Вести
Утре завршува „новогодишната кошничка“
Утре, 15 јануари, завршува новогодишната кошничка која траеше еден месец и беше воведена на иницијатива на бизнис секторот – производителите, дистрибутерите и трговците.
Таа вклучуваше речиси 1.200 производи. Надлежните очекуваа поевтинување на основните прехранбени производи за најмалку 10 проценти во споредба со цените во претходните 30 дена, додека граѓаните реагираа дека во реалноста цените не се намалени.
Надлежното Министерство за економија и труд апелираше до трговците да се придржуваат до договореното, најавувајќи дека доколку тоа не го направат тоа, ќе се активира одлука за замрзнување на цените или ограничување на маржите, што сепак, не се случи.
И покрај ваквата „новогодишна кошничка“, според податоците на Државниот завод за статистика, во декември 2024 инфлацијата била за 4,4 проценти повисока од истиот период во 2023, а најголем скок имало кај храната.
Власта претходно најави дека потрошувачки кошнички планира и во иднина во пресрет на поголемите верски празници.
„Овие акции се акции каде во временски период кога се празниците, ние како Влада задно со бизнис комората излегуваме во пресрет на граѓаните за подобрување на животниот стандард и намалување на цените. Нормално дека ќе има и понатаму, како што е рамазанската, велигденската кошничка итн.“, рече министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во интервју за Радио Слободна Европа во декември.
Претходно, ваква мерка имаше во септември и октомври која власта ја нарече „есенска потрошувачка кошничка“.
Чешка го заврши нафтоводот од Запад за да не биде зависна од руската нафта
Чешкиот премиер Петр Фиала денеска, 14 јануари, порача дека неговата земја повеќе нема потреба да увезува руска нафта бидејќи е завршено проширувањето на Трансалпскиот нафтовод (ТАЛ) од Италија.
Договорот за проширување на гасоводот беше потпишан во мај 2023 година, повеќе од една година откако Русија ја започна инвазијата на Украина, што доведе до санкции за руската енергетика.
„Проширувањето сега е завршено. Русија повеќе не може да не уценува и имаме гаранција дека можеме целосно да се снабдуваме со нафта од Запад“, изјави Фиала.
ТАЛ транспортира нафта од италијанското пристаниште Трст до јужна Германија, каде што се поврзува со нафтоводот ИКЛ кој оди до Чешка.
Со проширувањето на овој нафтовод, Чешка, која е членка на НАТО и ЕУ, го удвои капацитетот на осум милиони тони годишно.
Чешкиот министер за финансии Збинек Станјура рече дека проширувањето чинело 1,5 милијарди чешки круни (61 милион американски долари) и било финансирано од државната компанија за транзит на нафта Меро.
Чешка ја прекина и зависноста од рускиот природен гас.
Земјата добиваше најголем дел од нафтата преку нафтоводот Дружба од Русија, изграден во 1960-тите, кога беше дел од советскиот блок во рамки на Чехословачка.
Набргу откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, Европската унија го забрани најголемиот дел од увозот на нафта од Русија, но нафтоводот Дружба беше изземен бидејќи Чешката Република немаше многу други опции.
Фиала претходно вети дека Прага ќе се обиде да ја укине зависноста од Русија што е можно поскоро.
Извршниот директор на Меро, Јарослав Пантучек, рече дека иако малите работи допрва треба да се завршат на новиот нафтовод, Чешката Република преку ТАЛ сега може целосно да се снабдува со нафта до локалните рафинерии.
„Ние сме целосно способни да испорачуваме нафта на Чешката Република ако се запрат испораките преку Дружба“, додаде тој.
Во 2023 година, руската нафта сочинуваше вкупно 58 отсто од вкупниот увоз на нафта во Чешка, според податоците на чешкото Министерство за индустрија и трговија.
ТАЛ, кој работи од 1967 година, е во сопственост на конзорциум од осум нафтени компании, вклучувајќи ги Меро и светските гиганти Шел, Ени и Ексон Мобил.
Словачката опозиција ќе бара гласање недоверба на владата на Фицо
Словачките опозициски партии ќе бараат гласање недоверба на владата на премиерот Роберт Фицо, изјави денеска лидерот на најголемата словачката опозициска партија „Прогресивна Словачка“, Мичел Симечка.
Барањето за недоверба се поднесува откако премиерот Фицо минатиот месец отпатува во Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин.
Опозицијата го обвинува Фицо дека ја турка надворешната политика на земјата поблиску до Русија додека дома не успева да се справи со проблемите.
Изминатите месеци мнозинството на владејачката левичарско-националистичка коалиција предводена од Фицо падна на само 76 места во 150-члениот парламент. Актуелниот премиер се соочува со несогласувања од некои помали коалициски партнери, но и спорови меѓу останатите владини партнери.
Не е јасно кога би се гласало за недоверба на неговата влада, пренесува Ројтерс.
Потребно е мнозинство гласови за да се изгласа недоверба на владата, по што претседателот на Словачка ќе треба да назначи нова влада.
Владата на Фицо се соочува со значителни домашни проблеми, вклучувајќи висок буџетски дефицит, проблеми во здравствениот систем и запирање на испораките на руски гас преку Украина, за кои Фицо вели дека ја оштетиле економијата на земјата.
Во отворено писмо до украинскиот претседател Володимир Зеленски, тој остро ја критикуваше Украина поради одлуката да не го продолжи договорот за транзит на рускиот гас преку нејзина територија, којшто истече на 1 јануари.
„Вашата одлука да го блокирате транзитот на гас преку Украина и нанесе огромна штета не само на Словачка туку и на Европската унија како целина. Тоа ја поткопува конкурентноста на блокот кон кој Украина се стреми да се приклучи“, напиша Фицо во писмото од 13 јануари.
Фицо го покани Зеленски на разговор за транзитот на гас, додека украинскиот претседател во краток одговор преку социјалната мрежа Икс му возврати „Во ред. Дојдете во петок во Киев“.
Украина го прекина протокот на гас кон Европа на почетокот на годината по истекот на транзитниот договор меѓу Киев и Москва, со цел да се спречи Москва да добива приходи од енергија и да ги користи за финансирање на инвазијата врз Украина што започна во февруари 2022 година.
Минатата година преку транзит низ Украина биле испорачани 13,5 милијарди кубни метри гас, вклучително и три милијарди за Словачка. Со прекинот на транзитот, според Фицо, Словачка годишно ќе губи околу 500 милиони евра, а нејзината енергетска нестабилност ќе се влошува.
Вучиќ повика на референдум дали тој да остане претседател
Српскиот претседател Александар Вучиќ ги повика претставниците на опозицијата во Србија да покренат постапка за спроведување советодавен референдум за тоа дали тој да остане на функцијата и на тој начин да се утврди поддршката што ја има меѓу граѓаните.
Вучиќ во изјава на Инстаграм посочи дека невладиниот Центар за истражување, транспарентност и отчетност (ЦРТА) неодамна објавил резултатите од истражувањето според кое 52 отсто од граѓаните на тој референдум би гласале против неговото останување на функцијата.
„Доколку се точни овие наводи на ЦРТА, невозможно е да останам на функцијата претседател на Србија и затоа опозициските партии треба да поднесат само 67 потписи, а имаат повеќе од 80, за да се одржи советодавен референдум за претседателот на Србија“, рече Вучиќ.
Според законот во Србија, референдум се распишува за да им се овозможи на граѓаните да го кажат своето мислење за предложен акт, за потврдување на донесен акт или за прашање од општо значење. Може да биде обврзувачки или советодавен.
Невладината ЦРТА на 11 јануари објави резултати од истражување на јавното мислење, според кое доколку во овој момент се одржи референдум, 52 отсто од граѓаните нема да му дадат поддршка на претседателот наспроти 34 кои би му дале доверба.
