Повици за заедништво и за надминување на поделбите, истакнување членството во НАТО и плановите за интегрирање во ЕУ, економските предизвици, напорите за правна држава и борбата со пандемијата на ковид-19 се најдоа во говорите на политичкиот врв за одбележување на Денот на републиката. На 2 Август се одбележуваат годишнините од почетокот на Илинденското востани, кренато во 1903 и заседанието на АСНОМ во 1944, кога биле поставени столбовите на државност. Годишното чествување помина без масовни собири и со почитување на здравствени протоколи за заштита од ковид-19.
Пендаровски - Без правда државата не може да оди напред
Претседателот на државата Стево Пендаровски, кој оваа година се обрати од Пелинце, каде се наоѓа Меморијалниот центар „АСНОМ“, зборуваше за предизвиците со кои се соочуваат државата и за достигнувањата со членството во НАТО и преговорите со ЕУ. Претседателот вели дека денешната битка е да се обезбеди достоинствен живот за луѓето во нашата земја, а не надвор од неа. А за тоа мора да има правда и слобода, оти, ако нема правда, државата нема да напредува, вели Пендаровски.
„Следната влада ќе ја нема комоцијата да не и бидат поставувани тешки прашања во првите 100 дена. Актуелните трендови со вирусот, нема да дозволат целосно враќање на економијата во погон, а економските проблеми секогаш носат нестабилност и граѓанско незадоволство. Многу порано пред да ги започнеме преговорите со ЕУ, ќе мора да почнеме со практична имплементација на идните правни реформи и да ја интензивираме борбата против организираниот криминал и високата корупција. Новата Влада ќе има една друга комплексна задача, особено после ваква изборна кампања во која беа изречени тешки обвинувања и лични дисквалификации кои дополнително ги продлабочија поделбите меѓу граѓаните“, истакна Пендаровски.
И во овој говор, претседателот се осврна на помирувањето, кое како што вели е потребноповеќе од кога било. Тој очекува во остарување на таа цел поддршка од новата влада и од опозицијата
„Сечија етничка и партиска припадност мора да се почитува без исклучок, меѓутоа партизирањето и етнизирањето на институциите го поткопува нивниот демократски капацитет и легитимитет и на краток и на долг рок. Тогаш кога ќе научиме дека политиката е битка на идеи, а не борба на живот и смрт и дека од промената на власта не смее да зависи остварувањето на правата и слободите на секој граѓанин дури, тогаш ќе имаме вистински демократска држава, посочи претседателот“, порака претседателот од Пелинце.
Спасовски - Илинден и АСНОМ се симболи на заедништво, а не на поделби
Премиерот Оливер Спасовски во обраќањето на скопската тврдина Кале рече дека борбата на Илинденците, а потоа и на партизаните ја овозможиле денешната држава, која е членка на НАТО, земја на пат за членство во ЕУи земја која меѓународната заедница ја прогласи за најуспешна приказна на Западен Балкан во последните три години.
„Ова се резултати на победи на сите нас. Затоа оваа година го прославуваме Денот на Републиката под слоганот „Победа за сите“, и започнавме да го чествуваме со почести пред споменикот на Слободата „Сила слава и победа“. Победа за сите нас, затоа што Илинден и АСНОМ се симболи на заедништво, а не на поделби. Денес славиме празник за подобро утре на оваа и на сите наши идни генерации како завет дека ќе продолжиме заедно нашата вековна иднина“, рече Спасовски.
Тој во говорот рече дека Македонија треба да се гради како граѓанска држава која ќе биде слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници, едно општество за сите.
Извици „Никогаш Северна, само Македонија'“ во Крушево
Во Крушево, каде што настаните се одбележаа под покровителство на републичкото Собрание, собраниската делегација ја предводеше потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој требаше да ја предводи делегацијата, не го стори тоа поради здравствени причини.
Мисовски во својот говор се осврна за битката со ковид-19, од која, како што вели, ќе излеземе со повеќе искуство и посолидарни. И тој се осврна на европската перспектива, членството во НАТО, а нотираше и дека на земјата и се потребни функционални институции.
И годинава на прославата во Крушево, група граѓани довикуваа „Никога Северна, само Македонија“.
Џафери упати честитки за празникот, во која наведува дека на овој ден се потсетуваме на двата Илиндени, во исклучително време на предизвици.
„Посакувам што побрзо, преку почитување на мерките, разум и добро однесување, да го надминеме и предизвикоткКовид-19 и секој празник да го одбележуваме масовно, сплотено, слободно“, порача Џафери.
Денот на Републиката се одбележува под маски
Денот на Републиката 2 Август, поради епидемијата се чествува без масовни собири и културно-уметнички програми и со здравствени протоколи за заштита од ковид-19 кои ги утврди Комисијата за заразни болести. „Победа за сите“ е заедничкиот лајтмотив на свеченостите кои денеска се одржуваат во Крушево, Пелинце и во Скопје.
Нема масовни собири и културна уметничка програма, а учесниците на одбележувањето на настаните носат заштитна маска и одржуваат потребно растојание меѓу себе.
Пораки од партиските лидери
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев преку статус на социјалната мрежа Фејсбук им го честиташе празникот на граѓаните.
„Горди на славното минато, уште порешително чекориме кон светлата иднина – Северна Македонија почитувана држава, полноправна членка на НАТО и проговорач со ЕУ“, напиша Заев.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од село Ташмаруништа, Струга, рече дека наследството од минатото не задолжува да ја одбраниме слободата секогаш кога таа ќе биде нападната.
Тој во говорот не ги спомна со име политичките конкуренти, а како што рече, се осврна на многу посуштествени работи кои стануваат сериозни проблеми во земјата.
„Поентата е таа дека државата сериозно скршнува од патот на илинденските идеали и дека сето тоа е со намера за да народот биде во апатија и мисли дека сите сме исти. А не сме. Вистински не сме, затоа што тие што се исти последниве недели ги видовме на купче собрани. А денес оние кои се товар во ВМРО душмански жестоко се обраќаат кон ВМРО“, рече меѓу другото претседателот на ВМРО – ДПМНЕ.
Мицкоски се извини на грешките на ВМРО-ДПМНЕ во минатото
Мицкоски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ му се извини на народот за сите грешки и неправди кои некои лица од партијата ги имаат направено бидејќи, како што рече, тие во ВМРО гледаат личен интерес, а тој во ВМРО-ДПМНЕ гледа кауза.
Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети, преку порака на Фејсбук рече дека Крушевскиот манифест од 1903 година е обединувачка дефиниција за заедничка држава исто колку и Охридскиот договор во 2001 година.
„Наметнатите предрасуди сè уште постојат и денес, и претставува обврска за сите нас да работиме кон нивно отстранување со презентирање и прифаќање на неискривената вистина за сите тековни и историски процеси на нашата заедничка мултиетничка и мултикултурна земја, напиша Ахмети на Фејсбук.
И други партии, организации, групи на граѓани испраќаат честитки до јавноста за Денот на републиката.