Граѓаните уште сега стравуваат како ќе ја преживеат следнава зима, откако цените на енергенсите вртоглаво пораснаа.
Поскапа е струјата, но и дрвата за огрев, нафтата, како и пелетите.
Дел од оние кои ги анкетиравме велат дека се одлучиле на греење со инвентор клими.
Пензионерката Лиле од Скопје ги искористила субвенциите што ги нуди државата и вели дека климата излегла многу поисплатлива.
„Искористивме субвенции и земавме инвертер клима. Многу сме задоволни, да ви кажам луѓето што се греат во помали квадратури повеќе плаќаат, ние грееме 200 квадрати и плаќаме околу 3.600, но во таа цена влегува и перење, готвење, машини и се друго и многу поисплатливо е“, вели Лиле.
Слично искуство има и скопјанецот Ратко, кој пред неколку години почнал да се грее со инвертер.
„Имаме ние веќе три години инвертер клима, грееме мало станче од 55 квадрати, задоволни сме, но тоа не беше од државата, ние лично си го купивме од наши средства, јас не би го сменил инвертерот, а сметките се намалија, добро е“, вели Ратко од Скопје.
Со инвертер може да се згреете во Скопје или Гевгелија, но не и во Битола
Дејан Трајковски, професор по теоретска механика направил пресметки за тоа на што е најефтино граѓаните да се греат.
Најскапо е вели тој греењето на нафта, потоа следи гасот, па греалки на струја, додека, како што вели, најефтино е со современите инвертор клима.
И топлината од мазут исто така е многу поскапена, вели тој, но се уште е поефтина од цената на гасот, но поскапа од електричната енергија во ниска тарифа и клима уредите.
Професорот вели дека благодарение на високиот коефициент на перформанси, цените од греењето со инвертер климите се речиси на исто ниво со цените на топлинската енергија од дрва за горење, а истовремено се и еколошки најприфатливи.
„Сè на сè ако споредиме најефтиниот начин на греење, истовремено еколошки најприфатлив е греење со инвертор клима уреди, и тоа во потоплите климатски појаси во Македонија, така на пример во некои региони каде што зимите не се многу студени, на пример во Скопје или Гевгелија цела зима може да се помине само со греење со клима уреди, исто така коефициентот на перформанси таму е повисок, така што таму може да се добие дури и под 2 денари по киловат на час што е споредливо дури и со цената на топлината од греење со дрва, додека на пример во некои делови на пример во Битола не е возможно да се врши греење само клима уреди ќе биде потребно и некакво догревање“, вели професорот Трајковски.
За субвенции за инвертери преку општините и Владата беа дадени милиони денари, а голем број семејства се префрлија на греење на струја и ги дадоа своите печки на дрва за да добијат субвенции за инвертери, печки на пелети или топлински пумпи.
Државата пред неколку години го започна проектот со кој дели субвенции за поставување клими и печки на пелети, со цел да се намали загадувањето на воздухот.
Први општини кои доделуваа субвенции се Скопје, Тетово и Битола, како најзагадени.
Град Скопје веќе го објави јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување за 2022 година, на кој граѓаните може да аплицираат онлајн на uslugi.skopje.gov.mk.
Во буџетот на Град Скопје за 2022 година за оваа намена се предвидени 24 милиони денари, или околу 400 илјади евра.
Министерот за животна средина Насер Нуредини неодамна за РСЕ изјави дека државата сака да ги мотивира граѓаните да ги користат субвенциите за инвертери, за печки на пелети или топлински пумпи, наместо да употребуваат печки на дрва.
„Сакаме да ги поттикнеме граѓаните да не користат дрва за затоплување и други елементи кои загадуваат и не мислам дека оваа година ќе има зголемување на загадувањето“, изјави Нуредини во интервју за Радио Слободна Европа
Сепак, најголем дел од домаќинствата во земјава, односно половина од нив, се греат на дрва, една третина на струја, потоа следи загревањето со пелети и сосема мал дел на парно, покажуваат податоците од Заводот за статистика кои се однесуваат на 2019-та година.
Видете и ова: Kое е решението за еколошко сиромашните?
Педесет и осум годишната Мара од Волково е меѓу оние кои се греат на дрва, вели дека и покрај субвенциите не може да си дозволи да се префли на инвертер уредите.
„Скапо е и на дрва, на струја немаме уреди, сиромашни сме, па и дрвата се скапи, одвај си дозволуваме, ние не можеме да си дозволиме немаме пари, многу е скапо, немаме шанси за клима, немаме од каде“, вели Мара.
Кубик дрва сега се продава за цена од 50 евра па нагоре, што е за околу 1000 денари поскапо од минатата година. Вреќа пелети достигнува и до 320 денари, што е за речиси дупло од минатата грејна сезона.
Субвенционираната струја дебело ќе ја плаќаме во иднина
И професорот Констатин Димитров од Машинскиот факултет во Скопје вели дека со греењето на инвертер помалку се троши, а се добива повеќе топлинска енергија.
Но, порачува дека државата навреме треба да преземе мерки и да ги насочи граѓаните на што да се греат претстојната зима.
„Многу победничка варијанта е доколку државата навреме преземеше мерки, а гледаме „ги влечка“ со законската регулатива да се олесни, да се стимулира граѓаните на приватните куќи, домови да постават сончеви фотнапонски системи, да произведуваат електрична енергија за себе, а истовремено и за напојување на топлинската пумпа, ќе им се смали трошокот, ќе се подобри буџетот домашен, да се преживее оваа тешка зима што не чека сите нас и во доменот на снабдување со енергија, но и во доменот на снабдување со храна, но државата, Владата со месеци зборува дека ќе се смени регулативата, а ништо не е преземено“, вели професорот.
Димитров укажува и на важноста од домашното производство на струја.
Имено, податоците на Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека за една деценија домашното производство на струја е намалено за една четвртина, а производството на струја во државните капацитети е речиси преполовено.
Според професорот државата мора да се насочи кон овој проблем.
„Секој киловат час кој ќе се купи на берза е значително поскап од сопственото производство, насоката е со сите сили со целото општество електростопанство на Македонија да обезбеди сопствено производство кое ќе ги покрие потребите на домаќинствата и на оние потрошувачи што се во тарифата на домаќинства, тоа се градинки, основни училишта итн, сите оние се на универзалниот снабдувач ЕВН хоум и таа цена е на определен начин субвенционирана преку социјални мерки преку Владата и убеден сум дека и во новата цена ќе има субвенции, иако тоа ништо делумно во даден момент олеснува на граѓаните, но ќе биде полесно со тие тарифите, но бидејќи државата нема пари сиромашна е, ние не произведуваме додадена вредност за буџетот, туку се задолжуваме и сме во дебел минус. Тие пари ќе треба одложено да ги враќаме во следните 10 години или повеќе зависи со кое темпо и брзина се задолжува Македонија“, додава Димитров.
Проблемите со снабдувањето со струја и парно кулминираа зимава, кога цените на струјата на европските берзи драстично се зголемија, па земјава купува неколку пати поскапа струја од таа што ја плаќаат потрошувачите. Од почетокот на годинава струјата поскапе за скоро 10 %, а парното за 14 %.