Достапни линкови

УЈП го истражува долгот на ВМРО-ДПМНЕ за изборната кампања


Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје
Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје

ВМРО-ДПМНЕ останало должно 370 илјади евра кон фирмата Полиестердеј за изборната кампања. Оваа фирма, пак, ѝ должи пари на фирма на бизнисменот Орце Камчев. СДСМ обвинува дека Камчев е скриен финансиер на ВМРО-ДПМНЕ, но опозициската партија и холдингот на Камчев негираат.

Управата за јавни приходи тврди дека ВМРО-ДПМНЕ ѝ должи 370 илјади евра за изборната кампања на фирмата Полиестердеј. На тие пари фирмата треба да плати данок на добивка, зашто набавките се фактурирани.

Се работи за три договори за промотивен материјал за изборната претседателска кампања на Гордана Сиљановска Давкова и за градоначалничката кампања во Ново Село и Охрид.

Проблемот е во тоа што Полиестердеј не може да си ги наплати парите затоа што сметката на ВМРО-ДПМНЕ, која била отворена наменски за изборите, е затворена, велат од УЈП. Оттаму брифираат дека партијата склучила договор со Полиестердеј за набавка на рекламен материјал, односно за маици, пенкала, капи и запалки. Полиестердеј, пак, од друга страна за оваа набавка се задолжила кон фирмата МОНТ, која е ќерка фирма на Орка Холдинг на Орце Камчев на која ѝ должи за материјал 276 илјади евра.

Бизнисменот Камчев е осомничен за перење пари во случајот Империја на СЈО. Во случајот Рекет, пак, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева е обвинета за поткуп од Камчев за олеснување на условите во случајот Империја.


Според информациите кои ги добивме од УЈП, ВМРО–ДПМНЕ за време на изборите склучила договор со Полиестердеј за набавка на рекламен материјал во вредност од 550 илјади евра кои требало да ги платат до јули годинава. Но, досега, според информациите од УЈП, платени се само 185 илјади евра и на салдото на фирмата остануваат неплатени уште 370 илјади евра.

Инспекторите за ова го известиле и МВР, Државниот завод за ревизија и Антикорупциска комисија. Пред една недела двајца инспектори на МВР ја побарале на увид документацијата од фирмата МОНТ.

Во Орка холдинг, пак, велат дека се работи за „политичка и медиумска хајка“ против приватните компании во Македонија. Тие демантираат дека на каков било начин учествувале во предизборната кампања. Велат дека Полиестердеј им должи пари и оти испратиле опомена пред тужба.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека за претседателската кампања не го прекршиле Изборниот законик, ниту кој било друг закон. Генералниот секретар Игор Јанушев кој е потписник на договорите, во изјава за Радио Слободна Европа неодамна посочи дека сето ова е манипулација на владејачката партија.

„Пред да влеземе во изборите потпишан е договор меѓу нашиот претседателски кандидат и ВМРО-ДПМНЕ со кој е регулирано дека ако остане одреден долг дека партијата го презема и понатаму ќе го сервисира. И во овој период откога е затворен извештајот, согласно закон, ВМРО-ДПМНЕ веќе презема мерки и активности, односно има потпишано спогодби за исплата на долгот кон двете фирми“, објаснува Јанушев.

Владејачката СДСМ уште во септември започна со прес-конференции на кои обвинуваше дека Камчев е скриен финансиер на претседателската кампања на Сиљановска Давкова.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека владејачката партија не треба да ги злоупотребува институциите за партиска пресметка и на јавноста ѝ должи објаснување за неподмирениот долг од 40 илјади евра за претседателската кампања на Стево Пендаровски.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG