Достапни линкови

Говорот на Пендаровски, градење мостови или празни зборови


Годишно обраќање на претседателот Стево Пендаровски пред Собранието
Годишно обраќање на претседателот Стево Пендаровски пред Собранието

Претседателот Стево Пендаровски во годишното обраќање пред пратениците и порача на следната власт веднаш по изборите да спроведе прочистување во судството, но и кај политичарите. Опозицијата пак е разочарана од говорот затоа што, според неа, Пендаровски не го напуштил партискиот дрес.

За секој функционер за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер треба веднаш да следи не оставка, туку кривична постапка, порача денеска претседателот Стево Пендаровски во своето годишно обраќање пред пратениците во Собранието. Тој побара од следната власт веднаш по изборите да спроведе прочистување кај судиите и кај обвинителите, но прво кај политичарите.

„Безмалку три децении сме независна држава, а ниту еден висок политичар или преку ноќ збогатен бизнисмен нема завршено зад решетки, а таму требаше да завршат многу повеќе од еден. Општа е перцепцијата кај граѓаните дека само сиромашните и луѓето на маргини, без релација со некоја власт одговараат дури и за багателни кривични дела“, рече Пендаровски од собраниската говорница.

Пендаровски: Ниеден политичар или преку ноќ збогатен бизнисмен не заврши зад решетки
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:17 0:00

Според него, врв на лошите состојби во судството беше аферата „Рекет“ во која меѓу обвинетите за тешки кривични дела се најде и првата личност на институцијата која беше формирана со една единствена цел - да ги гони криминалците.

„Во редица судски процеси не видовме завршница. Некои од најголемите правни случаи застареа на очиглед на сите, а креаторот на режимот избега и од правдата и од државата и при тоа ниту една институција не кажа јавно како такво нешто е воопшто можно“ додаде тој.


Пендаровски имаше и забелешки за помирувањето, затоа што како што вели, старите поделби по етничка и партиска линија не се надминати.

За опозицијата таквиот говор на претседателот е само празни зборови и неисполнување на ветувањето за градење мостови. Според опозицијата, Пендаровски со тоа што не ги напуштил партиските бои само придонесува за продлабочувањето на поделбите.

„Очигледно дека не е излезен од чевлите на СДСМ, очигледно е дека покомотно се чувствува кога ги зазема ставовите на партијата. Чувме многу празни зборови, но не слушнавме ништо конкретно. Чувме дијагнози, но не чувме лек и конкретни решенија, слушнавме оправдувања и релативизирања за погрешните политики на власта,“ изјави пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, пратеникот од СДСМ Хари Локвенец вели дека за голем дел од говорот може и да се сложат со претседателот, но додаде дека вината за нерешените проблеми е во опозицијата.

„За дел од работите можеме да се сложиме како кога претседателот вели дека има многу работа особено имајќи го предвид кочењето на процесите од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Во однос на помирувањето тој процес го иницираше премиерот Заев, започна овде во Собранието. На тој процес треба да му се даде целосна поддршка,“ изјави Локвенец

Димовски, пак, истакна дека како опозиција се конструктивни и дека досега за многу закони и процеси покажале оти подале рака за помирување, а денеска покажеле и почитување на Пендаровски како претседател.

Пендаровски во својот говор посочи и неколку иницијативи како што е серија средби со навивачки групи во кои се активни млади со различна етничка припадност, потоа надпартиски стратегии за справување со последиците од аерозагадувањето и од иселувањето на младите како и за забрзан развој. Димовски пак смета дека од Пендаровски не слушнале ништо во однос на неговите последни изјави за Гоце Делчев и иселувањето на младите.

„За неколкуте идеи што ги соопшти, мора да кажам дека нема никакви консултации со пратениците и опозицијата што само потврдува дека тој не успеал да излезе од партиските чевли на СДСМ“, рече Димовски.

Албанската опозициска Беса е задоволна од како што велат избалансираниот говор на претседателот

Од ДУИ пак само се осврнаа врз делот од говорот на претседателот за законот за јазиците за кои Пендаровски истакна дека треба да се направат сите неопходни корекции. Тие сметаат дека на државата и е потребно време за да ги изгради потребите капацитети, но и апелираа до него да ја исполни процентуалната застапеност на малцинските групи во неговиот кабинет.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG