Тик-Ток како една од најбрзорастечките платформи на новото време ги освои младите ширум светот брзо и лесно, со опцијата за он-лајн споделување на куси видеа кои често се синхронизирани со музика или популарни аудио извадоци, филтри и различни ефекти.
За многу припадници на Генерација З, кои се редовни корисници на социјалните мрежи, а имаат свој профил на Тик-Ток, оваа социјална мрежа е посебна приказна.
Една од нив е Симона Ковачески, ака __plavookataa__, која во моментов на Тик-Ток ја следат повеќе од 55000 луѓе и може да се пофали со 1,6 милиони лајкови на нејзините видеа.
Нејзината тик-ток приказна почнува со апликацијата Musical.ly, како претходник на Тик-Ток. Како една од највлијателните тик-токерки кај нас, активно снима и објавува последниве две години.
„Многу брзо се случи сè. Јас си снимав затоа што ми беше интересно, немав некоја посебна цел како некои други кои заработуваат од Тик-Ток, туку целта ми беше само забава. Јас буквално немам заработено ниту еден денар од платформата“, изјави Симона за РСЕ.
Нејзиниот „колега“ по Тик-Ток линија, Мартин Ѓорѓиевски, на платформата познат како gjorgjievsky, стигнал до повеќе од 39000 следбеници и 2 милиони лајкови. Уште не и до автограми, но сепак го препознаваат.
„Тик-Ток го имам уште од 2019. година. Од чиста пуста досада го отворив и не мислев дека ќе почнам да снимам, но ете стигнав до 2021. Локално сум познат, обично бараат слика, за автограм до сега немало барање, најчесто добивам погледи и слушам: Eве го овој од Тик-Ток“, вели Ѓоргиевски за РСЕ.
Освен што сакаат да ги забавуваат корисниците со смешни видеа, Симона и Мартин со задоволство ја користат својата позиција на влијателност меѓу младите за да пратат позитивна порака. Од една таква хумана идеја се создала група на македонски тик-токери кои се поддржуваат и соработуваат.
„Таа група беше создадена за еден хуманитарен настан за мој покоен другар, Тачо, кој се бореше долго време со тумор на мозокот. Правевме сè и сешто. Организиравме со еден мој пријател, јутубер, повеќето го знаат како Wik Kakarotski, се договоривме тој да ги собере јутјуберите, јас да ги соберам тик-токерите, за да собереме пари и да направиме нешто, па и да ги забавуваме дечињата. Хуманитарниот „мит ап“ беше главниот настан од кој се роди идејата за тој Тик-Ток тим во кој си помагаме меѓусебно“, додаде 21 годишната Ковачески.
Може ли во Македонија да се заработува од Тик-Ток?
Иако во борбата за преглед, следбеник или лајк повеќе се „конкуренција“, во групата соработуваат како тим.
„Кога и да има некој понуда се прашуваме еден со друг: Дали те контактираа од таа фирма или од тој профил? Се договараме во групата, ставаме една цена за услугата за рекламирање на продукт, за да бидеме сите на исто, да не биде дека еден бара повеќе, а друг помалку. Сите секогаш сме давале исти цени кои не им одговарале, не дека ние бараме многу, но најчесто велат- Во ред ќе те исконтактираме, но тоа не се случува. Не познавам некој од тик-токериве кои заработуваат пари од Тик-Ток, тука во Македонија, а во странство, тоа е веќе друга тема“, истакна Симона.
Сепак не е сè „мед и млеко“ или само поддршка, љубов и разбирачка во македонските тик-токерски кругови. Има и себичност, завидливост, па и сајбербулинг.
„Има, не можам да кажам дека нема некогаш караници или сајбер булинг. Буквално некогаш има и таканаречени драми меѓу тик-токериве. Можам јас да кажам бидејќи сум била замешана во некоја од тие драми. Некогаш доаѓа до љубомора, ако гледаш дека е некој подобар од тебе и сакаш да го „спуштиш“, се случуваат такви работи. Но, главно тоа се занемарува и гледаме да помогнеме и да не сме сфатени само како луѓе без работа, како деца без работа кои еве застанале, снимаат видеа, не знаат што прават и сето тоа за пари. Еве ќе кажам, ние пари не заработуваме од Тик-Ток“, вели младата охриѓанка.
Според Ѓоргиевски, секој корисник мора да е свесен за можните последици.
„За сајбер булинг, секако дека има, да, ќе речам дека тоа не е во ред и сè си има граница, но веќе кога се приклучувате на оваа мрежа, ќе си ги знаете и последиците. Ако не можете да се сносите со тоа постои опција delete account“, истакна Ѓоргиевски.
Што има на другата страна на „паричката“?
Среде сета таа разновидност на содржини за разонода, некаде помеѓу официјално забележаните околу една милијарда корисници на Тик Ток глобално, има и такви кои не ставаат филтер за селекција на содржините кои ги објавуваат, а според Симона, ни самата апликација не го прави тоа. Затоа, од едната страна се љубопитните деца, а од другата, загрижените родители.
„Проблемот со Тик-Ток е што има навистина квалитетна содржина, но лошото е што има некои содржини кои не треба да ги гледаат децата и во право се во тој дел родителите кои се плашат. За ова се виновни Тик-Ток креаторите. Нормално, социјалните мрежи денес не се доверливи. Постојат многу измами и наведувања поради погрешно претставување“, вели „плавооката“.
Симона од неодамна е мајка, па уште подобро ја сфаќа родителската позиција. А кога еден ден Мартин би бил во позиција да одобри или забрани користење на Тик Ток на свое дете, би почекал до 13 години.
„Сè е до родителите, не до децата... Ти да му дадеш на 8 годишно дете телефон и Тик-Ток е најлоша комбинација. Еве, ние сме немале телефон, ни Тик-Ток, затоа не сме здивени како денешниве деца, со исклучоци. До 13 години не би му дал Тик-Ток да отвори, но сепак кога веќе му даваш телефон... денешниве деца се многу понапредни во областа на технологијата и сами ќе си инсталираат, но додека му е за забава -слободно, нема назад веќе“, истакнува 26 годишниот скопјанец.
Опасноста демне од секој виртуелен агол
Ковачески вели дека родителите треба добро да отворат очи за тоа какви профили следат нивните деца на Тик-Ток.
„Како што има рестрикции на Youtube за тоа одреден вид на видеа да не се објавуваат, исто како и на Инстаграм и на Фејсбук, каде на пример голотија не смее да се објавува, за да не бидат достапни за мали деца... Проблемот е што Тик Ток нема такви рестрикции, па децата се изложени на опасност од такви видеа, само заради тоа што секое можно видео излегува на страницата For You и тука не се виновни децата, туку самиот Тик Ток. На родителите би им препорачала, ако имаат дете помало од 14, 15 години, да не му дозволува да гледа многу Тик-Ток, или пак да се блокираат профилите кои пласираат такви видеа. Ако видат такво нешто, да го тргнат тој профил и да го блокираат тој и сите останати. Тоа е голем недостаток на Тик-Ток, што нема рестрикции за одреден вид на видеа“, додаде Симона.
На социјалните мрежи минатата година се појави петиција на револтирани граѓани кои побараа- Стоп за Тик Ток во Македонија, но во моментов линкот до иницијативата не е активен.
Создавачите на популарната платформа се трудат со одредени мерки да ги заштитат младите корисници и да ја обезбедат нивната сигурност он-лајн, па така, донесоа одлука профилите на оние кои имаат помалку од 16 години автоматски да станат „приватни“, а тоа значи дека само одобрени следачи можат да коментираат на нивните видеа. Една од мерките е и исклучувањето на можноста да се симнат видеа од корисници кои се помлади од 16 години.
Но, чувството на лична мерка за етичност и морал, остануваат пресудни кога се носи одлуката за тоа што е во ред да гледаш и споделиш, дури и ако системот има „дупки“ низ кои еден млад човек може да се „протне“ па да го „излаже“.