Достапни линкови

За власта ова е историски ден, за ВМРО-ДПМНЕ почеток на бугарски уцени


Почеток на скрининг процесот, Брисел 19.07.2022
Почеток на скрининг процесот, Брисел 19.07.2022

Владејачката коалиција, партите кои гласаа за францускиот предлог и претседателот на државата упатија честитки откако во Брисел денеска се одржа политичката меѓувладина конференција со ЕУ. За нив ова е историски ден. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека Албанија е таа кога почнала преговори, додека земјава добила само свеченост и почеток на бугарски уцени.

Македонија доби само свеченост во Брисел, и откако ќе се врати дома ќе треба да ги исполни уцените на Бугарија, коментира пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

Тој на прес-конференција во Собранието рече дека власта со пи-ар пропаганда се обидува денот да го претстават како некој голем успешен ден, но, како што вели, се гледа дека се срамат од тоа што го прават. Милошоски вели дека ако денот е историски, како што тврди власта, треба да се прослави на плоштад со народот, а не политичарите од владејачката коалиција вечер да одат во Клубот на пратеници на затворена прослава.

„Во Брисел денеска имаме две држави, од коишто едната Албанија реално ќе ги започне преговорите со отворање на реална меѓувладина конференција и Македонија која што ќе има свечен ручек и фотографија и нема да ги започне преговорите, туку ќе се врати дома за да ги исполни уцените и барањата од Бугарија како предуслов за некогаш по година, две или покасно да ги започне преговорите со ЕУ, изјави Милошоски.

Државата, според Милошоски, од денес па натаму влегува во еден лавиринт каде што историјата и минатото ќе бидат многу поважни од сегашноста, иднината и европските стандарди како за секоја нормална земја која се стреми за членство кон ЕУ.

Одговарајќи на новинарско прашање, Милошоски, рече дека Уставот нема да се смени по однос на прашањето со Бугарија.

За власта преговорите со ЕУ се веќе почнати

Власта, пак, упати честитки откако денеска во Брисел се одржа првата меѓувладина политичка конференција на ЕУ и Северна Македонија, со што е означен почетокот на скрининг процесот. Скринингот би требало да трае година и половина, а по негово завршување предвидена е и втора Меѓувладина конференција на која треба да се комплетира фазата за отворање на преговорите, меѓутоа, нејзиното одржување е условено со внесувањето на Бугарите во Уставот.

Од владејачките СДСМ и ДУИ им честитаат, за како што наведуваат, почетокот на преговорите со Европската унија. Пратеникот Мартин Костовски од СДСМ на прес-конференција рече дека денеска е историски ден за земјава.

„Ги заштитивме македонскиот јазик, идентитет и посебност, во ЕУ ќе се интегрираме како Македонци кои зборуваат македонски јазик. Со ова, пропаднаа во вода сите лаги што со месеци ги слушавме од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Денеска никаде го нема, ниту да се извини пред граѓаните ниту да честита за почеток на преговорите“, рече Костовски од СДСМ.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети преку Фејсбук упати честитки за започнувањето на новото поглавје.

„Европа е нашиот дом и немавме друг избор и покрај препреките низ кои поминавме... Ја користам ова прилика да им честитам на сите наши граѓани за почетокот на преговорите за членство во Европската унија, со што ќе ви обезбедиме јасна перспектива, безбедност во земјата и регионот како и пошироко, а со една единствена цел за поголема благосостојба за идните генерации“, напиша Ахмети на Фејсбук.

Објавата на Ахмети е дополнета со фотографии од него и од министрите од ДУИ, кои беа во Брисел.

Честитка упати и претседателот на државата Стево Пендаровски.

„И покрај предизвиците со кои се соочувавме низ годините, граѓаните ја одржаа поддршката за исполнувањето на нашата европска агенда“, напиша претседателот на државата Стево Пендаровски на неговиот фејсбук профил.

Тој вели дека државата ја чека напорна работа, вложување на целокупните општествени и институционални капацитети за понатамошните фази на процесот на преговори.

Претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села вели дека отворањето на преговорите и членството во ЕУ се од витално значење за земјава. Партијата е во опозиција, но гласање за заклучоците за францускиот предлог за интегрирање во ЕУ. Но, на листата на оние што гласале го немаше Села. Тој честиташе и на Албанија за почетокот на преговорите.

Првата меѓувладина политичка конференција на Северна Македонија со Европската унија е прв чекор пред старт на преговорите за полноправно членство на земјата во ЕУ. Во исто време започнува скрининг процесот со кој ќе и се овозможи на земјата да се запознае со правата и обврските во ЕУ.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG