„Уште колку треба во Шутка да одаааат, толку нема место“ – реагирал со овој пост на нашата ФБ страница, и со Смешко што дури со солзи се смее, Зенит Адеми на информацијата дека Орце Камчев е приведен и му е определена мерка притвор поради сомневања на Агенцијата за национална безбедност дека се подготвувал за бегство.
По Мијалков и Камчев во притвор
И Мими Дичоска Арсова е загрижена со немањето место во затворот: „Мал е капацитетот во Шутка за сите“. А Тони Тошевски им порачува: „Земете ги дома“.
Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, во видео обраќањето на својот ФБ профил објави дека за десет дена се попишале околу 50.000 граѓани од дијаспората, а Сашо Фарина Улушев прашува: „А како се пишаа држава... НАШАТА ЗЕМЈА... НАЦИОНАЛНОСТ... азилант...“ Горан Новко смета дека „ПОПИС НЕМА“, а Кемал Џафероски коментирал: „Тука нема народ, највише има арамишта на владава, собрание, министри, сите останале за лапање во оваа мала Мк, паметните избегале од Мк“.
На утринската панел дискусија на Тиранскиот економски форум на темата „ЕУ и Западен Балкан: исполнување на долгоочекуваните ветувања“, што заради пандемијата се одржала онлајн, како што соопшти Владината прес служба, премиерот Зоран Заев покрај другото изјавил дека и по „16 години откако како прва земја во регионот го потпиша Договорот за стабилизација и асоција во 2001 година, сѐ уште сме во чекалната на ЕУ“. Сашо Стаменковски коментирал: „Немој у чекална, треба дистанца да држиме, пред врата ќе чекаме“, а Горан Казиовски предвидува: „Кога ќе се распадне Европа, е тогаш ќе нѐ примат“. Марија Митко Караиванов постирал свое објаснување: „Немој премиере да бараш виновници во други... вистината и врапчињата ја знаат. Тие браќата на Каракачов се најголемите непријатели на Македонија. Се утепаа лобирајќи кај нивните сестрински партии во Европскиот парламент за да не нѐ примат во ЕУ. Ти заврши ги реформите на павосудството. Ако досега ги затвореше истите тие кои сега лобираат за да не добиеме датум... затвор и проблемот е решен. Европа всушност тоа и го бара“.
„Што правиме и што не треба да правиме или како да се реши проблемот со Република Бугарија?“ – пишуваат во колумна за РСЕ копретседателот на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања и нејзиниот член, Драги Ѓоргиев и Петар Тодоров. Иван Кусиников, веројатно незадоволен од нивните ставови, на нашата ФБ страница прашува: „Овие се членови на македонската или блгарската комисија“, а Петар Петровски смета дека „За Македонија не се преговара, тој што преговара е предавник“. Угрин Никола препорачува: „Вакви ʼпроблемиʻ не може да се решат. Секој си има свој идентитет, јазик, историја, култура... Ако некој сака да ги има истите тие работи нека се асимилира, нема решение...“ и продолжува со непримерен јазик што нема да го цитираме.