Преспанскиот договор е завршена приказна и во Грција и затоа аналитичарите не очекуваат да има промени во Договорот. Сепак, дел од нив велат дека победата на „Нова Демократија“ на изборите може да донесе промена во однесувањето на Грција кон земјава.
Љупчо Петковски, извршен директор во Центарот за европски стратегии „Евротинк“ е убеден дека Владата на новиот премиер Кирјакос Мицотакис нема да го оспори Преспанскиот договор, но очекува секојдневни проблеми со имплементацијата, различни интерпретации на одредени прашања кои ,според него, се намерно оставени како „креативно нејасни“.
„На пример тука се прашањата од историја, придавки, трговски ознаки, тука има и Комисии билатерални. Многу е важно од наша страна да не се случуваат чинови коишто од таму би биле примени како провокација. На пример, ако се случи нова влада и тука и истата смени име на аеродром, тоа ќе го торпедира договорот целосно. Затоа треба некои клучни работи за нив, тука да не се ставаат под знак прашање, исто и тие, клучните работи за нас, да не ги ставаат под прашање, како на пример идентитет, „славомакедонци“ и сл. Но, такви драми очекувам да има во иднина,“ вели Петковски.
Видете и ова: Ќе има ли уште „кнедли“ во преговорите со Грција?
Поранешниот амбасадор Мухамед Халили вели дека иако нема аргументи, Мицотакис ќе прави опструкции во спроведувањето на договорот од Преспа, само за да докаже дека бил во право кога велел дека истиот е штетен. За него нема да биде изненадување доколку новата грчка влада се обиде да ги блокира македонските евроинтеграции.
„Не само Мицотакис, туку сите земји членки на ЕУ кога би сакале на 33 поглавја можат да не закочат во секоја минута. Мислам дека Мицотакис ќе направи обиди зависно од поглавјата кои ќе се отвораат, да им каже на гласачите дека ете тој бил во право кога се противел на договорот и дека ,според неговото видување, успеал да ги поправи грешките што во тој договор ги пропуштила тогашната влада, а сегашната идна опозиција,“ вели Халили.
И грчкиот новинар и историчар Тасос Костопулос во неодамнешното интервју за нашето радио изјави дека и да сака новата грчка влада ќе има проблеми да го поништи договорот.
„Мислам дека „Неа демократија“ ќе има проблем да го врати назад Договорот. Како што кажа Мицотакис, има континуитет и тоа мора да го прифатиме. Секако треба да почекаме, треба да бидеме подготвени за мали кризи, на ниво на билатерални комисии и слично. Но, мислам дека за нив ќе биде тешко да одат против Договорот“, изјави Костопулос.
Видете и ова: Преспанскиот договор и изборите во Грција
Според Мицотакис, Преспанскиот договор е штетен за грчките интереси, иако вели дека е правно обврзувачки. Во интервју за белгискиот весник „Ле Соар“ тој рече дека нема да се откаже од правото на вето за пристапувањето на соседната држава во Европската унија. Претходно пак, одговарајќи на новинарски прашања пак тој изјави дека според Преспанскиот договор, Грција не може да стави вето на почнувањето на пристапните преговори за членство на земјава во ЕУ.
Во мај се одржа првиот состанок на Комисијата за трговски ознаки и трговските имиња, која треба да ги договори условите за користење на термините „Македонија“ и „македонски“ од приватните фирми. Трговските ознаки и имиња за комерцијална намена не беа договорени со Преспанскиот договор, туку Македонија и Грција се согласија „да ги охрабрат своите деловни заедници“ преку искрен дијалог да постигнат заемно прифатливи решенија. За оваа обврска годинава се формира меѓународна група на експерти со претставници на двете држави, која треба да ја заврши својата работа во рок од три години.
Во меѓувреме, работи и комисијата за образовни и историски прашања меѓу двете земји.