Достапни линкови

Оданочување или задолжување


Ивана Велковска, докторантка по економски науки на Економскиот факултет, и авторка на колумната „Оданочување или задолжување“
Ивана Велковска, докторантка по економски науки на Економскиот факултет, и авторка на колумната „Оданочување или задолжување“

Доколку буџетските пари не се заштедат преку консолидација на расходната страна на буџетот, а тоа најтешко ни оди судејќи по високиот буџетски дефицит, ќе мора од некаде да се обезбедат – или преку оданочување или преку задолжувањеа... Авторка: Ивана Велковска

Буџетскиот дефицит се финансира преку јавните приходи собрани со оданочување или пак преку задолжување од страна на државата. Како што нема економија во светот без даноци, така нема ни земја која не е задолжена. Меѓутоа, даночниот товар треба да биде издржлив за економските субјекти, a јавниот долг треба да биде одржлив за државата.

Пандемијата, економската и енергетската криза направија голем притисок врз фискалниот простор, со што јавните приходи се намалуваат како последица на намалената економска активност, додека јавните расходи се зголемуваат поради општиот раст на цените и енергијата. Дополнително, растечките потреби на различните страни во општеството (ранливи бизниси и граѓани) ги зголемуваат трошоците за антикризни мерки, кои најчесто се со ограничени резултати.

Доколку буџетските пари не се заштедат преку консолидација на расходната страна на буџетот, а тоа најтешко ни оди судејќи по високиот буџетски дефицит, ќе мора од некаде да се обезбедат – илипреку оданочување или преку задолжување.

Актуелната власт својот мандат го започна со наратив за праведно прогресивно оданочување како антитеза на даночната парадигма на рамен данок воведен од страна на претходната власт. Во текот на изминатите години срамежливо се кокетираше со овој концепт и истиот со внимателност беше одложуван од година во година, за неделава конечно да биде укинат.

Иницијално, реформата беше осмислена да воведе прогресивност со воведување на нова стапка за персонален данок на доход од 18 отсто за оние со доход над 1500 евра месечно. Бидејќи таквите не заземаат повеќе од 2 отсто од населението, ефектот на редистрибуција од една ваква реформа ќе беше незначителен, а ќе ги засегнеше оние професионалци (програмери, инженери, доктори и сл.) кои најлесно можат да ја напуштат земјата за работа во странство. Флоскулите дека „ќе се земе од богатите за да се даде на сиромашните“ едноставно не држеа вода имајќи предвид дека оние со плата над 1500 евра не се „тие богатите“ кои треба да бидат таргет на една ваква даночна реформа. Од друга страна, со кој образ може државата да бара дополнителни средства од овие плаќачи на данок, додека не се справи со енормната сива економија?

Иако како економист сметам дека секоја земја треба да тежи кон високо ниво на економски раст и развој проследено со прикладно високи даноци и редистрибуција на доходот кон посиромашните слоеви, сепак секоја реформа треба да биде внимателно дизајнирана и воведена во вистинското време. Нема дилема дека периоди на криза не се поволни периоди за зголемување на даноците.

Во септември годинава беше најавено дека наместо преку стапките, ќе се влијае на прогресивноста на даноците преку проширување на даночната основа и ревидирање на даночните ослободувања. Планот беше да се оданочуваат капиталните добивки од хартии од вредност, каматите на штедните влогови, хонорарците, реинвестираната добивка и да се укине максималниот лимит за плаќање на социјални придонеси.

Во последниот извештај на Светска Банка овие реформи беа оценети како добар чекор кон зголемување на прогресивноста во оданочувањето во Македонија. Во суштина, единствено укинувањето на максималниот лимит за плаќање на социјални придонеси, односно плаќањето придонеси на целиот износ на повисоките плати ќе беше некаков чекор кон прогресивност.

Навистина беше спорно како државата сака да ги поттикне инвестициите во фирмите, а истовремено да ја оданочи реинвестираната добивка, сака да го поддржи стандардот на граѓаните но да ги оданочи нивните заштеди, да ги заштити ранливите групи но да земе од хонорарците кои најчесто имаат несигурен извор на приходи. Импактот од оваа реформа ќе беше всушност мал и ќе резултураше со околу 54 милиони евра дополнителни приходи во буџетот. Мал за буџетот, но веројатно не толку мал за засегнатите обврзници, па јавноста со право реагираше и за пофалба е што владата покажа слух за критиките.

Неделава, министерот и премиерот на прес конференција изјавија дека наместо данок, ќе има високи казни за оние компании кои не ја реинвестираат добивката, а користат даночно ослободување (зарем досега не беше така?). Хонорарците не мора да уплаќаат придонеси, но ќе имаат можност да го направат тоа доколку сакаат, нема да се воведе данок на штедни влогови, а ќе се воведат неколку празнични викенди без ДДВ како поддршка за граѓаните

со понизок стандард. Доза на феминизам во оваа етапа даночни реформи е препознавањето на менструалната хигиена како неопходност наместо луксуз, па ДДВ стапката за овие производи ќе се намали од 18 на 5 отсто. Реалноста е дека ефектот од мерките повторно нема да биде голем ни за граѓаните, ни за бизнисите, ни за буџетот, но барем нема да биде штетен.

Владата вели дека не се откажува од напорите за праведно оданочување и зголемување на прогресивноста, но се чини дека како и досега тоа ќе го прави со голема неодлучност. Најавуваат воведување данок на екстра профит на големите компании (се мисли пред сè на енергетските компании) кои профитирале од кризата, а консултации за оваа мерка со бизнис секторот ќе започнат во идно неопределено време. Кога ќе воведат данок на екстра профит? Кога ќе помине кризата?

Другиот главен извор на приходи за буџетот се задолжувањата и јавниот долг не треба да биде табу бидејќи е нормална појава во јавните финансии. Дури може да се тврди дека најзадолжени се токму најбогатите земји. Како што успешните компании имаат повеќе шанси да земат кредит, така развиените економии имаат подобар пристап до финансирање. Меѓутоа одржливоста на јавниот долг се гледа преку неговиот релативен износ во однос на БДП како показател дали економијата може да го сервисира тој долг.

Друг важен фактор поврзан со одржливоста е фактот дека земји со различно ниво на развој имаат различен праг на одржлив јавен долг. Додека европскиот критериум препорачува јавниот долг да не надмине 60 отсто од БДП, овој праг може да е понизок за една мала и релативно неразвиена економија како нашата.

Владата не теши дека оваа година јавниот долг нема да го надмине Копенхашкиот критериум од 60 отсто од БДП. Вистината е дека тоа само по себе не може да биде гаранција дека не сме го надминале прагот на одржливост, посебно затоа што се очекува јавниот долг да расте и во следните години, затоа што глобалната економска ситуација е неповолна и ќе има влијание и врз нашиот БДП и затоа што е спорно дали нашиот буџет е развоен како би можел да генерира раст преку кој ќе го сервирсираме тој долг.

Иако нема сомнеж дека расходите поврзани со социјалната држава се неопходни, посебно во периоди на криза, во еден буџет не смее да изостанува развојната компонента. Тука

повторно се навраќаме на проблемот со капиталните инвестиции, кои иако амбициозно се планираат на почетокот на секоја фискална година, сепак многу оскудно се реализираат.

Неодамна Македонија доби пристап до 530 милиони евра преку Инструментот за претпазливост и ликвидност на ММФ, од кои 110 милиони ќе се искористат во текот на 2023 година. Министерот за финансии не уверува дека годинава задолжувањата се наменети исклучиво за финансирање на инвестициските проекти. Додека можеме да бидеме сигурни дека средствата не се наменети за образование, наука и студентски домови, малку е тешко да се верува дека овие средства навистина ќе завршат како капитални инвестиции имајќи предвид дека нивната реализација е традиционално на незадоволително ниво, а годинава изнесува само 52 отсто.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG