Достапни линкови

БЕГ од октомври нема да го топли Скопје, во РКЕ уште се крчка тарифникот за струјата


Прес-конференција на Регулаторната комисија за енергетика
Прес-конференција на Регулаторната комисија за енергетика

До крајот на месецов треба да има нов тарифник за струјата, како и нова цена за потрошувачите. Додека се крчкаат измените, од РКЕ соопштија дека промени ќе има и кај парното, а сосема е извесно дека БЕГ од октомври нема да ги топли скопјани.

Регулаторната комисија за енергетика е во постапка на одземање на трите лиценци на БЕГ, информираше денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски, кој рече дека верува оти од октомври оваа компанија повеќе нема да ги топли скопјани.

Ваквата информација доаѓа откако БЕГ пријави сериозни трошоци за изминатата година, па на почетокот на 2022 година, државната ЕСМ го презеде управувањето и со парното во Скопје. Како причина беше наведена високите цени на енергенсите, поради што компаниите не можеа да обезбедат финансирање на грејната сезона без државна помош.

Бислимовски појасни дека во моментот кога ќе бидат одземени лиценците, согласно законот за енергетика Владата е должна да распише тендер со којшто ќе треба да се најдат нови вршители на енергетската дејност. Уверуваше дека скопјани нема да останат без греење, а државата нема да плаќа пенали кон БЕГ .

„Откога ке се распише тој тендер, ќе се избере нов вршител на енергетска дејност и тој нов вршител на енергетска дејност ќе продолжи да ја врши дејноста како што ја вршел и претходниот“, појасни Бислимовски и препорача Владата или други јавни претпријатија да си го преземат вршењето на оваа дејност.

Според податоците од РЕК, лиценца за производство на топлинска енергија за територија на Скопје имаат БЕГ, ТЕ-ТО и ЕСМ. До пред 2018 година, на пазарот со производство функционирала уште една фирма Когел, на која ѝ била одземена лиценцата поради неисполнување на критериуми за работа.

Во делот на дистрибуција на топлинска енергија, РКЕ издале лиценци на фирмите ЕСМ, Балкан Енерџи ДООЕЛ и Топлификација ( чија лиценца престала да важи затоа што во тек е стечајна постапка).

Во делот на снабдување на топлинска енергија, лиценца поседува Балкан Енерџи Дооел и ЕСМ.

Извесно е зголемувањето на најавените тарифи за струјата

Од РЕК денеска го презентираа и калкулаторот поставен на нивната веб страница, преку кој граѓаните ќе можат да проверат колку би изнесувале нивните сметки со воведувањето на новите четири блок тарифи за скапата струја. Како што појасни Бислимовски, пресметките кои се прават сега се според постоечката цена на струјата, која на сила ќе биде до крајот на овој месец. Од први јули ќе има нови цени на стујата. Дел од компаниите веќе побарале големи поскапувања, како ЕВН за која откри дека побарала за 80% поскапување во делот на дистрибуцијата.

Пред да биде утврдена новата цена на струјата, ќе треба да се донесе и новиот тарифник со 4 -предложени тарифи, па заедно да почнат да важат од почетокот на следниот месец.

Според разработуваниот модел, скапата струја ќе биде поделена во четири блока. Потрошената струја до 210 киловатчаса во скапа тарифа месечно, ќе се плаќа 35 отсто поевтино од сега, потрошувачката меѓу 210 и 420 киловатчаса ќе биде со цени слични на сегашните, меѓу 420 и 630 киловатчаса ќе биде поскапа, а секој киловатчас над границата од 630 киловатчаса скапа струја месечно ќе биде многу поскап и ќе биде по слична цена со индустриската струја. Евтината струја ќе остане како една тарифа за сите, во периодот меѓу 22 и 7 часот, вклучително и во недела.

Од РКЕ најавуваат дека од следната недела ќе има дефиниран модел, при што појаснија дека размислуваат за зголемување на опсегот на тарифните модели за скапата струја.

„И во наредниот перод ќе ги примаме сите забелешки и сугестии и тие единствено можат да одат во насока на зголемување на опсегот на блоковите, а не на намалување“ , појасни Бислимовски кој додаде дека ќе излезат во пресрет на најголем дел од забелешките, но потсети и дека „сме енергетски сиромашна земја“.

Професорот од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ)Рубин Талески истакна дека со новите тарифи, ако се зголеми опсегот на блоковите, во зимскиот период околу 87% од потрошувачите, односно 640 000 домаќинства, ќе имаат помали или исти сметки. Сепак додаде дека покачувањето на опсегот ќе повлеќе поскапување на ниската тарифа, односно на евтината струја.

„А тоа се постигнува, бидејќи во првите два блока ценатата на електричната енергија ќе биде пониска отколку што е сега, а во ниска тарифа ќе се покаже. Ова е резултатот. Ние сакаме да ги собереме истите пари како и со старите (сметки). Е сега, некому треба да му се зголеми цената , дефинитивно на оние во третиот и четвртиот, ним ќе им биде повисока“, истакна професорот.

Според првичните најави, со оглед на тоа што граѓаните плаќаат поевтина струја од пазарната, идејата е поевтина струја да има само за основните потреби. Новиот модел предвидува да се соберат исто пари за струја како сега, но најголемите потрошувачи да платат повеќе. Како што веќе објавија од РКЕ, 17 домаќинства во земјава потрошиле струја колку дури 80 илјади просечни семејства. Дел од нив загреваат огромни базени, а за дел постои сомнеж дека копаат криптовалути.

Проблемите со снабдувањето со струја и парно кулминираа зимава, кога цените на струјата на европските берзи драстично се зголемија, па земјава купува неколку пати поскапа струја од таа што ја плаќаат потрошувачите. Од почетокот на годинава струјата поскапе за скоро 10 %, а парното за 14 %.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG