Достапни линкови

Битка за тронот: ТикТок во водство пред Фејсбук


Илустрација
Илустрација

Компанијата Фејсбук со неколку свои апликации е во првите 5 најпопуларни за ланската година, но кинескиот ТикТок се искачи на тронот

Апликацијата ТикТок била најсимнуваната апликација во светот во 2020 година, со што, барем за сега, ги симна од тронот Фејсбук и неговиот Месинџер, покажуваат резултаите објавени од компанијата за дигитална аналитика AppAnnie.

Кинеската платформа за споделување видеа, јави Би-Би-Си, е единствената апликација што не е во сопственост на Фејсбук, а која е меѓу првите пет најсимнувани во светот. Сопственикот на ТикТок, Бајт Денс - мултинационална компанија за интернет технологија со седиште во Пекинг, и во матичната држава е на првото место, но таму со видео-апликација на кинески Доуин, кинескиот колега на ТикТок.

Анализата на симнувањата на овој тип апликации се прави од 2018 година и оттогаш на водечките позиции се апликации во сопственост на Фејсбук. На листата од пет најпопуларни вакви апликации се и Фејсбук, Фејсбук Месинџер, Ватсап и Инстаграм. По нив следуваат Снепчет и Телеграм.

Кратките комични видеа ќе бидат најпопуларни

„Кратките видеозаписи и понатаму ќе привлекуваат внимание. Што се однесува до содржината, сè повеќе ќе бидат популарни комичните видеа и музиката“, изјави Чузен Кин, маркетинг експерт од AppAnnie, компанија специјализирана за истражување на пазарот на апликации, која ги објави резултатите од рангирањето за ланската година.

На почетокот на 2021 година, од Ватсап најавија дека со Фејсбук ќе споделат податоци кои се однесуваат на интеракциите меѓу корисниците и компанијата. Но, иако вети дека ќе ги штити информациите за комуникацијата, некои корисници веќе преминаа од Ватсап на други апликации.

XS
SM
MD
LG