Повици за заедништво и за надминување на поделбите се редовна пракса во говорите на политичарите за време на прославата на 2 август. Но, реалноста е поинаква, бидејќи со години власта и опозицијата не се сплотени, а поделени се и граѓаните. Извесно е дека заедничко чествување со Бугарија нема да има и покрај неодамна потпишаниот билатерален протокол меѓу двете земји.
На 2 Август се одбележуваат годишнините од почетокот на Илинденското востани, кренато во 1903 и заседанието на АСНОМ во 1944, кога биле поставени столбовите на државност.
Одбележувањето на празникот e на три локации - Крушево, Пелинце и Скопје, за кои секоја година се менуваат претседателот на државата, претседателот на Собранието и претседателот на Владата според системот на ротација.
Премиерот Димтар Ковачевски, како што соопшти Владата, годинава ќе се обрати на свеченоста која ќе се одржи на Мечкин Камен во Крушево.
Претседателот Стево Пендаровски ќе биде во Скопје, со оглед на тоа дека лани беше во Крушево, а во 2020 во Пелинце.
На Пелинце ќе оди претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се уште нема договор каде партијата ќе го прослави празникот. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на ланското одбележувањето на Денот на Републиката повика на обединување против власта.
Мицкоски беше поканет од Пендаровски да присуствува на прославата во Крушево, но тој празникот го одбележи во Ташмаруништа кај Струга и настанот на Мечкин Камен го нарече „циркуски церемонијал“.
Пендаровски неговата изјава ја нарече „длабока навреда“ и рече дека жали за одбивањето на поканата која била негов „искрен обид“ за надминување на политичките разлики барем за Илинден. Делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од потпретседателот на партијата Александар Николоски присуствуваше во Крушево.
На политичарите им одговараат поделбите и тоа го гледаме години наназад, вели Александар Цветковски од невладината организација АГТИС чија мисија е имплементација на европските стандарди во општеството.
„Ја пумпаат таа атмосфера. Меѓупартиски исто така. Народот не знам уште колку може да се подели и да се продлабочи таа поделба. Таа е веќе тотална. Се гледа. Дури и на улиците се случува. Луѓето се препознаваат како приврзаник на оваа партија, на онаа партија и тука нема слободно размислување што рекле партиите тие како папагали ќе повторуваат. Значи критична маса има многу малку која може да се издигне над сето тоа“, смета Цветковски.
Тој додава дека во една бесперспектива и кога има огромно ниво на разочараност од власта која триесет години не се знае каде и како не води нема да изненади една прослава на празник да биде високо ризичен настан.
„Едноставно никој не сака и не може да застане на поделбите. Премногу сме сееле ветер, а сега жнееме бура“, посочува тој.
Во протоколот по кој Бугарија го тргна ветото за Северна Македонија за отпочнување на преговори за членство во ЕУ, се предвидува дека „двете држави во 2022 и 2023 да ги чествуваат сите заеднички историски настани и личности кои се веќе договорени од Заедничката експертска комисија за историски прашања, а ако има политичка волја од двете држави, ќе се прославуваат и други заеднички историски настани и личности“.
Комисијата досега даде препораки за заедничко чествување на Цар Самоил, браќата Кирил и Методиј, Свети Климент и Свети Наум Охридски. Заедничкото чествување нимаше и на одбележувањето на 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, а комисијата за него нема постигнато договор.
Цветковски очекува реториката за време на празникот да се заостри, а истото, според него, го прават и бугарските политичари борејќи се за власт.
„Одговорот лежи во огромниот колач, кој партиите кога ќе дојдат на власт, го имаат за да го украдат. Значи сепак мислам дека корупцијата, криминалот, ни е главниот двигател на таа беспоштедна борба за власт во која дури и најсветите прашања не се свети за на функционерите да им овозможи уште 4 години да седат во столица“, додава тој.
На 2 Август 1903 година Македонците и другите народи се кренаа на востание против Отоманската Империја и ја формираа Крушевската Република. Поради тоа Илинден е познат и како Денот на Републиката.
Еден од најавтентичните настани за празникот е традиционалното пристигнување на коњаниците од Скопје во Крушево, местото каде во 1903 година беше воспоставена Крушевската Република по битиките против Отоманската војска, која траеше кратко.
По 41 година од Илинденското Востание во Манастирот Св. Прохор Пчински беше одржано и Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), кога беше потврдена рамноправната положба на Македонија во рамки на федералната држава Југославија.