Достапни линкови

Замрзнати цени – одмрзнати плати на функционери


Вицепремиерот Артан Груби.
Вицепремиерот Артан Груби.

Њузлетер 07.04.2023 - Неделава замрзнати цените на зеленчук и овошје, но функционерите никако да си ги замрзнат платите. Добива ли Артан Груби преголема моќ?

Распродажба на државно земјиште

По „замрзнати“ цени се продава државно земјиште, се по закон, правилник, тарифник и некои други, помалку познати услови.
Фирмата, во која сопственички удел има сопругата на премиерот Димитар Ковачевски, ќе добие државно земјиште по цена од 70 денари за метар квадратен за изградба на планирана фотоволтаична централа. Владината одлука за продажба на 1.119 метри квадратни земјиште во радовишкото село Раклиш ја потпишал првиот вицепремиер Артан Груби на владината седница на 14 март годинава.

Но, од Министерство за транспорт и врски, на прашањата на Радио Слободна Европа, велат дека на фирмата „Сол Груп 5“ доо не и е издадена дозвола за градба на фотоволтаична електрана во Радовиш, затоа што инвеститорот на 14 септември лани, си го повлекол барањето.
Фирмата Сол груп 5 не кажува што ќе гради на парцелата.

Добива ли Артан Груби преголема моќ?

Вицепремиерот Артан Груби воопшто не е „замрзнат“. Игра фудбал и кошарка во кабинет, дели вратоврски и маици на новинари, го велича лидерот Али Ахмети и добива нови функции.
Додека Обвинителството и Антикорупциската комисија истражуваат дали има прекршувања на законите во постапката за проектот за изградба на коридорите 8 и 10, првиот вицепремиер Груби доби нова улога - координатор на активностите поврзани со проектот, вреден 1,3 милијарди евра.

„Јавноста е збунета и се прашува зошто сите пари отидоа кај него и зошто тој контролира се во државата? Да, ама кој му го даде тоа право, Владата, премиерот? Кој дел од одговорноста ќе ја понесе премиерот? Тоа не треба да биде почесна функција. Таа е работна задача и треба точно да се дефинираат обврските и одговорностите. Треба да има отчет, да знаеме координаторот што ќе прави, дали и кон кого ќе дава извештај и каква одговорност ќе има“, прашува Слаѓана Тасева претседателка на Транспаренси Интернешнел во Македонија.
Во последно време излегоа серија афери, поврзани со Груби и членови на неговото семејство, исплати од министерството со кое раководи до блиски фирми и хонорарни соработници. Засега без никаков институционален епилог.

Народот го стега ременот

Владата времено ги замрзна цените на некои прехранбени продукти, а неделава и на зеленчукот и овошјето. Некои економисти овие мерки ги оценуваат како популистички, а од нив не се воодушевени ни трговците, ниту пак граѓаните, кои, пак, веќе го купуваат само неопходното.

Намалувањето на трошењата се забележува и во буџетот. Бруто приходите од данок на додадена вредност (ДДВ) во првите два месеци од годинава имаат благ раст од 1 отсто. Сепак, во февруари дури и бруто наплатата е за 2,5 отсто пониска од февруари 2022 година. Кога цените во просек се повисоки за 17 отсто, а данокот само 1 процент, значи дека граѓаните го затегнале ременот или парите ги трошат во сива економија.

Замрзнати цени на овошје и зеленчук - негодуваат и продавачите и купувачите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:19 0:00


Функционерите ќе се „омрсат“

Тешко оди кога функционерите треба да си ги замрзнат сопствените плати.
Имено, со одлука на Уставниот суд за укинување на два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, се овозможува зголемување на платите на државните функционери за дури 78 отсто.

Покрај нив, законот се однесува и на примањата на премиерот, претседателот, собранискиот спикер, но и сите вршители на јавни функции, како што се сите заменици министри, градоначалници, директори во државни фирми и агенции.
Владата размислува како зголемувањето на платите да не биде толку драстично, но засега ништо не смисли.

Замрзнато правосудство

Реформите во судството под мраз, никако да започнат, а сите констатираат дека се неопходни. Укинувањето на пресудата за „организаторите“ на 27 април е последниот во низата случаи за високи функционери кои се вратени на повторено судење. Јавноста е збунета, а Кривичниот суд и скопска Апелација се објаснуваат јавно кој е во право.

Покрај дополнителните трошоци, одолговлекување и загрозување на правото за судење во разумен рок, повторните судења отвораат и можност за застарување на делата. Таков е случајот со предметот „Титаник 2“ во кој е осуден ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, а чие дело застарува на 7 април, што значи дека на него нема да му се суди за изборните нерегуларности. Има и други слични примери.
Адвокатот Тортевски вели дека искуството покажало оти и политичките пазарења за лична корист или во „име на државните приоритети“ можат да бидат причина за укинување на осудителни пресуди.

Тортевски: Со политички нарачани пресуди не се влегува во ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:53 0:00
Директен линк


Онкологија во долгови опасни по живот
Или нема цитостатици, или нема апарат за радиотерапија, а кога има апарат нема кој да работи со него. Ова се основните проблеми со кои се соочуваат пациентите заболени од рак, а ги нотира државниот ревизор. За сите нив последнава деценија известуваше Радио Слободна Европа, но се уште не се решени.

Државниот ревизор утврдил дека клиниката е до толку заглавена во долгови што тоа може да влијае и на квалитетот на здравствените услуги кои им ги дава на болните од рак.
Во Македонија секоја година, на околу 6.000 луѓе во просек им се дијагностицира рак, а ракот е и втора најчеста болест од која се умира во земјава.

Може ли војната во Украина да стане „замрзнат“ конфликт?

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, во интервју за РСЕ, оценува дека ќе биде трагедија за Украина ако во војната во Украина победи Путин, а тоа ќе биде лошо и за Алијансата.
„Oна што би сакале да го видиме е, се разбира, Украина да може да ослободи повеќе територија, да се потиснат војниците на претседателот Путин, а потоа тоа може да создаде услови за некакви преговори. Сепак, Украина треба да одлучи кои се прифатливи услови за преговори, кој е прифатлив исход“, вели во интервјуто за РСЕ, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Столтенберг: „Ќе биде трагедија за Украина ако победи Путин“
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:57 0:00

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG