Достапни линкови

Војната во Украина удри по џебот на граѓаните


Маркет во Скопје.
Маркет во Скопје.

Зголемени цени на основните прехранбени продукти, на струјата и на нафтата, се само дел од неповолните ефекти врз животниот стандард од војната во Украина. Трпи и бизнисот и се затвораат компании. Граѓаните велат цените се до плафон и очекуваат помош од држaвата. Светска банка предупреди дека руската инвазија на Украина може да предизвика глобална рецесија.

Ако граѓаните минатиот месец за литар зејтин плаќаа 115 денари и цената веќе беше зголемена, сега тој е поскап за 20 и повеќе денари. Ова е само еден од примерите за ценовните скокови како резултат на војната во Украина кои удрија по џебот на граѓаните. Минатиот месец, споредбено со април лани, според последните податоци на Државниот завод за статистика трошоците за живот се за 10 и пол отсто повисоки, додека цените на мало за истиот период се повисоки за 11,1 отсто. Граѓаните велат дека цените се многу зголемени.

„Инфлацијата е голема, најверојатно 20, 30 отсто. Така што ако отидете во продавница со 500 денари, сега треба да одите со 800 денари за да ги купите основните потреби. Нема на што да се штеди. На исхрана не може, на облека и на шетање. на друго нема што“, изјави за РСЕ Флорина Темелис од Скопје.

„Зголемени се. Еве лебот беше 25 денари, па 30, сега 40 денари“, вели Миодраг Илиќ од Скопје.

„Пред тоа подруг живот беше. Сега сè е скапо. Од плата до плата не стига ништо. Водиме сметка тоа што е најосновно го купуваш, тоа што не ти е, стои“, вели граѓанка од Велес.

„Нормално дека потешко, ама кој како има средства така ќе си поминува. Тој што има повеќе не чувствува, ама повеќе сме со помали средства“, вели пензионер од Скопје.

Како војната во Украина се одразува врз секојдневието на луѓето?
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:27 0:00

Во април најголем скок во цената имало маслото за јадење и тоа за 20 отсто, а потоа зеленчукот за речиси 13 отсто. Од Нова година струјата поскапе за 10 отсто, а парното во Скопје за 14 отсто. Народна банка за годинава предвидува инфлација од 8,8 отсто.

„Штом се намалува економската активност, односно очекуваме забавување на економската активност и нагорни притисоци кај инфлацијата тоа во основа значи помал расположлив доход кај населението, односно неповолни ефекти врз животниот стандард“, вели гувернерката Анита Ангеловска - Бежоска.

Бизнисот трпи последици, се затвораат компании

Македонија како слепо црево на глобалната економија, сите шокови ги чувствува покасно, кои на крајот се одразуваат на сериозен начин, вели претседателот на бизнис конфедерацијата, Миле Бошков. Последици, според него, веќе трпи и бизнисот, а голем број на компании се затвораат.

„И пост ковид кризата, меѓутоа и кризата предизвикана од војната во Украина навистина сериозно се одразуваат. Влијаат на капацитетите на компаниите. Влијаат на потрошувачкото размислување на граѓаните кои фактички ги движат компаниите поради купување на нивни производи и услуги“, вели Бошков.

Ангеловска - Бежоска додава дека во вакви ситуации неопходно е секако преземање на повеќе мерки и активности од носителите на политиките, со цел да се ублажат неповолните ефекти, особено кај најранливите категории на граѓани.

„ Со оглед на природата на шокот секако најефективна во овој контекст може да биде фискалната политика, која може директно да влијае на ублажување на ефектите од овој шок врз животниот стандард на граѓаните. Меѓутоа, треба да бидеме свесни дека и просторот за реакција на фискалната политика е ограничен во услови на позначајно зголемување на јавниот долг во текот на пандемијата“, додава таа.


Анкетираните очекуваат мерки за помош на граѓаните и стопанството.

„Треба. Но, нема средства и Владата. Земаат кредити, ама до кај ќе одат“, вели пензионер од Скопје..

„Секако дека ќе има пак поскапување. Владата треба и пензии да си покачи. И платите треба да ги покачат. Читав на интернет дека земале плата по 500 евра, но 30 илјади не се зема. Јас сум вработена. Еве сега сум на боледување, но до кај 20 илјади и нешто со трета смена земаат. Треба Владата да ги качи и платите. Инаку тежок живот“, вели граѓанка од Велес.

