Достапни линкови

Може ли да ја „оправиме“ државата со вештачка интелигенција?


Илустрација - робот со човечки лик
Илустрација - робот со човечки лик

Њузлетер 17.02.2023 - Младите и вештачката интелигенција, промаја во Владата, паѓаат системите на државни институции.

Младите, вештачката интелигенција и образованието

Еден неодамнешен твит вели: „Младите и образовани си заминуваат од државата, па ќе ја оправаме со вештачка интелигенција“.
Од младите побаравме став за тоа како развојот на технологијата ќе влијае врз нив, а од експертите - како да се извлече корисното.
Некои од средношколците веќе го користат ChatGPT и од него бараат да им ја раскаже лектирата накусо или да им напише писмена работа, а пишува и цели семинарски наместо некои студенти.

Професор Бранислав Геразов вели дека речиси е невозможно да се открие дали нешто е плагијат ако е напишано од оваа вештачка интелигенција. „Можеби прашањето би требало да биде, како можеме да ја употребиме таа алатка, односно да ги научиме и насочиме студентите како да ја употребат за да сработат повеќе отколку што можеле да сработат до сега“, вели тој.


Промаја во Владата и владејачкото мнозинство

Рокадите во Владата и владината коалиција не се резултат на вештачка интелигенција, тоа не може да го смисли робот. Математиката за значително зголемување на владиното мнозинство во парламентот не излегува според планираното.

Алијанса за Албанците влегува, Алтернатива и Демократски сојуз излегуваат, а незадоволни се и некои пратеници од ДУИ.
Кој колку пратеници ќе има на своја страна и колку долго, тоа не може да го пресмета ниеден компјутер. Па, се поставува прашањето зошто воопшто беше потребна реконструкција на Владата?

Смени на министри како на фабричка лента

Можеби вистинско решение за избор на министри во Македонија е вештачката интелигенција. И тоа, за подолг временски период, додека не ги реализираат потребните реформи. Вака, се менуваат министри од денес за утре, според партиски договори.
Министерството за правда е рекордер по сменети министри во изминативе 3 децении. Од независна Македонија до денеска на ова министерско столче седнаа 19 луѓе кои имаа задача да го реформираат правниот систем во земјава. Од реформи, ни трага.

„Министерството има едно големо дискреционо овластување да дава разно разни лиценци за функции во правосудстството како вештаци, извршители, нотари, имаат влијание врз затворскиот систем и тоа се сфери каде што има можности за коруптивни влијанија“, вели професор Гордан Калајџиев.

Калајџиев: Министерското столче во правда само за привилегии
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:22 0:00
Директен линк


„Системот падна“ во Фондот за здравствено осигурување

За нас, се покажува дека дигитализацијата и користењето на вештачка интелигенција, може да ни предизвика сериозни проблеми. Заштитата од сајбер криминал е слаба, па паѓаат системите и исчезнуваат датотеки од институции.
Сајбер нападот врз Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) ги врати во функција хартиените обрасци, донесе страв и многу нервози кај граѓаните и медицинскиот персонал. Тие алармираат за проблеми со боледувањата, породилното отсуство, а неизвесно е и кога ќе земат плати здравствените работници.

„Ова е принцип на функционирање кај институциите, буџетот за сајбер безбедност е многу мал додека не се случи инцидент. После тоа буџетот за сајбер безбедност станува многу голем. Ви гарантирам дека сега ФЗО наеднаш магично ќе добие поголем буџет и многу повеќе ќе се фокусира на тоа“, вели инженерот за информациска безбедност, Божидар Спировски.

Се празнат рафтовите аптеките

Дека нема лекови за ретки болести, па и одвреме навреме за канцерогени заболувања, не е ништо ново. Тоа нема врска со никаква интелигенција.
Граѓаните деновиве почнаа да се жалат на недостиг и на одредени антибиотици, лекови за притисок, епилепсија, авто-имуни заболувања. Од Агенцијата за лекови Малмед велат дека недостигот на лекови е резултат на глобалната енергетска криза, но дека граѓаните не треба да стравуваат дека ќе останат без терапија.

Сепак, овој проблем не е само кај нас. Според неодамнешната анализа на Европската комисија, во сите земји-членки на ЕУ, во последните години е забележан тренд на зголемување на извештаите за недостиг на лекови, што делумно може да се припише на економската глобализација и концентрацијата на фармацевтското производство во земјите надвор од Европа (особено Кина и Индија).

Српски екстремни десничари против Вучиќ бараат помош од Русија?

Е, ова нема никаква врска ни со логика. Стотици луѓе се собраа на екстремно десничарскиот протест во центарот на Белград на 15 февруари, барајќи државните власти да се повлечат од преговорите со посредство на Европската унија за нормализација на односите со Косово. Полицијата ги спречи демонстрантите да влезат во зградата на Претседателството на Србија. Митингот беше организиран од десничарската организација Народна патрола, која има блиски врски со руската платеничка група Вагнер која се бори во Украина.

Екстремните десничари во Србија му се закануваат на Вучиќ поради Косово
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:08 0:00



Софистицирано оружје за Украина

Се очекува САД да испратат ново оружје со поголем дострел во Украина. Вашингтон одговори на молбата на претседателот Зеленски за ракети кои можат да погодат длабоко зад линијата на фронтот. Дали руските сили ќе треба да се прилагодат за да не се соочат со потенцијални катастрофални загуби?

Инаку, Флеш-драјв оставен од руските сили, по нивното бегство од некои делови од Украина, содржи стотици документи кои ги идентификуваат клучните функционери вклучени во справувањето со цивилите кои наводно имаат антируски ставови во окупираните области. Schemes, истражувачки проект на украинската служба на РСЕ, го доби флеш-драјвот и има ексклузивни детали за вклучените руски официјални лица.

Руски флеш драјв ги идентификува клучните фигури во окупацијата на Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:17 0:00

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG