Форумите и врсниците не се правилниот извор на информации за сексуално преносливи болести

Илустрација, сексуално образование

Потпирањето на туѓи искуства споделени меѓу врсниците може да биде ризично, посебно кога станува збор за витално важни теми како опасност од сексуално преносливи болести. Генералната неинформираност на оваа тема е загрижувачка, предупредуваат експертите.

Нема точен датум во животниот календар за тоа кога детето станува возрасен млад човек, но има многу истражувања кои покажуваат како изгледа тој период, погледнат внатрешно.

Психотерапевтите велат дека развојот во адолесценцијата се одвива на повеќе нивоа. Во овој бурен период, кога хормоните интензивно го диктираат начинот на однесување, растење, емотивно доживување, зреење и слично, адолесцентите запознаваат нови аспекти од себе. Тоа се години кога почнуваат да формираат и партнерски релации, да експериментираат со различни стилови на градење припадност во врсничката група, но и експериментирање во постигнување задоволство. Сексуалноста неизбежно станува дел од важните теми на размислување, разговор и стекнување искуство.


„Работејќи со млади низ психотераписки процес, забележувам дека сѐ уште постои тенденција за избегнување на разговори поврзани со сексот. Иако меѓусебно разменуваат искуства и информации, сепак сметам дека не се доволно отворени во рамки на семејството или барем некој повозрасен семеен член, кој би можел соодветно да ги упати кон вистински одговори, исто како што тоа се прави за други области. Искуството на повозрасните, но и свесноста за тоа какви сѐ непријатности може да се случат, може да биде од големо значење за безбеден пристап во оваа сфера. Но, мора да напоменам дека има случаи кога родителите не се подготвени за разговор, ја избегнуваат темата и едноставно покажуваат отпор да зборуваат со своето дете за неговиот/нејзиниот сексуален живот, иако знаат дека тој постои“ , изјави за РСЕ, Деспина Стојановска, системски семеен психотерапевт.


Мало невнимание може да донесе сериозни последици

Периодот на откривање на светот на возрасните преку сексуалните доживувања е обоен со возбуда, срам, вина и страв.


„Истражувањето на себе и својата сексуалност кај младите неминовно е да се случи, да се влезе во светот на сексуалните доживувања е исто така очекувано, но ризиците кои се поврзани со оваа тема задолжително е да се знаат. Кога велам ризици мислам на повеќе аспекти, од сексуално преносливи инфекции, несакана бременост, па сѐ до здрав психосексуален развој. Мало невнимание може да доведе до сериозни последици.
На почеток чувствата се наизменични, се појавува еуфорија и задоволство поради откривање на светот на возрасните, но истовремено се појавуваат срам и вина за тоа што го сториле, стравот е исто присутен бидејќи постои неизвесност во истражувањето, потоа некои млади зборуваат дури и за тага дека не се повеќе деца. Во ваква состојба кога се присутни безброј прашања, а секако ризикот е висок поради недоволна информираност, па потребно е да се консултира стручно лице – гинеколог“ , додава Стојановска.

Впечатокот на д-р Душко Филиповски, гинеколог и претседател на Здружението на приватни гинеколози е дека младите пациентки генерално не можат да се пофалат со добра информираност на тема сексуално преносливи болести. Всушност, не се информирани до степен што ситуацијата може да се дефинира како загрижувачка.

Видете и ова: За безбеден интернет простор „отворено да се зборува за сексуалноста“

„Најголемиот дел од младите само чуле дека постојат сексуално преносливи болести и толку. И ако имаат некој проблем, мислат дека задолжително за тоа е виновен партнерот. За нив е важно да немаат т.н. „бело прање“ и непријатен мирис и толку.
За анализи ретко се расположени, важно им е ако може веднаш да го снема проблемот. Ретко кој се интересира повеќе“, нагласува д-р Филиповски за РСЕ.

Релевантноста на изворот на информацијата често е важен колку и содржината на самата информација. Пристапот до искуствата на врсниците е полесен или понепосреден, но оваа опција може да биде опасна или да наслика погрешна верзија за реалноста.


„Најголем дел читаат на интернет ама колку разбираат, тоа не се знае. Користат искуства од пријателите, а многу ретко од лекар или родител, ако родителот е квалификуван да одговори. Најчесто грешат. Всушност, тука е најголемата грешка. Во гинекологијата постојат два слични случаи, но два исти нема. Затоа е задолжителна консултација со специјалист гинеколог или барем матичен лекар.“ - вели д-р Филиповски.

Работилница организирана од ХЕРА

Повеќе точни информации за помалку неизвесност


Од ХЕРА, Асоцијација за здравствена едукација и истражување, потенцираат дека информираноста е клучна за превенција од сексуално преносливи инфекции, па оттука, младите кои не поминале никаква едукација на овие теми се оние млади кои најчесто имаат негативни искуства и голем број неодговорени прашања.


„Во земјите каде што ССО е дел од формалниот образовен систем гледаме драстично намалени бројки од сексуално преносливи инфекции, малолетничка бременост и насилство“, вели за РСЕ, Мери Цветковска, проектна координаторка во ХЕРА.


Мерењето на ефектите од ССО, преку истражувања, квантитативни и квалитативни методи како прашалници, фокус групи и евалуација преку различни инструменти, во ХЕРА покажало дека квалитетната едукација драстично ја менува целата слика.


„Бројките од овие мерења многу јасно и прецизно покажуваат дека младите имаат исклучително голем прогрес во знаењата и нивото на информираност пред и по завршувањето на едукацијата. Неретко учениците по завршувањето на едукациите доаѓале самите до сознанија колку всушност тие не биле информирани, биле погрешно информирани или биле жртви, а не биле свесни за истото. Бројките и фактите гласно ни кажуваат дека ССО е неопходна превенција за сексуално преносливи инфекции и уште многу други лоши искуства со кои младите се соочуваат секојдневно“, додава Цветковска.

Заклучоци од ХЕРА

Голем дел од информациите кои ги добиваат младите се преку своите врсници или социјалните мрежи, а сосема поразлична би била сликата кога информациите би ги добивале навремено, од релевантни извори и од лица кои се обучени за тоа, истакнуваат од ХЕРА.


„Во здрава средина тоа се вика училиште односно наставниците треба да се лицата кои навремено и правилно ќе ги информираат младите, а со тоа ќе ги заштитат и нивното здравје и благосостојба. Но, голема улога имаат и родителите во информирањето за ССО и важно е да се нагласи дека никој не се очекува тие да знаат ССО, но тоа што се очекува од нив и би било многу благодарно и одговорно е да остават простор за младите овие важни информации да ги добијат од други, проверени извори. Штета е да имаме младина која е неинформирана и многу години назад од врсниците од другите држави. Младите во нашата држава со години бараат ССО и додека го немаат во училиштата голем дел од нив се информираат преку неформални едукации, социјални мрежи, младински центри итн. Не паметиме досега да сме имале критика или отпор од млад човек во однос на ССО, напротив, ревносни се во барањата за пристап до информации и услуги и неретко тие самите се адвокати за ССО. Па оттука, не е фер заради наши лични стравови и предрасуди да им ги одземеме на младите нивните основни човекови права меѓу кои и сексуалните и репродуктивни права, како и правото на образование“, истакна Цветковска.

Заклучоци од ХЕРА


Внимателно со информациите кои се достапни на интернет


„За жал, кај нас сѐ уште не е воведено сексуално образование кое, меѓу другото, ќе ги охрабри младите да побараат соодветна информација или помош пред да го имаат првото сексуално искуство, со што ќе си обезбедат сигурен и правилен влез во новите доживувања. Достапноста на информации на интернет е уште една замка во која може да загубат, бидејќи секој млад човек носи своја специфичност и сметам дека е потребно да се пристапи индивидуално. Оттука, повторно би се навратила на претходно споменатото, дека најсоодветно е да се консултира гинеколог кој со отворен пристап и преглед ќе даде стручен совет за безбедно пловење во сексуалните води“, вели психотерапевтката Стојановска.


И д-р Филиповски алармира за потребата од ССО во училиштата, со потенцирање на релевантноста на изворот на информации.


„Слична, а можеби и полоша е состојбата со превенција од несакана бременост (контрацепција). Затоа кај нас имаме многу прекини на несакана бременост-абортуси и тоа многу често кај малолетнички. Мое мислење е дека ако се воведе сексуалното образование како предмет во 8-9то одд. случаите на СПБ и абортуси ќе се преполови за 3 до 5 години.
Секако овие предавања треба да ги држат специјалисти гинеколози, а не приучен кадар кој може несакајќи, од незнаење да пренесе неточни и стручно неиздржани предавања и од тоа може да настанат големи проблеми. Може и да не знаат да одговорат на прашањата на учениците“, потенцира д-р Филиповски.


Настрана претпоставките и туѓите искуства, како и фактот дека „тешките“ теми полесно се отвораат пред врсниците, ако сте млади во фаза на истражување на сексуалните доживувања, бидете и добро информирани. Ако познавате некој таков, мотивирајте го да побара информација на вистинско место.