Достапни линкови

Се менуваат закони за „Бехтел и Енка“ да градат брзо


Поставување камен - темелник на проектот Коридор 8, вицепремиерот Артан Груби и американската амбасадорка Анџела Агелер, 04.04.3023.
Поставување камен - темелник на проектот Коридор 8, вицепремиерот Артан Груби и американската амбасадорка Анџела Агелер, 04.04.3023.

По скратена постапка во Собранието ќе се носат осум закони за да може американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка брзо и без отежнати процедури да ги гради автопатиштата од коридорите 8 и 10. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата и најави суштински амандмани.

За конзорциумот Бехтел и Енка нема да важат одредби од Законите за шуми, за земјоделско земјиште, експропријација, работни односи и уште неколку други за да може изградбата на автопатите Струга – Ќафасан, Прилеп – Битола и Тетово – Гостивар – Букојчани, од Коридорите 8 и 10д да не заглават во процедури и да се изградат во предвиден рок. Изградбата на овие патишта, според првите пресметки треба да чини над 1,5 милијарди евра.

На 10 април пратениците во македонското Собрание изгласаа потреба да се направат измени на осум закони поврзани со изградбата на автопатиштата. Во пакетот закони на кои требаше да им се прават измени беше и Законот за културно наследство, но пратениците го повлекоа. Најголем дел од пратениците од владејачкото мнозинство гласаа измените на законите да бидат по скратена постапка, оти како што повторуваше предлагачот, пратеникот од ДУИ, Арбер Адеми, не станува збор за сложен и обемен закон.

Пратениците изгласаа потреба да се прават измени на Законите за земјоделско земјиште, експропријација, урбанистичко планирање, минерални суровини, работни односи, законот за шуми, за градење и Законот за стратешко партнерство со Бехтел и Енка за градба на автопатиштата.

Што се менува?

Доколку се донесат измените, нема да се плаќа данок за додадена вредност (ДДВ) за изградба на патиштата, односно ни тие ќе плаќаат ДДВ за репроматеријали, ниту државата ќе им плати ним ДДВ за автопатиштата. Конзорциумот ќе биде ослободен од увозни давачки, а ќе му се враќа и акцизата на енергенси. Со тоа што ќе се менува законот за експропријација, нема да се чека одлуката за имотот да стане правосилна како досега. Постапките за одобрување на проект од Законот за урбанистичко планирање нема да важат за изградбата на патиштата, за да може тие брзо и ефикасно да се градат. Ќе се намалат и постапките за пренамена на шума и земјоделско земјиште. Во делот на Закон за работни односи се прават измени со кои се дозволува прекувремена работа подолга од осум часа неделно, односно дневно ќе може да се работи повеќе од осум часа.

Опозицијата обвинува - алармот е вклучен на најјако

Опозицијата обвини дека измените се носат на брзина, „шверцерски“ како што велат, без широка консултација, што фрла сомнеж врз целиот проект.

Пратениците од најголемата парламентарна опозициска партијата ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата и не учествуваат во гласањето измените да се носат по скратена постапка. Нивниот координатор, пратеникот Никола Мицевски вели дека ако се изгласаат измените тоа многу ќе ја чини државата, оти нема да може да ги исполни сите ветувања, па за тоа ќе плаќа пенали.

„Во јавноста алармот е вклучен на најјако. Граѓаните, експертите, медиумите, невладините реагираат гласно и со право. И сè додека во овој, во суштина теоретски добар инфраструктурен проект е обременет со сомнежи и координатори од типот на Артан Груби, сè додека се бира надзор на сомнителен и матен начин, сè додека се доставуваат закони во Собрание од петок за во понеделник и се додека пратениците се потпишуваат, а не владата, ќе провејува фактот дека сомнежите со желба за корумпирање, криминал и матни зделки ќе бидат дел од овој проект“, рече Мицевски.

Координаторот на владејачката партија СДСМ, пак, вели дека чекорите на опозицијата само му штетат на угледот, на, како што вели, најголемиот инфраструктурен проект во последните 70 години.

„Но на крајот на денот сите заедно треба да донесеме одлука, сакаме оваа држава да се развива побрзо, да се развива како што вистински треба, а не од секој проект да измислуваме наводно криминали“, рече Јован Митревски од СДСМ.

Тој вели дека седум од законите што треба да се менуваат се во надлежност на комисии кои ги води опозицијата, па таму може да се зборува за сите аргументи. Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе имаат суштински амандмани.

И Маја Морачанин од ДОМ, партија која е дел од владејачкото мнозинство, побара измените на законите да се повлечат и за нив да има широка дебата, во која ќе учествуваат и граѓански организации, академската фела, експерти, оти како што вели „никој не треба да биде привилегиран и не треба во интерес на брзината да се менуваат толку важни закони.“

„Ова не е најдобар начин да се менуваат овие закони. Мислам дека целиот процес мора да биде потранспарентен и поинклузивен“, рече Морачанин.
Од партијата Левица се противат на измени на законите, оти како што велат со нив „буквално, ќе можат да градат каде сакаат и кога сакаат, под штитот наречен „особен интерес“.

За закон да стапи на сила мора указот да го потпише претседателот на државата. Претседателот Стево Пендаровски рече дека негов тим ја следи дебатата и тоа што ќе излезе како конечен продукт пред да го потпише указот.

„Во однос на процедурата мислам дека иако одат по скратена постапка, не се со европско знаменце и ќе има доволно време и за опозицијата да поднесе амандмани, да се вклучи во дебатата и да имаме аргументирана расправа како што доликува за овој важен сет закони“, рече Пендаровски.

Протест на МАД и ИКОМОС против измени на Законот за заштита на културно наследство

Пред пратениците да изгласаат потреба законите да се носат по скратена постапка пред Собранието имаше протести. Македонското археолошко друштво (МАД) и ИКОМОС Македонија апелираа пратениците да ги блокираат предложените измени на Законот за заштита на културното наследство. Според нив доколк се донесат измени непромислено и свесно ќе му наштетат на културното наследство со катастрофални последици. Веднаш потоа на седницата пратениците го повлекоа овој закон.

Претставниците од Македонското археолошко друштво (МАД) и ИКОМОС Македонија одржаа протест пред Собранието.
Претставниците од Македонското археолошко друштво (МАД) и ИКОМОС Македонија одржаа протест пред Собранието.

Олеснета градба на автопатишта

За да избегне одолговлекување во изградбата, владата реши автопатите од коридорот 8 и 10 да ги прават по принципот „клуч на рака“, односно наместо на тендер, директно да се преговара со турско-американскиот конзорциум Бехтел и Енка за изградба на автопати, тие да си изготват физибилити студија, и целосно да го изведат проектот.

Четирите автопатски делници – три од коридорот 8 - проширување на автопатот Тетово – Гостивар со по уште една лента, па автопат од Гостивар до Букојчани и автопат Струга – Ќафасан, како и дел од коридорот 10, односно автопат од Прилеп до Битола, ќе чинат 1,3 милијарди евра. Претставници на институциите брифираа дека за експропријација на земјиште се предвидени дополнителни 238 милиони евра буџет кои не влегуваат во оние 1,3 милијарди евра.

Предвидено е втопатите да бидат изградени за 4 години и 7 месеци. Во пракса, фирмата треба „во од“ да прави проект за изградба и паралелно да работи на терен на 4 делници за кои ќе треба да експроприра земјиште од кое 55 проценти е во приватна сопственост.

Владата постојано повторуваше дека овој начин на изградба ќе ги даде најбрзите и најоптимални резултати.

Владата донесе закон за склучување договор во четири очи со Бехтел и Енка за изградба на автопатите.

Антикорупциската комисија се противеше, но Собранието го изгласа законот во јули 2021 година.

Потоа Антикорупциска го оспори законот пред Уставниот суд, но судот во декември 2021 реши да не поведе постапка, со образложение дека не го повредува владеењето на правото и нема ризик од корупција. Во јули 2022, Уставниот суд укина еден член на законот кој предвидуваше работниците на автопатите да може да работат 60 часа неделно. Работната недела во Македонија трае 40 часа.

Договорот го следеа и низа скандали со избор на фирмите за надзор.

Бехтел е најголемиот американски контрактор по приходи, додека глобално се трети. Имаат 54.000 вработени во речиси 40 земји. Градат големи инфраструктурни проекти ширум светот, а во регионот градеа неколку автопати, а некои ги следеа контроверзии. Ги градеа автопатите во Косово, Албанија, потпишаа договор за „Моравскиот коридор“ во Србија.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG