Агенцијата за Национална безбедност (АНБ) вечерва преку соопштение информира дека во случајот со определување на мерката притвор за Јордан Камчев на 14.03.2021 година, во рамки на своите надлежности согласно член шест, а во врска со член четири од Законот за АНБ, доставило до надлежното Јавно Обвинителство информација за добиени сознанија за преземени подготвителни активности за бегство на именуваниот во странство, поврзани со тековните постапки кои Обвинителството ги води против него.
Согласно наведените одредби, доколку постојат основи на сомневање дека се подготвува, организира или е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност, стои во соопштението од АНБ, Агенцијата е должна веднаш да го извести надлежното Јавно обвинителство.
„Со оглед на тоа што против именуваниот се води истражна постапка, заради постоење основано сомнение за сторено кривично дело од член 273 од Кривичниот законик, надлежното Јавно Обвинителство достави предлог за определување мерка притвор, а судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд – Скопје го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена, се појаснува во соопштението од АНБ.
Кого може да следи АНБ?
Во членот четири од законот за Агенцијата за национална безбедност, а кој го наведува АНБ во соопштението, се наведува дека „агенцијата собира, обработува, анализира, проценува, разменува, чува и штити податоци и информации со цел откривање и спречување на активности што се поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата, а набројани се:
„Шпионажа, тероризам и негово финансирање, насилен екстремизам, сите форми на сериозни и организирани криминални активности насочени против државата, спречување на кривични дела против човечноста и меѓународното право, незаконито производство и пролиферација на оружје за масовно уништување или нивни компоненти, како и материјали и уреди кои се потребни за нивно производство, нарушување на виталните економски интереси и финансиската безбедност на државата, нарушување на безбедноста на носители на високи државни функции и на објекти од стратешко значење за државата, откривање и спречување на други активности поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата“.
Камчев беше приведен во неделата и од тогаш се наоѓа во притворското одделение во затворот во Шутка.
Одбиена жалбата, Камчев останува во притвор
Основниот кривичен суд Скопје денеска информираше
дека Кривичниот совет при одделението за организиран криминал и корупција постапувајќи по жалба поднесена од одбраната на Камчев.
„Се потврдува решението на судијата на претходна постапка со кое на обвинетиот му се определува 30 дневен притвор по предлог на Основното јавно обвинителство“, соопштија од Кривичниот суд.
Премиерот Зоран Заев претходно денеска на прес конференција во партиското седиште рече дека од Агенцијата за национална безбедност со службена белешка, која е класифициран документ, бил информиран за причините за приведување на Камчев и ги оценува како сериозни.
„Нормално дека сум информиран од институцијата што е под надлежностна Владата, Агенцијата за национална безбедност преу службена белешка, строго доверливо, за деталите за поднесокот пред ЈО. Тие се строго доверливи и не можам да да ги коментирам, но можам да кажам дека се сериозни причини кои биле основ да посегнат по една ваква белешка да ја достават до надлежен орган, до ЈО кое понатаму одлучува, презема дејствија или не и кое еве одлучило да преземе пред судот и судот донел одлука“, изјави Заев, одговорајќи на новинарско прашање.
Тој појасни дека ,според она, што го видел во белешката и тоа како е аргументирано сериозно за надлежна институција, независна од извршната власт, да се замисли и, како што рече, да донесе одлука.
Камчев беше приведен во неделата, а од обвинителството за гонење на организиран криминал наведоа дека приведувањето е откако АНБ доставила извештај дека тој се подготвува за бегство. Од таму наведоа дека предлог за определување на мерка притвор е бидејќи Камчев е осомничен во истрагата “Плацевите на Водно”, за нелегално купените плацеви за поранешниот премиер, сега азилант во Унгарија Никола Груевски преку фирмите на Камчев.
Против познатиот македонски бизнисмен се води и големата истрага за случајот „Империја“. Во „Империја“ е осомничен и поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразунавање Сашо Мијалков кој е во притвор по пресудата од 12 години затвор за масовното прислушување во предметот „Таргет-Тврдина“.
Камчев сведок во „Меѓународен сојуз“
Тој е повикан и за сведок во случајот „Меѓународен сојуз“ на рочиштето кое треба да се одржи в четврток. Во него се обвинети Бојан Јовановски, поранешната пратеничка од СДСМ Фросина Ременски, Миле Јовановски, татко на Бојан и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.
Јовановски е обвинет за измама и перење пари, Ременски за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, а Миле Јовановски се товари за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје.
Јовановски и Камчев се поврзани и во друг случај „Рекет“. Во тој судски процес кој заврши лани во јуни се осудени Јовановски на затвор од девет години и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева на затворска казна од седум години. Јовановски беше осуден дека го искористил своето влијание врз Јанева и изнудувал бизнисменот Камчев да им даде пари за да му ја олеснат положбата во истрагата во случајот „Империја“.