Катастрофален земјотрес, хуманоста на дело
Земјотресот со сила од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ги погоди Турција и Сирија веројатно ќе биде еден од најсмртоносните оваа деценија, велат сеизмолозите. Илјадници жртви, разурнати домови, страотни глетки во настраданите региони.
„На тие луѓе таму да не си им во кожа“, вели еден граѓанин дојден да донира за настраданите од земјотресот во Турција на пунктот за донации на Плоштадот Македонија во Скопје. Ќебиња, топла зимска облека и обувки, пакети со конзервирана храна и хигиенски производи носат граѓаните.
Зошто земјотресот во Турција и Сирија беше толку катастрофален? Што велат сеизмолозите за тоа што се случило под површината на земјата и што да се очекува.
Младите исчезнуваат од Македонија
Катастрофа е драстичното намалување на населението во Македонија, особено на младите. Оние што досега не заминале, желба им е да се отселат.
Македонија во изминатите години се соочува со масовно иселување, а тој тренд нема да запре и во иднина, ако се суди според последните истражувања.
Во најновата анкета на Галуп Интернешнел, 44 отсто од испитаниците под 34 годишна возраст се изјасниле дека ако им се даде можност, би сакале да живеат во друга земја.
Накај катастрофа се движи и здравствениот систем во земјата. Јавното здравство тоне, меѓу другото, и поради недостигот од лекари во земјата.
Од Македонското лекарско друштво велат дека за една деценија си заминале 2.000 лекари. Истовремено, во последните 10 години, само од Србија, Косово и Албанија во земјава биле нострифицирани скоро 400 лекарски дипломи на доктори, покажуваат податоците од Министерството за образование. Па, каде се лекарите? Се разбира, во странство.
„Не е толку голем проблем платата, сите сме свесни каде живееме, и каде работиме, но во принцип главен проблем е тоа што голем дел од колегите се соочуваат со непотизам, со политика, со партизација“, вели Бојан Трајковски, дел од Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти.
Партиски пазари за функции
Нема лекари, нема ни работници за други професии, но политичари, функционери и директори има, а колку се стручни, тоа и не е толку важно доколку се од партиите што се во власта.
Па така, кога се договараат коалиции, главна тема е кој кое место ќе го отстапи, а кој ќе дојде на негово место. Не поради тоа што досегашните имаат добри или лоши резултати, туку поради тоа што така се договориле партиите.
И сето ова во време на реформи во јавната администрација, кога со години се влече носењето на Законот за висока раководна служба, кој треба да оневозможи партиски пазари со раководни позиции во институциите основани од Владата или министерствата.
Ќе му се случи ли катастрофа и на МКЦ?
Младите се загрижени дека поради политички пресметки ќе го загубат Младинскиот културен центар во Скопје, најголемата независна културна сцена, поранешен Дом на младите 25-ти Мај. Вработените бараат директор избран на конкурс со вештини за водење културна установа. Скопската градоначалничка Данела Арсовска обвинува за сомнителни работи, без завршена ревизија.
Мизар во 80-тите, Суперхикс во 90- тите а најмладата Дина Јашари пред само три години. Овие три генерации артисти едни од првите чекори на музичката сцена ги направиле во МКЦ, кој, според нив е последниот урбан бастион во Скопје.
Коцкарници и кладилници на секој ќош
Катастрофална е и ситуацијата со огромниот број коцкарници и кладилници во Македонија. До толку ли сме коцкарски народ, или пак има и друга причина – пералници за пари?
Владата предлага спортските обложувалници и автомат-клубовите да не смеат да бидат поблиску од 500 метри до училиштата.
Сличен предлог имаше ДУИ во 2018, но не помина. Во Асоцијацијата на спортски обложувалници реагираа дека ваков закон само ќе им го уништи бизнисот, илјадници луѓе ќе останат без работа, владата ќе остане без милионски приходи, а ќе се појават диви обложувалници.
„Не можеме ништо да планираме“ – велат Украинците засолнети во Македонија
Катастрофа е војната во Украина. Речиси една година од руската инвазија врз Украина, борбите не запираат, а милиони Украинци беа принудени да избегаат од земјата. Некои од нив, најдоа засолниште во Македонија. Се надевале дека брзо ќе се вратат дома, но сега велат дека не можат ништо да планираат, па се снаоѓаат тука.
Првиот македонски виолинист на „Џулијард“
Е, не е се катастрофа, има позитивни примери за млади и успешни.
Детската желба на 22-годишниот виолинист Александар Иванов да студира на една од најпрестижните музички школи во светот „Џулијард“ е исполнета. Тој неодамна настапи со Македонската филхармонија во Скопје, а за РСЕ сподели дел од искуствата од Њујорк и ја потврди намерата да освојува светски сцени.