Истовремено, истражувањето покажа и дека мнозинството граѓани не мислат дека решението на политичката криза би било советодавен или необврзувачки референдум за доверба кон претседателот, идеја која првично потекна од самиот Вучиќ.
Вучиќ оцени дека Србија е под притисок од „заеднички координиран притисок од надвор и од внатре на политичко ниво“.
Според него, во политиката најважен е легитимитетот, а суверенитетот произлегува од волјата на народот.
„Сигурно ќе ја почитувам одлуката донесена на советодавниот референдум и ако одлуката е дека повеќе од 50 отсто, со само еден глас разлика, сакаат да не бидам претседател на Србија, ќе поднесам оставка од таа функција уште истиот ден“, рече Вучиќ.
Тој рече дека е „прашање на дискусија“ дали советодавниот референдум ќе се одржи во март, април или мај.
„Ова е начин целата криза предизвикана од неморалните злоупотреби на трагедијата да се реши по мирен пат и во согласност со објективните наоди од истражувањето на јавното мислење. Ова ќе ја однесе Србија во мирни води“, додаде претседателот.
Повеќе од два месеци во Србија траат блокади и протести, а граѓаните, студентите и опозицијата бараат политичка и кривична одговорност за уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.
Блокирани се над 60 факултети на четири државни универзитети.
Истражувањето на ЦРТА, меѓу другото, покажа дека 61 отсто од српските граѓани ги поддржуваат блокадите и протестите, а најголемиот број од нив (48 отсто) сметаат дека политичката одговорност за падот на настрешницата треба да понесат надлежните министри. Следен на оваа листа е претседателот на Републиката (39 проценти).
Истражувањето на јавното мислење е спроведено, како што се наведува во соопштението на ЦРТА, на репрезентативен примерок од 1.030 испитаници на територијата на Србија од 20 до 28 декември 2024 година.
Српската влада ги осудува протестите и блокадите.
Бетонската настрешница на зградата на железничката во Нови Сад се урна само неколку месеци по свеченото отворање на станицата – по тригодишната реконструкција и тврдења на официјалните лица дека е изградена според највисоките европски стандарди.
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад на 30 декември поднесе обвинителен акт против 13 лица во врска со уривањето на настрешница.
Меѓу обвинетите се поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димоски, како и поранешната директорка на јавното претпријатие Инфраструктура Железници на Србија, Јелена Танасковиќ.
10 обвинети се во притвор, Весиќ е на слобода, а Танасковиќ и Димоски се во домашен притвор.
Пуштен во употреба патот Градско-Дреново, нови преписки за чии се заслугите
Денеска, 14 јануари, пуштена е во употреба делницата Градско – Дреново, дел од експресниот пат Градско – Фариш, во должина од 15,5 километри.
Вредноста на проектот е 37,5 милиони евра, од кои 26,7 се обезбедени преку ИПА фондовите, а останатите од државниот Буџет. Ширината на коловозот е 12.40 метри, има три клучки, кај Градско, Росоман и Дреново.
И пуштањето на оваа делница предизвика прозивки меѓу актуелната власт и опозицијата за тоа чии се заслугите.
Премиерот Христијан Мицкоски ја прозва опозицијата дека доаѓа на градби што се пуштаат во употреба и „се сликаат и го претставуваат како свое дело сакајќи на тој начин да ги политизираат работите“.
„Ова не е политичка градба, нема никој од политичарите да ја стави во џеб и да си ја носи дома. Граѓаните се тие коишто ќе го користат сето ова. И меѓу другото еве да им се заблагодарам и на опозициските сега партии коишто додека беа власт, во рок од 7 години не успеаја да ја завршат, па мораше оваа Влада предводена од коалициската „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ во којашто составен дел се коалицијата ВРЕДИ и политичката партија ЗНАМ, ја завршија и нека ни е аирлија и со среќа да си ја користат граѓаните“, рече Мицкоски.
На дел од делницата, пак, прес-конференција одржа и пратеникот од СДСМ, Миле Талески.
„Експресниот пат Градско – Дреново над 92% е реализиран од СДСМ и горди сме што е завршен. Овој проект, вреден над 37 милиони евра, е дел од посветената работа на СДСМ во развојот на патната инфраструктура и подобрување на животот на граѓаните од овој крај“, рече Талески.
На пуштањето на делницата денеска присуствуваше и евроамбасадорот Михаел Рокас, кој рече дека овој експресен пат кој е дел од паневропскиот Коридор 10 претставува повеќе од 15 километри модерна инфраструктура.
„Коридорот 10 ја зацврстува стратешката позиција на Северна Македонија како клучен транзитен центар во Југо-источна Европа. Овој експресен пат е критично делче од пошироката транс-европска транспортна мрежа, што не поврзува меѓусебно, како соседи и како партнери“, рече Рокас.
Втората фаза од овој експресен пат односно од Дреново-Фариш до Прилеп, според изјавите на премиерот Мицкоски е при крај. Тој посочи и оти интензивно се работи и на проектот за автопатот од Прилеп до Битола во должина од околу 40 километри што треба да се заврши во 2027 година.
Следната година, тој очекува „да се заврши и со градба на автопатот Кичево-Охрид“.
Пред десетина дена беше пуштен и експресниот пат Стрцин – Крива Паланка. И за него власта и опозицијата си разменија политички преписки за тоа чија е заслугата.
Влада: Се сомневаме дека штрајкот на УПОЗ е политички мотивиран
Изненадува фактот што токму Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ) како прв чекор го презема штрајкот, наместо дијалогот кој е прв демократски начин и метод за функционирање.
Ова е дел од одговорот што портпаролката на Владата, Марија Митева, го испрати откако вработените во неколку министерства и државни институции излегоа на получасовен протест на кој побараа зголемување на платите за 30%.
Од Владата порачуваат дека се подготвени да разговараат на секоја тема, но упатија и обвинувања дека денешниот штрајк бил незаконски и политички мотивиран.
„Секој штрајк треба да биде организиран во согласност со Законот за работни односи и колективните договори, да биде најавен согласно Законот, да биде спроведена и постапката за помирување која воедно е задолжителна и да се определат нужни работи кои мора да се вршат. Бидејќи за жал ниеден од овие постоечки законски услови не е исполнет, говори за незаконитост на штрајкот и отвора силен сомнеж дека овој штрајк е политички мотивиран“, рече Митева.
Владината портпаролка го обвини УПОЗ дека изминатите години „молчел за ова прашање“ и оттаму, посочи, се сомневаат дека „зад ваквиот чекор стои политичка заднина на Синдикатот кој делува како продолжена рака на партиите“.
„Морам да истакнам дека како Влада гледаме реално на работите и не сме задоволни од нивото на платата во администрацијата. Но, повторувам, потенцираме дека дијалогот е вистинскиот начин за изнаоѓање на решенија“, додаде Митева.
Вработените во министерствата и државните институции кои денеска излегоа на протест се разочарани што Владата не предвиде средства за потпишување на колективниот договор, кој ќе значи покачување на платите за 30 отсто и покрај преговорите со нив и навреме доставениот предлог до Министерството за финансии.
Ова барање, потенцираше претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, е од пред четири години и ниедна влада досега не го слушнала нивниот глас.
„Висината на платите на вработените во институциите што денес протестираат почнува од 25010 денари. Просечната плата во овие институции изнесува приближно 29000 денари, а просечната плата во државата е 42124 денари. Додатокот што го бараме од 30% значи дека вработените би добиле 6000 денари, износ што би бил зголемен на нивната плата, но и покрај тоа, сите вработени ќе бидат под просекот на државата“, рече Деаноски.
