеми давачки. Нема да има прогресивен данок, хонорарците сами ќе одлучат дали ќе плаќаат давачки, за оданочување на екстра профитот допрва ќе се одлучува во соработка со бизнис заедницата. Нема да се оданочуваат парите во банка. Каде е даночната реформа?

Кога последен пат сте јаделе месо од ајкула, кит или делфин? Ако не се пробале досега, отсега ќе биде и поскапо оти Владата најави дека ќе се плаќа повисок данок на луксузни производи. Се зголемува од 5 на 10 проценти. Но, месо од ајкула, па и не е толку скапо. Кумановска месарница продава месо од ајкула по 420 денари за кило жива мера, доколку сакате и да ви ја испечат ќе треба да платите 560 денари. Толку би ве чинело и ако на пример купите пастрмка или пак кило пилешки стек. Статистика покажува дека луѓето во земјава јадат најмногу пилешко, телешко и свинско месо и едвај незначителни количини друго место, меѓу кое и риба.

Во новата даночна реформа богатите нема да плаќаат повисоки даноци. Буџетот ќе може да се полни од парите од хонорарците, но само доколку сакаат да си плаќаат придонеси за пензиско и здравствено. Даночењето на хонорарите би се применувало од 1 јануари 2024. Ќе треба да се направи дигитална платформа на која хонорарците ќе можат да се пријават за да им тече стаж и да имаат здравствено осигурување.

Полнењето на буџетот ќе „падне“ врз грбот на луѓето како Виктор, 30 годишен фриленсер, кој од Македонија работи за странски фирми. Тој и сега и плаќа 10 отсто данок, бидејќи парите му стигаат легално на македонска сметка, а си плаќа и здравствено осигурување.


„Новиот концепт е трул и погрешен. Никој не е луд да плаќа пензиско за систем што е во долгови, се нема пари за пензии и цело време се задолжуваат. Не ми е проблем што ќе ги дадам тие пари, туку што ништо немам од тоа“, вели Виктор, појаснувајќи дека новата даночна реформа нема ништо да му промени.

Социјалдемократи со десничарски методи

Нема да има нови даноци и давачките нема да бидат поголеми, најави премиерот Димитар Ковачевски преставувајќи ја новата даночна реформа.

Данокот на личен доход ќе остане 10 отсто, тој на додадена вредност 18 проценти. Нема да се оданочуваат парите што граѓаните и фирмите ги штедат, а ќе нема ниту данок на реинвеститрана добивка, нешто што беше најавено кога министерот за финансии Фатмир Бесими го промовираше новиот даночен систем пред четири месеци. Сепак, ќе има и некои новини, жените ќе купуваат поевтини хигиенски влошки, оти се намалува ДДВ-то од 18 на 5 проценти на производите за менструална хигиена.

Премиерот вели дека приоритет на даночната реформа е секој да го плати својот праведен удел од данокот.

Нема ниту реформа, ниту праведност, вели Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски истражувања. Отстапките што ги направија само покажуваат дека немаат идеја што сакаат да прават со даночниот систем и со економските политики, вели тој.

„Трагично и жално е што владата не сака да воведе прогресивен данок, иако дојдоа на власт со тоа ветување. Практично со ова кажуваат дека побитни им се богатите, отколку сиромашните. Ние имаме влада што се нарекува социјалдемократска, а всушност ич не ѝ е гајле за сиромашните и работниците“, вели Јовановиќ.

Прогресивниот данок беше еден од столбовите во предизборната програма на СДСМ пред да дојдат на власт, но кратко по воведување на реформата кога дојдоа на власт, ја повлекоа, потоа постојано ја одложуваа, за сега целосно да се откажат од неа.

Владата наведе дека со даночната реформа ќе соберат 70 милиони евра, но Јовановиќ вели дека нема ништо од тоа, оти практично ништо не се менува.

Ако нема даноци, ќе има долгови

Ако не се обезбедат пари од даноци, на државата ѝ останува да се задолжува, но тоа ќе оди сè потешко, оти кредитите на светските пазари се сè поскапи. Во Буџетот за следната година државата планира да се задолжи 1,5 милијарди евра.

„Мислам дека тоа е убедливо најголемо задолжување во историјата на Македонија. Утре кога ќе треба да се вратат тие пари, пак ќе ги вратат сиромашните, не богатите, оти властите во сите изминати години не сакаат да ги даночат богатите“, вели Јовановиќ.

Тој се сомнева дека Владата ќе воведе привремен данок на екстра профит, нешто за што Владата најави дека ќе бара решение во соработка со бизнис заедницата

Од земјите во регионот таков данок е воведен во Грција и во Хрватска.

Се размислува да се воведат и викенди без ДДВ, кога граѓаните ќе може да купуваат основни производи ослободени од данок. Владата во 2020 за празничниот викенд 11-12 октомври имаше ваква мерка, но иако беше планирано да се направи промет од 170 милиони евра, податоците покажаа дека граѓаните потрошиле 8,3 милиони евра.


Македонија малку собира данок, даноците ни се најмали во регионот, но владата не планира да ги зголеми.

Даночната реформа е една од најтешките и најнепопуларните мерки, оценија премиерот Димитар Ковачевски и министерот Фатмир Бесими на прес-конференција на 1 декември.

Македонија има најмали даноци од земјите до регионот, а земјата заостанува и по наплатата на истите и во регионот и е далеку под просекот од земјите во ЕУ. Во 2020 година учеството на даноците во Бруто-домашниот производ бил 16,1 процент, во Албанија над 17 проценти, а во Косово, Црна Гора и Србија над 20 проценти, рече премерот Ковачевски.

Со парите собрани од даноци може да се вложи во економскиот раст и за намалување на сиромаштијата.

Откажувањето од прогресивниот данок го поздравија од партијата во опозиција ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека тоа било нивно барање.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG