Во низата прашања и проблеми кои ги мачат жителите на скопската општина Аеродром, веројатно едно од помалку важните е дали и каде ќе се постави споменикот на контроверзниот лик Андон Лазов - Ќосето. По неколкугодишно мирување во магацинот на една скопска фабрика, споменикот, кој беше поставен пред судовите во 2014 година, а отстранет пред 5 години со образложение дека бил дивоградба, сега добива можност повторно да се исправи пред жителите на скопската населба Лисиче.
Одлуката за поставување на споменикот таму ја донесе Советот на општина Аеродром откако иницијативата што ја поднесе Левица ја поддржаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ. Последниот збор за евентуалното преземање на споменикот и негово натамошно поставување ќе го има Собранието до каде што е испратена оваа одлука на Советот на општината.
За Татјана Т. која живее во населбата Лисиче, дебатата за споменикот е беспредметна. Таа смета дека има многу поважни прашања кои општината треба да ги решава.
„Јас сакам да прашам дали планираат да ги исчистат шахтите некогаш? Не се влегува дома од смрдеа од канализацијата, а тие расправаат за споменици. Немаме клупи кај да седнеме, ама затоа во паркот споменик ќе ни стават“, вели Татјана.
Таа е една од многуте жители на општината кои сметаат дека дебатата за споменикот се прави за дефокусирање на вниманието на јавноста од другите поважни теми.
„Не знам како да го разберам ова што се прави. Наместо да го решат сообраќајниот хаос кој се случува секое утро кај ОУ „Блаже Конески“, тие расправаат каде да постават споменик. На луѓето им е поважно да имаат улици, а не споменици“, вели нејзината сожителка Ана.
Реакции од граѓаните има и на социјалните платформи.
„Е многу убаво, корпи за отпадоци немаме, ама затоа споменик ќе имаме“…
„Браво за парковите и уредувањето во општината, ама безбедноста ни е најважна. Треба да се обележат улиците со легнати полицајци во близина на училиштата, а дури потоа да се разговара за споменици“…
„Ајде што згради уште пред врата не никнале, па сега уште споменици да почнеме да собираме“... се дел од реакциите на граѓаните на социјалните мрежи.
Дека има поприоритетни прашања за кои треба да се разговара се согласува и претседателот на Советот на општина Аеродром, Дејан Митески. Тој вели дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја прифатиле иницијативата на Левица зошто не гледаат ништо лошо во тоа.
„Се согласувам дека има многу поважни работи во државата за кои треба да се разговара. Но, не гледам зошто не би требало да се поддржи и една ваква иницијатива. Се работи за дониран споменик, општина Аеродром не би имала никакви финансиски трошоци за поставување на споменикот имајќи предвид дека таа нема директна надлежност за поставување спомени од национално значење, туку тоа го прави Собранието. Нема тука никаква позадинска намера или скриена порака што сакаме да ја пратиме“, вели Митески.
Темата ја актуелизираше скопската градоначалничка Данела Арсовска, која прво побара од општина Центар да даде согласност за почнување постапка согласно која би почнала процедурата за враќање на Ќосето на истата локација од која беше тргнат. Од таму одговорија дека барањето го доставила на погрешна адреса, односно дека треба да добие согласност од Собранието.
Во целата дебата за споменикот и местото каде да биде поставен граѓанските активисти препознаваат политички инает и одмерување на силите меѓу партиите.
„Сигурно на никого во Лисиче не му дошло до тоа дали ќе има споменик на Ќосето или не во близина. Но, тука се работи за мерење на политички сили во пресрет на изборите догодина, со што ВМРО-ДПМНЕ практично и докажува на владата на СДСМ дека еве ништо не можете, дури и едниот споменик што ни го тргнавте, сега еве ќе го вратиме. Типично докажување на сила, целата приказна е смешна“, вели граѓанскиот активист и историчар на уметноста, Никола Писарев.
Иако не е изненаден од тоа какви се теми се во фокусот на дебатата на општинските совети, потенцирањето на прашања што не се приоритет за граѓаните, би можело да предизвика контраефект кај идните гласачи.
„Ако ги погледнеме статистиките со одзивот на гласање, може да видиме дека тој процент на излезност паѓа. И можеби целта е баш таа, да се храни само партиската структура. За да се случи тоа мора да креирате конфликт, а ние сме токму на тоа ниво. Наместо да разговараме за решенија против корупција, криминал и сл. прашања, ние дебатираме за споменици исто како кога пред 100 години дебатирале за тоа каде да се постави селската камбанарија“, вели Писарев.
Споменикот на Ќосето беше отстранет кога градската власт ја презеде Петре Шилегов во 2018 година. Ќосето беше прв споменик од проектот Скопје 2014 година што беше отстранет, а градоначалникот Шилегов ја стопираше и изградбата на 95 фасади, кои требаше да добијат нов барокен лик. Официјалното образложение за отстранувањето беше дека е поради тоа што се работи за дивоградба.
Од друга страна пак, уште кога беше поставен пред 9 години споменикот предизвика поделени реакции во јавноста околу ликот и делото на Ќосето. Дел од историчарите сметаат дека се работи за револуционер и еден од најверните соработници на ВМРО-ДПМНЕ, а други дека станува збор за сериски убиец кој го ликвидирал и сопствениот брат.