Разбирајќи ја Македонија како земја која претставува спој на сите луѓе, култури и вредности кои делуваат во неа, потпирајќи се на идејно-политичката основа на ВМРО, и нагласувајќи ги заложбите за слободарска Република установена на АСНОМ, како млад политиколог би ги предал своите предци и наследници доколку не проговорам за опасниот национализам затскиен зад европско знаме.
Никој нема право да го менува и оспорува правото на граѓаните на личен и заеднички идентитет - темел на европската култура. Наша задача е да ги откриме и развиваме сите можности за развој на македонската држава. Нашата политичка стратегија мора да биде изградена на принципите - човечност и праведност.
Расправата за природата на балканските националистички политики е неопходен првичен чекор кон нашето разбирање зошто всушност горенапишаното е невозможно да се оствари, барем не‘ од сегашната политичка елита. Германскиот академик Холм Зундхаузен напоменува дека само „заедничката игра на манипулација од елитите и несигурноста на масата му ја дава на национализмот неговата лудост и експлозивна моќ“. Најпосле ќе заклучи дека „политичарите, интелектуалците и новинарите се неговите вистински протагонисти“.
Ваквото научно согледување на национализмот во ХХ век го наведува филозофот Карл Попер да заклучи дека оваа идеологија е ,,побуна против разумот и отвореното општество. Национализмот се обраќа на нашите племенски пориви, се обраќа на страстите и предрасудите, на нашата носталгична желба да се ослободиме од тежината на личната одговорност и да ја замениме со групна одговорност“.
Следствено на тоа, со право можеме да ги опишеме како погубни и назадни чинители во општеството, доколку сакаме да останеме верни на определбата за демократизација на балканските држави и нивна интеграција во семејството на европските народи.
Сиот овој занос го имаше својот завршен чин во серијата шовинистички политики насочени кон македонската самобитност и нејзината определба за слободна република. Секако, ваквите сентименти влечат корени во богатото, но сложено минато на нашиот простор.
Доколку прашате било кој туристички водич од балканските земји тој или таа ќе ви кажат дека секогаш се принудени да кратат и кратат од приказната која се продава. Едноставно на Балканот има премногу историја, па и културна заоставштина за да се свари. Искрено ги разбирам странците добронамерници.
И ние самите биваме впрегнати во бескрајниот шир на илјадагодишна цивилизација која е под нашите нозе. Кога европскиот Запад или Исток граделе нови-класични градби во 19 век, ние сме ги откривале нашите старини од пред илјадници години. Секако богато и вредно наследсво. Но, исто така и тежи. Тежи на плеќите на секое поколение.
И покрај сето ова богатство, нашите предци не беа доволно умешни во создавање на култура на отворени општества и размена на идеи.
Што е исходот?
Денес, како и речиси секогаш во минатото Македонија е во вителот на бурата предизвикана од неразбирање на сложеноста на нашето споделено минато. Кусогледи политичари, недоучени општественици, сомнителни професори софистички пропагираа потпишување на договори со соседите кои не решаваат ништо туку само дополнително ја засилуваат напнатоста.
Првин, не втурнаа во проблематичкиот Охридски договор кој по својата природа ни намена сегрегација и поделност меѓу Македонците и Албанците. Граѓанската држава заедно со идеалите на отвореното општеството беа џитнати на дното на езерото. Ги замени трибализмот на партиските главатари. Богатата историја на соживот со меѓусебно уважување во Македонија дава основа и право тоа да се сочува и надгради. Потребно е силна одважност и презир кон сите кои ги злоупотребуваат разликите, на тој начин затскривајќи ја сопствената немоќ да понудат успешни решенија за заедничка и прогресивна иднина. Надградба на духот на Крушевскиот манифест, како граѓански повик за заедништво и борба за остварување на подобро општество, е новиот македонски манифест за просперитетна Македонија дел од прогресивниот свет.
Потем, огромната служувалка на македонско-грчките односи беше речиси прекуноќ протуркана на соседното Преспанско езеро. Уште еден скандалозен договор кој не реши ништо, освен што дополнително не подели како држава и за долги години ја оштети довербата и пријателството со блискиот народ на Хелада. За жал, последните години се забележува значително намалување на поддршката за евро-интеграцијата кај македонските граѓани, како плод на ваквите практики на домашните политичари. Наша визија се и добрососедските односи базирани на взаемно почитување и соработка, како и еднаквост во правата и обврските.
Најпосле, како врв на кусогледоста потклекнавме пред шовинистички условувања на грст софиски политичари. Македонија е така добро покритие за вашите коруптивни дејанија. Искрено и вие би играле на таа финта. Признајте? Задача и цел на државата е максимално да ги вложи своите институционални капацитети и алатки во функција на поттикнување, помагање, унапредување и развивање на семакедонски анти-шовиниситички фронт кој ќе се спротивстави на анахрони бугарски политики.
Нашиот политички врв е должен ги застапува и штити македонските државни и национални интереси, негувајќи ги европските и универзалните хуманистички вредности. Ваквиот идентетски нихилизам не е само македонски проблем, туку опасен преседан за целиот континтент.
Како скоршено дипломиран политиколог би сакал да ви порачам: Ние не сме заложници на вашите неспоособности! Ние сме нова генерација која има право на свои договори, во духот на европското заедништво. Новата генерација општественици од сите овие земји не ви должи ништо. Нашиот долг е пред се‘ кон слободарските вредности зас кои застанаа нашите предци после Втората светска војна, денес отелотворени во идеите на Европската унија.
И да, знајте дека кога ќе дојде нашето време ќе дојде и до смена на сите овие примитивни и шовинистички договори. Бидејќи никому... освен на олигархиските клики... не се од корист. Најпосле, ни бирократски Брисел не ни е потребен за аминување. Неретко и нивните властодржци застрануваат од идеалите на кои се заколнале.
Ние во преден план мораме да го поставиме човекот т.е индивидуата односно граѓанинот како носител на суверенитетот. Со тоа ќе ги срушиме бариерите помеѓу нас кои нѐ држат во состојба да живееме едни покрај други наместо едни со други.
Можеби ви звучи како фантазија, но ве поттикнувам да размислите во следнава насока. Новата генерација македонски, грчки, бугарски општественици има должност да ги исправи вашите грешки. Во духот на европските слободарски идеи и посветеноста кон отвоени општества можни се многу многу подобри договори. Можно е подобро соседство. Можен е европски Балкан. Сите ние имаме премали разлики споредено со работите кои нѐ обединуваат. Убавината на заедничкиот европслки патриотизам е работите кои нѐ раздвојуваат да ги оставиме на страна, а да размислуваме за тоа што нѐ обединува – тоа е напредокот на секој еден човек!
Да! Може сѐ доколку имате храброст да дејствувате.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.