Онлајн предаторството се деконструираше на вчерашната дебата „Расплеткување на мрежата – Наспроти сексуалното вознемирување и насилство во интернет просторот“. Говорниците заклучуваат дека е потребно отворено разговарање за сексуалноста како алатка против онлајн насилството и злоупотребата на малолетничките на интернет.
Вчерашната дебата „Наспроти сексуалното вознемирување и насилство во интернет просторот“ се надоврза на документарниот филм „Фатени во мрежи“, чешко-словачка продукција на Вит Клусак и Барбора Чалупова, кој го прикажува насилството и злоупотребата кои им се закануваат на малолетничките на интернет. Филмот, како и дебатата, се во рамки на 11-тото издание на „Македокс“. Филмот е направен како вид социјално истражување на темата за сексуалното вознемирување и онлајн предаторството. Целта на дебатата, според организаторите, е да го разобличи онлајн предаторството во нашиот локален контекст, но и да потсети дека воведувањето сеопфатно сексуално образование е клучно во справувањето со секое родово базирано насилство.
Говорниците на дебатата потсетија на неодамнешниот случај со фотографии од малолетнички во групата „Јавна соба“ и на малтретирањето девојка од Штип. Според Калиа Димитрова, главна уредничка на „Медуза“, станува збор за децениска борба која се уште е на почетокот бидејќи нема резултати.
„Има две перспективи, едната е за безбедноста на интернет-просторот, но некако се запоставуваше втората перспектива, односно фактот дека станува збор за родово базирано насилство. Групата „Јавна соба“ сега е затворена, но нема казна за прекршителите и прашање на време е кога ќе биде отворена некоја друга таква група. Мислам дека во нашето општество треба отворено да се зборува за сексуалноста, а не да се смета за табу-тема“, рече Димитрова.
Училишниот психолог и психотерапевт Ана Попризова вели дека насилството само по себе се прелева во концентрични кругови и дека не смее да се заборави оти тргнува од собата на една тинејџерка и преку интернет просторот стигнува до предаторите, кои ја злоупотребуваат потребата за изразување на сопствената сексуалност.
„Ако се почне некаква комуникација, тогаш се отвора спиралата на насилник и жртва. Колку се помлади жртвите, толку помалку општеството може да даде поддршка. Традиционалниот модел на прикривање е исклучително присутен кај нас. Затоа мора да работиме на темата и да зборуваме за тоа. Во ваквите случаи посебна категорија се родителите, кои прво треба да го прифатат постоењето на интернетот, а потоа да размислуваат во правец на отворање на темите за сексуалноста, а не на забрана на користење интернет и казнување на своите деца“, истакна Попризова.
Според истражувањата, родителите, наставниците и младите потврдуваат дека сексуалното образование е неопходно во училишните програми, објасни Мери Цветковска, програмска координаторка на проектот за сеопфатно сексуално образование на млади.
„Веќе е изработен прирачник и пилот-програма која ќе биде спроведувана во четири училишта во деветтото одделение. Ситуацијата на теренот покажува дека во овој момент ниту наставниците ниту родителите се подготвени за имплементирање наставата за сеопфатно сексуалното образование во училиштата, и затоа е потребно да се подготви системско решение. Друг проблем што се појавува е социјалната нееднаквост, така што младите од различни социјални и етнички групи на различен начин го чувствуваат проблемот“, рече Цветковска.
На неодамнешниот настан за Денот на младите, што го организираше Младинскиот образовен форум, Катерина Јовановска од НВО „Хера“ посочи дека надлежните институции се глуви на препораките за сеопфатно сексуално образование.
„За мене, сеопфатно сексуално образование е од млади за млади. ССО секогаш го има оној врснички момент. Тоа што сум го добила од моите врсници, никогаш нема да го добијам од некоја институција“, изјави тогаш Јовановска, додавајќи дека ССО е заложба за здраво општество и колективна одговорност.