Финансиската полиција има надлежност да спроведува посебни истражни мерки како следење на телекомуникации, но за тоа нема нити доволно пари, нити доволно кадар, ниту пак, просторни услови и софтвер за веќе набавената опрема за да го прави тоа според европски стандарди.
Обезбедување на соодветен простор за новоформираните сектори во финансиската полиција, измена и дополнување на Законот за финансиската полиција, но и 200 илјади евра плус за функционирање на секторите кои се однесуваат на посебни истражни мерки се основните работи кои и се итно потребни на Управата за финансиска полиција за да може да ги спроведе европските стандарди, велат оттаму за радио Слободна Европа.
Во писмениот одговор оттаму е наведено дека годинава буџетот им е намален за 1 процент поради пандемијата, односно годинава за функционирање на Финансиската полиција се одвоени 912 илјади евра, што е за илјада евра помалку од лани. Од нив 780 илјади евра во буџетот се предвидени за плати и надоместоци. Причините за потребните дополнитени финансии, но и просторни услови лежат во измените на законот за следење на комуникации и законот за оперативна техничка агенција.
„Дополнителни средства ни се потребни во 2021 година првенствено за зајакнување на кадровските капацитети со цел ефикасно спроведување на своите надлежности имајќи ги предвид реформите во безбедносниот систем на РСМ со кои и Управата е еден од органите кој може да спроведува дејствија поврзани со примена на ПИ мерки“ се вели во писмениот одговор до Радио Слободна Европа.
Видете и ова: Со „трошки“ не се води борба против корупцијаОттаму велат дека вработувањето или преземањето на стручни кадри за новоформираните сектори надлежни за посебени истражни мерки и форензичка обработка, повлекува потреба од дополнителни сто илјади евра. Потоа за процесот за акредитација на Лабараторијата за дигитално форензички вештачења се потребни 16 илјади евра, но и соодветен простор за пропишаните стандарди за акредитирана лабараторија.
„За започнување со работа и нормално функционирање на горенаведените сектори, а имајќи во предвид дека е потребна техничка опрема и уреди за примена на посебните истражни мерки, потребно е да се спроведат набавки за што треба да се дообезбедат парични средства во Буџетот на Управата за финансиска полиција за 2021 година, 81 300 евра“ се вели во одговорот на Управата за финансиска полиција.
За да може да се намали временскиот период за водење на финансиска истрага од 6 месеци на еден месец, финансиската полиција бара и софтвер за водење на финансиски истраги како и зајакнување на капацитетите на технички ресурси како службени возила, средства за специјална намена и професионални обуки.
Финансиската полиција овие барања ги доставила до Владата и чека одговор, дали и кога ќе добие нови простории за да може да се постави опремата со цел исполнување на законските обврски и отпочнување на работа на новоформираните оддееленија за следење на телекомуникациите.
Управата за финансиско разузнавање има пари за плати, остатокот го покрива од донации
Со финансиски потешкотии се справува и Управата за финансиско разузнавање. Годинава за нејзино функционирање во буџетот се 560 илјади евра. Од нив речиси 380 илјади евра се наменети за плати. Останатите 190 илјади евра се наменети за тековни трошоци, односно 15 илјади евра месечно. Првиот човек на финансиското разузнавање Блажо Трендафилов за Радио Слободна Европа вели дека недостаокот од финансии го покриваат со помош на донации од меѓународната заедница.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Ако бидеме скромни можеме да кажеме дека се доволни. Ние сме поставени како институција во делот на истрага на перење пари и финансирање на тероризам, меѓународните организации нудат големи донации и проекти. И ние како институција, иако сме со 32 вработени, сме подготвени секогаш да ги прифатиме донациите, да го унапредиме нашиот систем, да учествуваме на меѓународни обуки, да стекнеме искуство и знаење, бидејќи тие ни се нудат бесплатно“ вели Тренафилов.
Видете и ова: Антикорупциска: Обвинителство ни ги отфрла пријавите за сомнежи за корупцијаТој додава дека лани имале донација од Германското друштво за меѓународна техничка поддршка и од Холандската амбасада во вредност од 280 илјади евра.
“И ако тие правилно ги искористиме сметам дека средствата кој буџетот ни ги дава, во моментов за функционирање и нашата поставеност, за да бидеме скромни и да речеме дека еве како институција не се жалиме во делот на финансиите“.
Потреба од зголемување на кадровскиот капаците
Дополнителен проблем на двете институции е кадровскиот капацитет. И на двете институции има фали кадар во борбата против финансискиот криминал. На пример бројот на вработени во Управата за финансиска полиција во 2017 година изнесувал 37 додека годинава е пораснат до 69. Но, тоа не е доволно, велат оттаму.
„Нови вработуваања се потребни заради новиот Закон за следење на комуникациите со кој е уредена постапката за спроведување посебна истражна мерка, следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации, како и дефинирање на надлежните органи за спроведување на постапката, “ велат од Финансиската полиција.
Според систематизацијата и Стратешкиот план на Управата, предвидени се 52 нови вработувања во наредните три години, но тие од друга страна, зависат од измени на законот за финансиска полиција и измени на законот за полиција кои се уште се заглавени во собраниска процедура. Без тие законски измени не може да профункционираат спроведувањето на посебните истражни мерки во финансиската полиција.
Според правилникот на Управата за финансиско разузнавање објавен на нивната веб страна е наведено дека по систематизација им се потребни 50 вработени но годинава тие бројат само 32 вработени. Трендафилов вели дека е тешко да се пополни кадарот кој им е потребен.
„Затоа што во делот на разузнавачките служби тешко е да најдете луѓе кои се спремни да ја работат оваа работа и кои можат да ја работат како што треба. Ние пред нова година имавме оглас за три лица и не го реализиравме. Баравме лице во делот на информатика и не се пријави никој, а за две лица кои се пријавија беа со некоплетни документи. Идејата овде да примиме кадар е да бидат вистински луѓе кои се спремни за таа работа. До сега сме немале притисок, сите се жалат дека има некакви партиски вработувања, овде откако сум јас никој нема влезено со партиско вработување“ вли Трандафилов.
Во Собранието е заглавена и Националната стратегија за борба против корупцијата 2021-2025 во која се нотирани многу недостатоци во системот кој што треба да се променат. Квалификувани и обучени кадри, механизми за контрола на институциите, повеќе инспектори и обвинители, но и повеќе пари за квалитетни истраги, ревизии и вештачења се клучните приоритети за вистинска борба против корупцијата е заклучокот од стратегијата. Но, тоа е ставено на чекање веќе неколку месеци, затоа што за да воопшто дојде на ред нејзиното спроведување, пратениците во Собранието треба да ја изгласаат.