„За овој обичен народ треба да се преземат поголеми мерки, а и стопанството треба да го потпомогнат малку повеќе и домашното производство“, вели Флорина Темелис од Скопје.

Луѓето повеќе ќе се задолжуваат во банки

Поранешниот гувернер на Народна банка, Љубе Трпевски очекува во наредниот период поради инфлацијата која е во раст да има поголемо задолжување на граѓаните кај македонските банки.

„Потребата од кредити во криза секогаш се зголемува. Добро е што банките се конзервативни и што одобруваат кредити само на кредитоспособни баратели при што нивото на лоши пласмани се сведе на европското ниво“, вели тој.

Секој четврти граѓанин живее во сиромаштија

Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека речиси 452 илјади граѓани живеат во сиромаштија. Најизразена е стапката на сиромаштија во семејствата со три и повеќе деца од над 45 отсто, како и кај самохраните родители со околу 41 процент.

Според Бошков, потребно е освестување, односно добро размислување на кој начин понатаму земјата ќе се потпре на сопствените ресурси и капацитети кои ги има, а ги има во земјоделието, водните ресурси, како и локалното производство на храна и пијалоци.

„Еден податок само како куриозитет оваа година ни останаа 50 илјади тони необрана јаболка од дрвјата во Ресен од почетокот на кризата и последователно војната во Украина, така што мора да најдеме начин како ќе ги искористуваме нашите ресурси и нашето производство“, вели Бошков.


Министерот за финансии Фатмир Бесими при презентацијата на ребаланост на Буџетот изјави дека се обезбедени дополнителни 76 милиони евра за мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на стопанството, како и дополнителни 52 милиони евра за субвенции за земјоделците. Со ребалансот на Буџетот, како што посочи, се обезбедени и средства за покачување на пензиите на пензионерите, на платите за наставниците, за субвенции за покачување на минималната плата, и во јавниот и во приватниот сектор, како и повеќе средства за социјални надоместоци и субвенции за гарантиран минимален приход.

„Овој ребаланс е соодветен и навремен фискален одговор на тековните глобални случувања. Ова е ребаланс за целосно заздравување на економијата од пандемијата. Ребаланс за поддршка на граѓаните и фирмите во екот на глобалната ценовната и енергетска криза“, рече Бесими.

За жал, како што вели Бошков, ќе биде погубно ако дел од овие пари бидат потрошени за зачувување на работните места, а платите нема да креираат дополнителна вредност во економијата.

„Ќе мора Владата да размислува како ќе поттикне компании исклучиво кои ќе можат да се бават со производство, кои ќе може да се бават со извоз на македонски производи и кои ќе го реструктуираат својот начин на работа. Ќе мора парите кои ги одвојува државата да бидат многу умно и со сериозни критериуми поделени за да бидат потрошени“, смета Бошков.

Во регионот на Западен Балкан имаме најголема трговска отвореност, вели Ангеловска - Бежовска. Тоа значи, како што вели гувернерката, дека колку повеќе сме отворени, толку побрзо и полесно сите надворешни шокови доаѓаат и се слеваат во нашата економија и затоа ги гледаме повеќе ефектите од растот на цените на примарните производи на светските берзи.

Минатата година таа потсетува дека цената на гасот пораснала за околу 400 проценти, а цената на електричната енергија за 200 проценти, додека пак цената на нафтата за околу 60 отсто.

„Тоа се навистина огромни шокови и нормално е дека ќе се пренесат во нашата економија. Добро е сега засега што барем меѓународните финансиски институции проектираат натамошно постепено стабилизирање на цените и на енергентите и на храната, што би требало да има влијание во насока на натамошно постепено стабилизирање. Секако тоа нема да значи враќање на значајно пониските нивоа кои што беа присутни во предкризниот период, но сепак на некое поумерено ниво“, посочува гувернерката.

Светска банка предупреди дека руската инвазија на Украина може да предизвика глобална рецесија бидејќи ќе се покачат цените на храната, енергијата и на ѓубривото. Минатиот месец, Светска банка го намали проектираниот глобален економски раст на 3,2 отсто од 4,1 отсто поради војната. Македонија како резултат на војната во Украина протера 11 руски дипломати од земјава и се приклучи на санкциите против Москва. Руската влада потоа ја стави Македонија на списокот на непријателски држави. Повеќето од граѓаните не очекуваат војната да се прошири и на други земји.

Економските последици од војната не се чувствуваат само во Македонија. Како во Бугарија се живее и колку трпи животниот стандард на луѓето?