На протест денеска учествуваа вработени во Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за земјоделство, Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерството за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив.
Според најавите, тие ќе штрајкуваат секој ден оваа недела од 11:00 до 11:30 часот, а в петок ќе одржат протест пред Министерството за финансии.
Лавров: Русија е подготвена да ги проучи мировните предлози на Трамп за Украина
Русија е подготвена да ги проучи мировните иницијативи на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за војната во Украина, кога следната недела ќе ја преземе функцијата, изјави денеска (14 јануари) шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Лавров предупреди дека Трамп за војната, за која претходно рече дека ќе биде прекината во рок од 24 часа по неговото враќање во Белата куќа, зборувал пред неговата инаугурација, но додаде дека Русија го поздравува фактот што тимот на Трамп почнува да зборува за „реалноста. на теренот“ кога станува збор за Украина.
Шефот на руската дипломатија рече дека тоа се одразува во изјавите и на Трамп и во коментарите на неговиот иден советник за национална безбедност Мајк Волц.
Волц пред два дена во интервју за телевизијата Еј-Би-Си изјави дека е јасно дека војната некако мора заврши со дипломатски средства.
„Едноставно не мислам дека е реално да се каже дека ќе го исфрлиме секој Русин од секоја педа украинска почва, дури и од Крим. Претседателот Трамп ја призна таа реалност и мислам дека тоа беше огромен чекор напред за целиот свет. Да ја прифатиме таа реалност и ајде да одиме сега напред, рече Волц.
Новоизбраниот американски претседател Трамп неодамна изјави дека сака преговорите со Русија за ставање крај на војната во Украина да започнат набргу откако ќе се врати во Белата куќа, но не даде конкретни информации за тоа кога тие ќе се одржат.
Трамп рече дека сака разговорите да започнат наскоро бидејќи „Русија губи многу млади луѓе, а исто така и Украина“.
Русија ја почна целосната инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година.
Штрајк на администрацијата - вработените бараат покачување на платите за 30 отсто
Вработените од неколку министерства денеска (14 јануари) излегоа на получасовен штрајк пред Министерството за животна средина за поголеми плати. Од 11:00 до 11:30 часот на штрајк ќе излегуваат секој ден оваа недела, а в петок ќе штрајкуваат пред Министерството за финансии.
Тие се разочарани што Владата не предвиде средства за потпишување на колективниот договор, кој ќе значи покачување на платите за 30 отсто и покрај преговорите со нив и навреме доставениот предлог до Министерството за финансии.
„Иако предлог-колективните договори беа доставени до Министерството за финансии пред носењето на државниот буџет за 2025 година, од за нас неразбирливи причини Министерството за финансии не одобри средства за потпишување колективни договори. Висината на платите на вработените во институциите што денес протестираат почнува од 25010 денари. Просечната плата во овие институции изнесува приближно 29000 денари, а просечната плата во државата е 42124 денари. Додатокот што го бараме од 30 % значи дека вработените би добиле 6000 денари, износ што би бил зголемен на нивната плата, но и покрај тоа, сите вработени ќе бидат под просекот на државата“, изјави Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ).
Деаноски повтори дека ова барање е старо повеќе од четири години и дека за овој додаток на плата протестирале и штрајкувале со години.
„ За жал, ниедна влада досега не го слушна нашиот глас“, изјави Деаноски.
Деаноски апелираше на денешната седница на Владата да се стави точка на дневен ред со која ќе се изнајде начин на кој ќе се обезбедат средствата од буџетот на државата за решавање на овој долгогодишен проблем на вработените.
Протестираат вработените во Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за земјоделство, Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерството за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив.
Кос: Најмалку една земја кандидат ќе стигне до „финишот“ во следните пет години
Еврокомесарката за проширување Марта Кос изрази уверување дека за време на овој мандат на Европската комисија (2024-2029) барем една земја од процесот на проширување ќе стигне до „финишот“.
Кос во Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент рече дека расположението за проширување сега е видливо попозитивно отколку во изминатите години.
„За прв пат по десет години имаме реална перспектива дека за време на овој мандат можеме да донесеме барем една, според мене, уште две или три земји до финишот“, рече Кос.
Таа призна дека руската агресија врз Украина отворила можност за натамошно проширување, но подвлече дека нема пречки во процесот на членство.
„Нема да има политички „попусти“. Процесот на проширување останува заснован на заслуги“, подвлече еврокомесарката.
Таа оцени дека во овој момент има двајца лидери во пристапниот процес и, според неа, тоа се Црна Гора и Албанија.
„Црна Гора има визија да ги заврши преговорите до 2026 година, а Албанија до 2027 година. Ние ќе ги поддржиме, но потребно е многу работа. Принципот на процес заснован на заслуги треба да важи и за земјите кандидати и за земјите-членки на ЕУ“, рече таа, додавајќи дека штом кандидатите ќе ги исполнат критериумите, тогаш земјите од ЕУ треба да бидат во можност да одат напред.
Осврнувајќи се на усогласувањето на земјите-кандидати со политиката на санкции на Европската Унија (ЕУ), комесарката Кос рече дека ниту една земја која не е 100 отсто усогласена со европската заедничка и безбедносна политика нема да може да се приклучи на Европската Унија.
„Ова е принципот што ќе го следам. Она што можеме да го земеме предвид е дека тоа не може да се случи во еден ден или да речеме за краток период. Затоа, и ние многу внимателно ги следиме случувањата. И секако дека ќе го направиме тоа и со Србија“, потенцира Кос.
Таа изрази и очекување дека ќе има напредок во процесот на нормализирање на односите по изборите во Косово, кои ќе се одржат на 9 февруари. Признава дека и пристапот на идната американска администрација ќе влијае на европските ангажмани.
„Во Косово ќе има избори. Не очекувам дека ќе можеме да преземеме какви било чекори пред изборите. Но, се надевам дека наскоро по изборите ќе можеме да продолжиме напред. Затоа што не можеме да разговараме за Западен Балкан ако не разговараме за дијалогот меѓу Белград и Приштина или одделно за тоа што прави Косово и што прави Србија. Сите го чекаме 20 јануари и какви одлуки ќе донесе американскиот претседател на првиот ден“, рече Кос.
Новата еврокомесарка за проширување е од Словенија, а на функцијата го наследи Унгарецот Оливер Вархеји.
Мандатот на новиот состав на Европска комисија започна на 1 декември.
Егед: Гренланд е отворен за соработка со САД во рударството
Премиерот на Гренланд, Мут Б. Егед изјави дека данската автономна територија е отворена за поблиски врски со САД, пред сè во областа на рударството.
- Мораме да соработуваме со Америка. Почнавме со дијалог и бараме можности за соработка со (новоизбраниот претседател на САД, Доналд) Трамп, наведе Егед.
Тој додаде дека Гренланд „ја држи отворена вратата кога станува збор за рударството“.
„Така ќе биде и во следните години. Мораме да тргуваме со Америка“, посочи Егед.
Но, тој не навести дека Гренланд е отворен за преземање од страна на САД.
Трамп, кој ќе стапи на должност на 20 јануари, минатата недела изјави дека не исклучува воена интервенција за да ги стави под контрола Панамски Канал и Гренланд.
Новоизбраниот потпретседател на САД, Џеј Ди Венс во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека САД веќе имаат „трупи на Гренланд“, во воената база во северозападниот дел од Островот.
Покрај стратешката локација, Гренланд, кој бара независност од Данска, има огромни резерви минерали и нафта, иако истражувањата на нафта и ураниум се забранети.
Трамп и за време на првиот мандат изјави дека сака да го купи Гренланд, но Данска веднаш ја одби понудата.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете