Министрите од ДУИ се релаксираа со дриблање во кабинетот на вице-премиерот Артан Груби, а потоа, Груби дриблаше и на прес конференцијата ва Владата по потпишувањето на договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, за изградба на автопатите Струга – Ќафасан, Прилеп – Битола и Тетово – Гостивар – Букојчани, од Коридорите 8 и 10.
Испадна најважно дали е некој „забеган“, каква вратоврска и чорапи носи Груби, а договорот за изградба и договорот за надзор станаа маргинална работа.
Автопатите што треба да ги гради Бехтел и Енка, уште не почнати, се соочуваат со скандали. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали.
Еврообврзницата и математиката на Владата
Дриблерски вештини од Владата и со математиката за повтореното издавање на еврообврзницата.
Владата издаде еврообврзница од 500 милиони евра по повисока камата, наместо пропаднатата еврообврзница од 600 милиони евра. За да ја компензира повисоката камата, зеде уште 100 милиони евра од Европската комисија по пониска камата. Сепак, треба да се обезбедат уште 500 милиони евра од странство.
Само за еврообврзницата ќе плаќаме камата по 35 милиони евра годишно во наредните четири години, односно вкупно 140 милиони евра.
„Ви благодарам што сега ми плаќате подобро за истиот ризик за земјата“, вели Главниот инвестициски директор во Капитулум Асет Менаџмент Луц Роемајер, пренесе Блумберг Адрија на македонски јазик.
Свирепи убиства сред Скопје, „истрагата е во тек“
Дриблање дури и со истраги за убиства. Двајца мртви и еден ранет, кој е пуштен на домашно лекување. Ова е исходот од престрелката деновиве во угостителски објект во Старата скопска чаршија. Медиумите пишуваа дека е убиен познат нарко-бос, кој беше цел на напад во 2019-та, кога исто така имаше слична престрелка во хотелот Александар Палас. Како и тогаш, исто и сега, увид на јавен обвинител, земени се материјали од местото и истрагата е во тек.
Стручните лица ја критикуваат зачестеноста на вооружени напади во градот забележувајќи дека и натаму се шетаат на слобода познати нарко дилери и криминалци со дебели досиеја кои тешко се апсат и уште потешко се процесуираат постапки за кривично дело против нив.
Радио Слободна Европа веќе пишуваше закриминалните пресметки во борбата за превласт во скопското подземје на две криминални групи. Според полициски извор, едната група делува на територија Сарај - Грчец, а втората Чаир и Сингелиќ.
Градот Скопје го „реши“ проблемот со приватните превозници
По неколку месечно дриблање меѓу градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и приватните превозници, проблемот изчезна, сите задоволни.
Приватните автобуски превозници се враќаат во јавниот превоз во главниот град, откако се договориле со градоначалничката Арсовска да им го исплати долгот од 1,5 милиони евра, долг за кој градоначалничката тврдеше дека е резултат на криминал на превозниците. Но Арсовска тврди дека нема долг туку доспеани обврски.
Ако било се така едноставно, зошто тогаш имаше блокади, протести, меѓусебни обвинувања и прекин со работа на приватните превозници?
8-ми март, повод да се потсети на правата на жените
Младите кои ги анкетиравме не знаат кои се Роза Луксембург и Клара Цеткин. Повеќето од нив, 8-ми Март го поврзуваат едноставно со љубовта за мајките и бабите. За тоа од каде ваква „дупка“ во знаењето, побаравме коментар од историчарот и наставник Васко Гичевски.
„Иако постојано се зборува за тоа, за жал, денешните деца сѐ помалку покажуваат интерес кон општествените и хуманистичките науки. Денес се повеќе заинтересирани за техничките науки. И затоа знаат помалку, не знаат ништо, или не ги ни интересира, или го перцепираат само како - денот на мајката. Иако празникот е поврзан со сосема друго - рамноправност на жената, економската еднаквост со мажите, репродукциски права и така натаму“, вели Гичевски.
Авганистанките најобесправени
Забрана за работа на јавни места или работа надвор од нивниот дом. Жените во Авганистан со соочени со ограничувања на нивните права откако талибанците се вратија на власт во 2021 година. На Меѓународниот ден на жената, Обединетите нации повторно повикаа правата на жените и девојките во земјата да бидат обновени.
Некои Авганистанки се борат за своите права со провокативни песни. „Групен секс“ е насловот на новата песна на авганистанската музичарка Фарида Тарана. Во неа, таа ја критикува полигамијата и талибанските рестрикции врз жените.
Свирењето хармоника по минимум 6 часа дневно значи и помалку дружби со пријателите. Инструментот е тежок и за свирење и за држење. Но, ништо од ова не е проблем за младата прилепчанка Софија Мирческа која решила да освојува светски сцени. Денес учи од професорката Зорица Каракутовска, која од неодамна е потпретседателка на Светската унија на хармоникашите. А има желба во иднина и самата да биде менторка на новите генерации хармоникаши и хармоникашки.