Фејсбук криел студија дека Инстаграм влијае на самоубиствени мисли кај младите

Илустрација

Инстаграм, социјалната платформа за споделување фотографии и видеа, која е во сопственост на Фејсбук од 2012 година, е одговорен за предизвикување самоубиствени мисли кај младите корисници, пишува лондонски „Тајмс“

Документи што протекоа во јавноста покажуваат дека Фејсбук најмалку две години во тајност чувал внатрешната студија за штетното влијание на нивната апликација Инстаграм врз тинејџерите, додека раководителите на Фејсбук постојано го намалувале и избегнувале овој проблем во јавноста, пишуваат светските медиуми, а пренесе Балканскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Секое трето девојче...

Инстаграм, социјалната платформа за споделување фотографии и видеа, која е во сопственост на Фејсбук од 2012 година, е одговорен за предизвикување самоубиствени мисли кај младите корисници, пишува лондонски „Тајмс“, додавајќи дека истражувачите тврдат дека британските тинејџери ја користат апликацијата двапати почесто од американски врсници.

Во фокус групите, тинејџерките од двете земји го обвинија Инстаграм за чувство на вознемиреност и депресија, покажува интерната студија која протече во јавноста, објавена за првпат од „Волстрит журнал“ на 15-ти септември), и според која, Фејсбук е свесен дека Инстаграм ѝ ја влошува перцепцијата за нејзиното тело на секоја трета тинејџерка што ја користи апликацијата.

„Триесет и два проценти од тинејџерките рекоа дека поради Инстаграм имаат лошо чувство за своето тело“, напишаа истражувачите на Фејсбук во слајд-презентација во март 2020 година. Меѓу тинејџерите кои пријавиле самоубиствени мисли, додава „Тајмс“, 13 проценти биле корисници од Велика Британија и шест проценти од САД.

„Споредбите на Инстаграм можат да го променат начинот на кој младите жени се гледаат и опишуваат себеси“, се вели во еден слајд, додека друг посочува дека тинејџерите го обвинуваат Инстаграм за зголемување на стапката на вознемиреност и депресија, а истражувачите заклучиле дека реакцијата била конзистентна во сите групи.

Видео од серијалот „Слободоумни“: Дебата на тема - Се чувствувате ли безбедни на Интернет?

Од друга страна, истакнува „Тајмс“, извештајот за протеченото истражување укажува дека извршниот директор на Фејсбук, Марк Цукерберг, ја имал презентацијата на овие наоди од 2020 година, кога на конгресното сослушување во март оваа година изјави: „Истражувањето што го видовме е дека користењето социјални апликации за поврзување со други луѓе може да има позитивни придобивки за менталното здравје“.

Истражувачката тајна на Фејсбук

Истражувањето за Инстаграм е најдлабокиот поглед на она што го знае Фејсбук за неговото влијание врз тинејџерите и нивната ментална благосостојба, а исто така покажува дека технолошкиот гигант направи минимални напори да ги реши воочените проблеми и да ги минимизира јавно, објави „Волстрит журнал“.

Фејсбук спроведува внатрешни студии во последните три години, бидејќи, како што додава весникот, проширувањето на базата на млади корисници е од витално значење за годишниот приход на компанијата овредна над 100 милијарди долари. Во пет презентации во текот на 18 месеци до пролетта, истражувачите го спроведоа она што тие го нарекоа „длабоко нурнување во менталното здравје на тинејџерите“.

Документите за Инстаграм се дел од голема внатрешна комуникација за различни истражувања што вклучуваат ментално здравје на тинејџери, политички дискурс и трговија со луѓе, и нудат, како што нагласува весникот, неспоредлива слика за тоа како Фејсбук е акутно свесен дека неговите клучни производи и системи рутински пропаѓаат.

Видете и ова: Тик-Ток во Македонија: Меѓу ризикот и забавата


Повеќе од 40 проценти од корисниците на Инстаграм се на возраст од 22 години или помлади, а околу 22 милиони тинејџери секојдневно се најавуваат на Инстаграм во Соединетите држави - во споредба со пет милиони тинејџери кои се најавуваат на Фејсбук. Материјалите исто така покажуваат дека тинејџерите во просек поминуваат 50 проценти повеќе време на Инстаграм отколку на Фејсбук.

„Тенденцијата да се споделуваат само најдобрите моменти, притисокот да изгледаат совршени, како и производите што создаваат зависност, можат да ги турнат тинејџерите во нарушувања во исхраната, недостаток на самодоверба, нездрави чувства за сопственото тело и депресија“, покажува интерното истражување во март 2020 година кое сега протече во јавноста.

