Случајот познат во јавноста како “Рекет 2“ влегува во финалната фаза во Јавното обвинителство, a обвинението, според најавите на обвинителката Вилма Русковска се очекува во јануари. Потпретседателката на Собранието и пратеничката од СДСМ Фросина Ременски по давањето исказ во Обвинителството рече дека добила решение оти истрагата за неа е завршена.
„Дадовме одговори и појаснувања за прашања кои можеби биле причина за отворање на истрагата и секако ги расчистивме сите прашања кои се во тој контекст како дилема на јавното обвинителство. Сметаме дека врз основа и на исказите и прибраните докази обвинителството ќе цени да ја запре постапката кон мене“, рече Ременски.
Таа се товари за помагање во делото измама, а е осомничена заедно со Бојан Јовановски, кој е претседател на Меѓународниот сојуз, неговиот татко Миле Јовановски, асистентката Христина Блажевска и потпретседателката на сојузот Јасна Мандиќ.
Ременски е поранашен почесен претседател на невладината организација Меѓународен сојуз. Преку таа организација тие се сомничат дека од бизнисменот Силјан Мицевски наплатиле 720 илјади евра, а од Адријан Амзоски 230 илјади евра со измама дека ќе обезбедат државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенции од државата.
Ако Русковска го поднесе обвинението во јануари, како што очекува тоа значи дека евентуалниот судски процес временски би се поклопил со изборниот процес, па несомнено политичарите ќе го користат во изборната кампања, вели аналитичарот Алберт Муслиу.
„Аргументи има и за двете страни и кој е повешт ќе го искористи тоа подобро. Ако во процесот има политичар и владејачката партија не го штити тогаш може тоа и да не е негативно за нив, а ако опозицијата сака да го користи тоа ќе мора да заземе појасен став и во однос на своите кои се дел од кривични процеси“ вели Муслиу.
Политичари во „Рекет“
Инаку случајот „Рекет“ уште пред официјално да биде отворен од обвинителството во медиумските написи и партиските настапи е силно политички наелектризиран, но политичар се опфати во неговото второ продолжение.
Ременски, која освен што е потпретседателка на Собранието и пратеник доскоро беше и висок партиски функционер во СДСМ. Кога стана осомничена во почетокот на октомври премиерот Зоран Заев изјави дека очекува таа да ја докаже невиноста и да се врати во органите на владејачката партија откако беше времено суспендирана од централниот и извршниот одбор.
Опозициската партија пак смета дека Рекет треба да опфати и други политичари. Од ВМРО-ДПМНЕ речиси секојднево тврдат дека главата на Рекетот е Зоран Заев наведувајќи дека и тој е дебело загазен во криминалите кои што ги правел Боки 13, Катица Јанева и други ликови.
Во случајот „Рекет“, пак, кој веќе е во судска постапка, а во кој осомничени се Бојан Јовановски и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, од сведоците брачната двојка Камчеви и благајничката во нивните фирми Мирјана Бошковска, досега не се слушна името на пратеничката.
Но, Ана Камчева, сопругата на Орце, го спомена сопругот на Фросина, Јовче Ременски, вработен во разузнавачките структури. Таа рече дека со поранешниот прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање Горан Николовски на кого му се пожалила за парите кои им биле барани се среќавала надвор од УБК затоа што стравувала дека ќе биде видена од сопругот на Ременски.
Боки 13 во „Рекет“ и “Рекет 2“
Покрај Ременски, чие презиме се слушна јавно во судница, во нелегалните снимки објавени на Јутуб на кои се слуша гласот на Камчев во разни контести се слушнаа и имињата на Заев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, обвинителката Русковска и други.
Инаку заедничко во случајот „Рекет“ и “Рекет 2“ е првосомничениот Бојан Јовановски. Во „Рекет“ се обвинети поранешната специјална јавна обвинителка Јанева и Јовановски, а трето обвинетиот Зоран Милески откако призна вина беше осуден на три години затвор. Според обвинението за олеснување на положбата на бизнесменот Камчев во случајот „Империја“ кој го отвори СЈО биле исплатени милион и пол евра. Камчев, пак, во „Империја“ е осомничен за перење пари.