Достапни линкови

Што значи 8-ми Март - дупка во знаењето на младите


Илустрација - Средношколци во центарот на Скопје
Илустрација - Средношколци во центарот на Скопје

Младите кои ги анкетиравме не знаат кои се Роза Луксембург и Клара Цеткин. Повеќето од нив, 8-ми Март го поврзуваат едноставно со љубовта за мајките и бабите. За тоа од каде ваква „дупка“ во знаењето, побаравме коментар од историчарот и наставник Васко Гичевски

Цвеќарниците на цветниот пазар во Скопје oчекуваат турбо работа во пресрет на Интернационалниот ден на жената, 8-ми Март, кога често се избира токму цвеќе за подарок. И додека купувачите размислуваат со каков подарок да честитаат оваа година, РСЕ ги праша младите дали знаат зошто воопшто се вели: „Среќен 8-ми Март!“

Прва асоцијација за овој празник им е љубовта и почитта кон мајките и бабите. Ретко кој го поврзува празникот со историската борба за женските права.

„8-ми Март се слави бидејќи е денот на жената. Ако не беа жените, немаше и ние да бидеме, нормално. Ние најмногу ги сакаме нашите мајки, ги почитуваме“ вели средношколецот Тадеј Ангеловски.

А неговиот соученик, Владимир Битољану, пак, се присети на помината лекција.

“Историски знам дека во минатото жените немале право на образование и за многу други работи и со тек на време тоа се менува. Во денешно време пробуваме да ги израмниме правата на луѓето, помеѓу мажите и жените“, изјави младиот Битољану.

Во видеото можете да ги погледнете како одговорија останатите соговорници на нашето прашање: „Зошто се слави 8-ми Март?“

Знаат ли младите зошто се слави 8-ми Март?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:19 0:00

Имињата на револуционерките кои се бореле за женските права, Роза Луксембург и Клара Цеткин, не им беа познати на средношколците кои ги сретнавме, иако за нив се учи уште во основно.

Зошто на младите овие имиња не им значат ништо?

Според историчарот Васко Гичевски, кој е наставник по Граѓанско Образование и етика во основното училиште „Славко Лумбарковски“ во Општина Новаци, има зошто се појавува оваа „дупка“ во знаењето. Овие две личности се споменуваат во учебниците и наставните материјали, но без да им се даде некое посебно внимание, вели тој.

„Она што денеска можеби е не толку познато кај помладите е поради пренебрегнување на делот од историјата на човекот кое го нарекуваме нашето социјалистичко минато. Денес, во современиот свет, сметајќи дека таа идеологија е непотребна или во некои случаи дури и штетна се пренебрегнуваат таквите податоци или едноставно се тргнати на страна“, истакна Гичевски.

Васко Гичевски, наставник во основно образование
Васко Гичевски, наставник во основно образование

Друг проблем е што самото општество не поттикнува некаков интелектуален интерес кон темите, забележува наставникот.

„Иако постојано се зборува за тоа, за жал, денешните деца сѐ помалку покажуваат интерес кон општествените и хуманистичките науки. Денес се повеќе заинтересирани за техничките науки. И затоа знаат помалку, не знаат ништо, или не ги ни интересира, или го перцепираат само како - денот на мајката. Иако празникот е поврзан со сосема друго - рамноправност на жената, економската еднаквост со мажите, репродукциски права и таканатаму“, вели наставникот.

Тој посочува дека за феминистичките движења се учи во учебниците по Историја, а во оние по Граѓанско образование тие се споменуваат во речиси секоја лекција. А иако се вели дека на новите генерации им е важна социјалната правда, сепак, важно е што подразбираат тие под овој термин, вели Гичевски.

„Тие под социјална правда го подразбираат она што го чувствуваат на своја кожа и против тоа сакаат да се бунтуваат. Но, тоа е бунт против нешто, но без знаење за нештото, за жал. Многу од нив, сосема малку обраќаат внимание на тоа каква треба да биде борбата. И јас тука ја гледам вината на нашето општество, кое поучува дека што си потивок тоа си поуспешен. Оној кој се бунтува или страда или едноставно ќе избега од државава. Сведоци сме дека ова се случува во масовни бројки. Бегаат барајќи социјална правда. Не се борат па да згрешат нешто, туку бараат да си ги исполнат своите правдини такашто ќе заминат од оваа држава. Тоа им е најлесниот пат“, изјави младиот наставник од Новаци.

Потребен е поинаков пристап за знаењето да биде функционално

Младите влегуваат во дискусија за социјални теми кога ќе се поттикнат, односно кога системските прашања или историските теми се поврзуваат со актуелните случувања, истакна Гичевски. Тој вели дека редовно се труди теоријата да ја поврзе со реален пример за да ги поттикне учениците да размислуваат.

Како пример кој поттикнал дискусија меѓу неговите ученици го посочи случајот со родилката Јилдиз Веапоска која остана без матка, бубрег и еден јајник при породување со царски рез кај гинекогот, д-р Мухамед Асани.

Поврзувањето со далечни теми кои ниту ги виделе ниту ги доживеале со нешто доживеано или видено, на младите ќе им помогне во иднина да можат да размислуваат. На овој начин ќе знаат како и зошто треба да се борат за нешто да биде подобро, заклучува наставникот по Граѓанско образование и етика.

Активистките за женски права Клара Цеткин и Роза Луксембург во Берлин на почетокот на 20 век.
Активистките за женски права Клара Цеткин и Роза Луксембург во Берлин на почетокот на 20 век.

Па така, кога историјата на Роза Луксембург и Клара Цеткин би се поврзала со нешто актуелно, младите би можеле да ја разберат нивната борба подобро, а и поверојатно е дека информацијата ќе им остане во глава.

Роза Луксембург и Клара Цеткин се едни од најважните претставнички на демократскиот социјализам во Европа и важат за едни од основоположничките на меѓународното женско движење. Нивната борба за економска, социјална и политичка еднаквост оставила силен печат во борбата за женските права низ историјата.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG