Повеќе театрално, отколку филмски започна судењето за случајот „Рекет“. Oбвинителката Вилма Русковска читајќи го обвинението се послужи со филмска аналогија за да ја опише нејзината колешка, поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева кој е обвинета за злоупотреба на службената должност со цел да му ја олесни положбата на осомничениот бизнисмен Орце Камчев за случајот „Империја“.
„Имаше еден филм Чарлиевите ангели. Имаше една госпоѓа Катица Јанева која влезе во тој филм, мислејќи дека никој ништо не и може. Но, влезе во мрежата на само наречената естрадна ѕвезда Бојан Јовановски, познат како Боки 13. Обвинителството ќе докаже дека тоа го сторила од алчност и затоа ќе презентира несоборливи докази. Со тоа не се посрамоти само себе си и не ја злоупотреби функцијата специјален јавен обвинител, туку ја предаде довербата на народот“, рече Русковска.
Јанева пак одржа лекција за нејзините постигнувања како шефица на СЈО. Таа возврати дека е горда на формирањето на СЈО, тимот и предметите кои ги работеле. Се изјасни дека не се чувствува виновна и дека нема докази против неа.
„Како специјален јавен обвинител одговорно тврдам дека постапував согласно законите во секој предмет. Се што направив ќе биде основа за изучување на идни генерации. Четири години се изложив на ризик, го изложив и моето семејство. Но, не се жалам. Горда сум. Одам со крената глава и придонесов во борбата со криминалот и корупцијата“, истакна Јанева.
Таа на судот му порача дека се надева оти не се плаши од зборовите на обвинителката Русковска дека ќе ги „истресе од гаќи“ како што таа неодамна изјави кога и беше заменет притворот на Јанева со куќен притвор.
Јовановски кој е обвинет за примање награда и перење пари најпрвин се жалеше на неговата здравствена состојба, а потоа дека пет месеци бил мета на јавен линч поради, како што рече, несреќно наречениот случај „Рекет', иако се работело за изнуда.
„Доволна беше сензацијата на употребата на моето име. Обвинителката постојано етикетира и сега со употребата на само наречената естрадна ѕвезда, повторно го прави тоа. Јас немам намера да се докажувам дали сум или не сум естрадна ѕвезда. Срамотно е таква реторика да се користи во овој случај, несреќно наречен „Рекет““, рече Јовановски.
И тој посочи дека според него, бруталниот настап на Русковска е само продолжение на она што цела македонска јавност можела да го чуе. Тој обвини дека се одвиваат политички игри кои тој мора да ги носи на неговите плеќи.Според Јовановски, за да влијаел на Јанева требало да има авторитет и дека случајот е конструиран само поради тоа што нејзиниот син бил вработен во неговата телевизија. Воедно кажа и дека вештачењето од видео снимките од домот на неговите родители ќе покаже каде завршиле парите од торбата.
„Ние не тврдиме дека сме земале пари, односно Бојан Јовановски. Ако тој знае нешто повеќе од мене, веројатно ќе го слушнете неговиот исказ. Јас и во приговорот и во воведниот говор не велам во ни еден момент дека постојат пари“, посочи неговиот адвокат Сашко Дукоски.
Јовановски и третиот обвинет во случајот Зоран Милевски се товарат дека примиле еден и пол милион евра од Камчев. Јанева е обвинета дека примила награда од 50 илјади евра и мебел од 5000 евра, а нејзиниот адвокат Дељо Кадиев изјави дека товарот на докажување на делото е на јавниот обвинител.
„Тој тврди дека нашиот клиент примила 50 илјади евра. Наше легитимно барање е да бараме тој обвинител да даде докази на судот и да ги донесе тие пари во судница. Да имаме едно вештачење дека се работи за пари за колкава количина на пари се работи или барем некој сведок да постои којшто ќе потврди дека на Катица Јанева и се даваат пари да направи нешто што не би смеела да направи. Ете тоа ние сметаме дека јавниот обвинител ќе има како задача да го направи и дека нема да успее тоа да го постигне“, смета тој.
Милески ја призна вината за кривичното дело, примање на награда и утре ќе му биде изречена пресудата, а судењето за другите двајца обвинети продолжува в петок.