На Тик-Ток му требаа девет месеци, a на Инстаграм, две и пол години за да го достигне бројот на корисници на четботот ChatGPT, создаден од OpenAI, компанија поддржана од Мајкрософт. Ова го покажуваат податоците на швајцарската банка UBS, пренесува Ројтерс.
Според нив, со роботот кој пишува статии, есеи, шеги, па и поезија до овој јануари или само два месеца по лансирањето, „четувале“ 100 милиони корисници. Па ова го прави најбрзо растечката апликација за корисници во историјата.
Популарен е и меѓу младите во Македонија. Оние што ги анкетиравме, главно велат дека вештачката интелигенција ќе ги направи помрзеливи.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Инаку, некои од средношколците веќе го користат ChatGPT и од него бараат да им ја раскаже лектирата накусо или да им напише писмена работа, а пишува и цели семинарски наместо некои студенти. Дека е така потврди анонимен средношколец од Скопје, кому роботот му помогнал да добие петка.
„За нешто за кое мене би ми требало подолго време ChatGPT го заврши за половина час. Ги испратив презентациите кај професорката и добив 100 поени и зaклучно петка на полугодие“, изјави средношколецот.
Посочи дека роботот најмногу го користат учениците во приватните училишта каде се предава на англиски јазик, бидејќи не е толку развиен во пишување текстови на македонски.
Дел од професориите креваат раменици
Професорите од средните училишта кои ги прашавме дали знаат дека ChatGPT постои и дека можеби без да знаат веќе прегледале писмена работа по македонски јазик напишана од него, за роботот првпат слушнаа од нас. Тие беа изненадени, но некои од нив и убедени дека добро го познаваат стилот на пишување на своите ученици, па лесно би препознале дека текстот не го напишале сами.
Но учениците го знаат тоа па само му го пренесуваат на роботот.
„Секој од нас си има посебен стил на пишување и доколу тој стил можеме да го објасниме со неколку атрибути, можеме тоа да му го пренесеме на роботот и тој може да пишува текстови како ние да сме ги напишале и професорот нема ни да се посомнева“, вели анонимниот средношколец во изјавата за РСЕ.
Професорот Бранислав Геразов, кој предава на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) вели дека речиси е невозможно да се открие дали нешто е плагијат ако е напишано од оваа вештачка интелигенција. И дури и да може такво нешто да се направи денес, во иднина ќе биде невозможно.
„Многу тешко е да се провери затоа што досега студентите го имаа интернетот на располагање, можеа да земат работи од Википедија, од туторијали... И тука можеш со пребарување на интернет да видиш дали нешто е преземено. Но, ChatGPT преработува, прераскажува и дури и ако му го дадете истото прашање четири пати различен текст ќе ви направи и тој текст ги поминува алатките за утрдување на плагијати“, истакна Геразов.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Тој сепак смета дека од вештачката интелигенција многу повеќе можеме да имаме корист отколку штета.
„Тоа е како да ме прашате каква е штетата што може да ја донесе дигитронот пред педесеттина години кога почнал да се употребува. Секако тогаш се вреднувале ментални способности за пресметки, во таа насока да работи мозокот подобро. Сме изгубиле некои способности со дигитронот, меѓутоа не трошиме веќе време на пресметки, туку на понапредни работи“, вели професорот.
Според него, алатките ќе стануваат помоќни и ова е некој предвесник на времето што доаѓа. Па образованието и целото општество треба да се прилагодат на процесот.
„Можеби прашањето би требало да биде, како можеме да ја употребиме таа алатка, односно да ги научиме и насочиме студентите како да ја употребат за да сработат повеќе отколку што можеле да сработат до сега. Ако требале да пишуваат код од нула или семинарска од нула, ChatGPT може да им даде отскочна даска и тие да направат нешто посложено или подлабоко да анализираат некоја тема“, додава професорот на ФЕИТ.
Видете и ова: Македонски џебен „кардиолог“
Истакнува дека младите мора да имаат развиено критичко размислување, бидејќи дури и оваа вештачка интелигенција не е секогаш во право и често убедливо импровизира. Така, некој што не знае ќе мисли дека тоа што го чита е факт.
Тој смета дека и професорите може да имаат корист од оваа алатка и со помош на вештачката интелигенција би можеле да имаат подобри материјали, скрипти, учебници и презентации за да го пренесат подобро нивното знаење на студентите.