Истражувачите дошле до заклучок дека некои од проблемите се специфични за Инстаграм, бидејќи оваа апликација е многу фокусирана на телото и начинот на живот и дека одредени опции и алгоритми можат да ги испратат корисниците до содржини што се потенцијално штетни.

„Аспектите на Инстаграм се влошуваат едни со други и создаваат совршена бура“, се вели во студијата, пишува „Волстрит журнал“.

Други студии, исти предупредувања

Протечените интерни заклучоци на Фејсбук се повторуваат во бројни други студии кои во епидемијата на проблеми со менталното здравје кај младите, ги имплицираат социјалните медиуми, посочува „Гардијан“.

Во 2017 година, добротворната организација Young Minds и Британското кралско друштво за јавно здравје објавија студија во која Инстаграм се издвојува од другите социјални мрежи како најнегативен во влијанието врз менталната благосостојба. Извршниот директор на организацијата, Ема Томас, рече дека околината со слики од „совршен“ живот и навидум совршени тела може да има големо влијание врз тоа како луѓето го доживуваат сопствениот живот и изглед.

Друго истражување покажа дека повеќе од 40 проценти од корисниците на Инстаграм, кои се изјасниле дека се чувствуваат „непривлечни“, рекле дека така почнале да се чувствуваат откако почнале да ја користат апликацијата, додека околу една четвртина од тинејџерите кои рекле дека се чувствуваат „не доволно добри“, велат дека така почнале да се доживуваат кога почнале да користат Инстаграм.

Видете и ова: За безбеден интернет простор „отворено да се зборува за сексуалноста“


Портпаролката на Фондацијата „Пет права“, која води кампања за промени во дигиталните услуги за да ги направи посоодветни за децата и младите, рече дека внатрешното истражување на Фејсбук е катастрофално обвинување за негрижа во начинот на кој компанијата и технолошкиот сектор воопшто се однесуваат кон децата.

„Во потрага по профит, овие компании го крадат времето на децата, самодовербата и менталното здравје, а понекогаш и трагично нивниот живот“, се вели во соопштението.

Фејсбук одби да ги коментира протечените документи за нивните студии, но шефицата за јавна политика на Инстаграм, Керин Њутн, на својот блог напиша дека „приказната на Волстри журнал се фокусира на ограничен сет наоди и ги фрлила под негативно светло“, и дека компанијата „направила посебен напор да се одговори на ова истражување и да се промени Инстаграм на подобро “.

Детска верзија на Инстаграм

Внатрешното истражување на Фејсбук за лошото влијание на Инстаграм врз тинејџерите, чии студии протекоа во јавноста, ја зголеми загриженоста во американскиот Конгрес, особено во светлината на претходната најава за креирање на верзија на Инстаграм за деца под 13 години, објави Си-Ен-Би-Си.

Демократската пратеничка Лори Трахен, која претходно изрази загриженост за менталното здравје на децата во врска со социјалните медиуми, го повика Фејсбук „веднаш да се откаже од плановите за Инстаграм за деца“ и наместо тоа да се фокусира на заштита на постојните млади корисници.

„Внатрешните документи на Фејсбук покажуваат дека неуспехот на компанијата да ги заштити децата на Инстаграм - особено младите девојки - е целосно занемарување и тоа трае со години“, рече таа.

Адвокатката Кети Мекморис Роџерс, републиканка во Комитетот за енергетика и трговија, исто така, истакна дека Фејсбук во март „одби да го исполни“ барањето на републиканците во комитетот кој бара внатрешни истражувања од технолошкиот гигант за влијанието на нивните производи врз менталното здравје на децата.

Портпаролот на Фејсбук тогаш рече дека поради сопственичката природа на истражувањето и доверливоста, на учесниците во студијата им било тешко да споделат внатрешни податоци надвор од компанијата.

„Затоа се прашуваме што друго кријат“, рече Мекморис Роџерс.

Републиканците, додава Си-Ен-Би-Си, испратија нацрт-предлози за закони на дискусија, вклучително и оној што бара платформи како Фејсбук да поднесуваат редовни извештаи до Федералната комисија за трговија (ФТЦ) за влијанието на нивните компании врз менталното здравје на децата.

Комесарот на ФТЦ, Рохит Чопра, по објавувањето на интерното истражување на Фејсбук, на Твитер напиша: „Со оглед на финансиските стимулации вградени во неговиот бизнис-модел базиран на супервизија, тоа е уште еден знак дека на компанијата не може да ѝ се верува за нашите податоци“.