Шилегов - Сè уште се „тепаме“ со сваровски судството

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Шилегов - Проклето споро ни оди со судството

Кога правдата е во прашање, мислам дека граѓаните знаат дека сме во борба со остатоците на она што беше „сваровски судство“. Заради тоа можеби не можеме во оваа фаза до крај да ја спроведеме правдата која толку насушно е потребна во нашето општество. Тоа е следниот таргет за по изборите, вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов од СДСМ, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Шилегов го усвоивте буџетот на Град Скопје за 2020 година. Кои се клучните проекти кои ќе почнат со реализација наредната година?

Во голем дел ќе зборуваме за континуитет на веќе започнати проекти кои ги реализираме во градот и каде што обезбедуваме средства за нивно континуирано одвивање. Ја започнавме „пластичарска“. Во завршна фаза се булеварот Христијан Тодоровски Карпош и булеварот Босна и Херцеговина. Во завршна фаза е првата фаза од булеварот АСНОМ. Предвидуваме буџетски средства за другата година за мостот на Вардар кај булеварот АСНОМ. Предвидени се и буџетирани средства за мостот кај Карпош 4, бидејќи ги завршивме сите постапки околу нивното проектирање како развојни компоненти во нашиот град во инфраструктурна смисла. Влезена е и Универзална сала исто така, како и забавниот парк, така што ќе имаме една сериозна буџетска импликација во развојот на Скопје во рамките на скромните финансиски можности коишто ги има нашиот град. 2018 година често говорев дека развиваме нови стратегии за нашиот град, 2019 полека влеговме во имплементација, а 2020 и 2021 ќе бидат сериозно видливи, односно визибилни за тоа што како град што го работиме и како градоначалник го имам смислено и кое всушност го разговарав со скопјани во текот на изборната кампања.

Во буџетот се предвидени дополнителни 3 милиони евра за плати и надоместоци. Ако нема нови вработувања за што се наменети парите?

Зголемување на платите како циклус. Ние мораме да го пратиме, бидејќи вработените во Град Скопје се на ранг на државни службеници и тие зголемувања коишто одеа ние како такви мора да ги пратиме. Тоа се тие средства. Не станува збор за нови вработувања. Дел од тие средства ќе се обидеме да ги лоцираме и за зголемување на платите на пожарникарите. Тоа е нешто што сè уште го разработуваме докрај за да може да ги потпишеме договорите, а морам да ги предвидам во буџет, како такви. Тоа се тие средства значи. Не станува збор за генерирање на нови работни места.

Сметате ли дека незадоволство од работата на градоначалниците ќе се рефлектира врз најавените парламентарни избори?

Не. Мислам дека е мудар народот наш и знае да ги дели работите без оглед што некогаш знаеме да се потценуваме самите меѓу себе. Сепак мислам секој човек во моментот кога излегува да гласа, точно знае што гласа и точно знае за каков вид на политики. За само две и пол години станавме членка на НАТО и знаеме дека не по наша вина беше една можеби несреќна, субјективна одлука на еден од европските лидери да не започне процесот на преговори за членство во ЕУ. Не сум ни јас лично задоволен како стоиме со правдата. Но, кога правдата е во прашање, мислам дека граѓаните знаат дека сме во борба со остатоците на она што беше „сваровски судство“, какви беа оценките на сите релевантни меѓународни институции, меѓутоа какви беа оценките и на македонската јавност за тоа какво е судството. Епа со тоа судство се „тепаме“ и заради тоа не до крај можеби не можеме во оваа фаза да ја спроведеме правдата која толку насушно е потребна во нашето општество. Тоа е следниот таргет, бидејќи мислам дека направивме сериозни исчекори во евроатланските интеграција. Македонија наша - членка на НАТО. Една од 30-те најмоќни држави во светот. Сон на многу генерации. Сега имаме многу домашни работи што треба да ги завршиме. Нефункционални до крај ни се институциите. Можеби не сме до крај оперативни. Знаеме да слушаме. Знаеме да ги исправиме грешките кога ќе ги направиме. Не велам дека не правиме грешки. Безгрешниот побегна. Ние сме грешни. Луѓе сме, работиме.

Која е клучната грешка што партијата ја направи откако дојде на власт?

Сè уште не сме излезени од груевизмот. Некои работи ни станаа како вредности без да ги сакаме, без да ги прифаќаме, ама невидливо имаат влезено во нас и водиме репер по тие груевистички вреднувања. Често. Нели клучното прашање за ова ли се боревме кога ќе ти го постави член на партија, затоа што нема да му овозможиш работно место како што го замислува за себе. Па да, за тоа се боревме. Не да добиеш работно место затоа што си член на партија, ама тие се работи што ги забораваме. Во таа атмосфера јас не можам да видам некаква фундаментална грешка во смисла на носење на политички одлуки во политиките на СДСМ во изминативе скоро 3 години. Ситни грешки во од има, ама рековме тоа е човечки. Стратешки дека некаква грешка сме направиле водејќи ја оваа држава јас сè уште не можам да видам. Впрочем сте донеле политички одлуки врз чија основа оваа држава е во НАТО. Споро ни оди со судството. Проклето споро ни оди. Не зборуваме за целото судство, туку доменот онаму каде што е одлучувањето за криминалот. Претежно зборуваме за еден суд во државата, Основниот суд и еден суд во државата, Апелационен. Знаете што сè не се случи за да го смениме претседателот на Врховниот суд и какви беа тие односи. Меѓутоа не верувам дека тоа е риверзибилен процес. Тоа не може веќе да се врати. Тргна таа работа. Таа ќе ја довршиме после изборите и конечно ќе успееме чекор по чекор, можеби ќе звучам грубо, за реално прв пат да воспоставиме владеење на правото во Македонија.

Целото интервју со градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.