Гоце Атанасов

Николај Белев гледа дека неговите приходи се намалуваат поради зголемените цени на нафтата и гасот, предизвик што тој не е подготвен да го замени за санкции кон Русија за кои смета дека се несоодветни.

Овој 47-годишен градежен работник живее со сопругата во станбена зграда во Софија со централно греење и се потпира врз неговите вештини за да се справи со семејниот буџет.

„Моите трошоци се зголемија отприлика, буквално за неколку месеци за 30 проценти, со оглед на самите суровини кои се набавуваат за поправка на прозори. Така што навистина сме во нерешлива ситуација во која сум ставен, бидејќи не е можно е да се зголемат конечните цени со иста стапка, бидејќи клиентите ги одбиваат моите услуги и јас ја губам работата. Затоа само се надевам дека војната ќе се реши побрзо“.

Тој стравува дека долгата војна во Украина сериозно ќе влијае врз неговиот семеен приход бидејќи финансиската несигурност ги тера луѓето да ги променат претходните планови за големи поправки на нивните домови.


Неговата загриженост ја одразува последната оценка на Меѓународниот монетарен фонд дека војната во Украина веројатно ќе го погоди економскиот раст на Бугарија и ќе ја зголеми инфлацијата. На крајот од посетата на персоналот во Софија, ММФ рече дека растот на Бугарија ќе биде близу 3 отсто година, што е намалување од претходната проценка од 4,4 отсто, додека инфлацијата веројатно ќе биде двоцифрена.

Бугарија која има 6,5 милиони жители, беше меѓу најблиските сојузници на Москва за советско време, сега е земја-членка на НАТО и ЕУ, но таа и понатаму е во голема мера зависна од руските енергетски резерви. Нејзината единствена нафтена рафинерија е во сопственост на руски Лукоил и претставува речиси две третини од потрошувачката на гориво во земјата, додека единствената нуклеарна централа, која испорачува над една третина од електричната енергија во земјата, работи на руски ураниум.

Сегашната центристичка коалициска влада се обидува да ја доведе земјата на појасна прозападна патека со брзо креирање опции за радикална диверзификација на изворите на енергија. Веќе беше кажано дека по истекот на 10-годишниот договор на Бугарија со Гаспром на крајот на оваа година, земјата ќе бара алтернативи, како гас од Азербејџан или испорака на ЛНГ преку интерконекторски гасовод со Грција. Додека ваквиот веројатно би значел поскап гас за Бугарија, владата вели дека изборот станал императив поради војната во Украина. Сепак, традиционалните врски на Бугарија со Русија, засновани врз заедничката религија и културното наследство се погодени, бидејќи многумина се ужаснати од крвопролевањето предизвикано од руската агресија врз Украина.


За Веселина Маринова нема такво нешто да се избира меѓу цената на бензинот и да се поддржува убивање цивили, додавајќи дека единствениот правилен начин за Бугарија е целосно да ги поддржи најстрогите санкции против Русија.

„Јас сум целосно убедена дека единствениот правилен начин за Бугарија е целосно да ги поддржи најтешките санкции против Русија. Порано или подоцна, тие ќе го принудат (Владимир) Путин и неговиот круг да ја запрат оваа криминална братоубиствена агресија против суверена држава“, вели таа.

Маринова, која има долго професионално досие како уредник во различни печатени медиуми, живее со сопругот и нејзината 83-годишна мајка во семејна куќа во предградието на Софија.

„Моето семејство нема приходи што ни овозможуваат мирно да се соочиме со инфлацијата предизвикана од руската војна во Украина во моментов. Ќе страдаме поради инфлацијата поттикната од војната. Исто така, свесна сум дека се наѕира тешка криза. Сепак, верувам дека мора да останеме на вистинскиот пат во име на отфрлање на чувствата и непријатната зависност што ја имаме од Русија, не со децении, туку повеќе од еден век“, вели таа.

Маринова смета дека со влезот во НАТО и во Европската унија пред повеќе од една деценија, Бугарија го направила вистинскиот избор, но по руската инвазија владата треба да ја смени својата колеблива позиција и да обезбеди воена помош за Украина.

„Бугарија е долго време членка на НАТО и 15 години е во Европската унија и нема сомнеж дека нашиот пат е со Европа, вклучително и според мене, тоа треба да значи воена помош за Украина во моментов. Во име на подобра иднина крајно време е да се ослободиме од нашите чувства кон Москва, која отсекогаш се обидувала да ја контролира Бугарија“, вели Маринова.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG