Украинската војска предупреди на поголемо гранатирање од страна на руските сили на клучните инфраструктурни и цивилни цели, откако американскиот претседател Џо Бајден го повтори своето предупредување дека Москва можеби размислува да користи хемиско оружје, бидејќи офанзивата на теренот нема напредок.
Руските трупи не успеаја да заземат ниту еден поголем украински град по повеќе од четири недели по нивната инвазија, и сè почесто прибегнуваат кон масовно уништување на станбени области со воздушни напади, проектили со долг дострел и артилерија.
Централната точка е Мариупол, стратегиски важно јужно пристаниште на Азовското море. Украинските власти денеска соопштија дека нивните напори за евакуација на цивилите од опколените градови се фокусирани на градот Мариупол, но не објавија никаков нов договор со Русија за да се овозможи безбеден премин на заробените жители.
„Се фокусираме на евакуации од Мариупол“, рече вицепремиерката Ирина Верешчук.
Таа наведе голем број на места од каде автобусите ќе се обидат да евакуираат цивили, но Мариупол го изостави. Таа, исто така, не спомна какви било нови договори со Русија за воспоставување „хуманитарни коридори“ за евакуација на цивили.
Преземањето на контролата врз градот ќе овозможи копнена врска меѓу Крим, кој Москва го зазеде во 2014 година и е територијата контролирана од сепаратистите поддржани од Кремљ во источна Украина.
Жителите на Мариупол, пред избувнувањето на војната, во последните две недели беа заробени без основни резерви, како што се вода, храна и гориво. Мариупол пред војната имаше 400.000 жители.
Најмалку 2.300 луѓе досега загинале во Мариупол, некои закопани во масовни гробници, соопштија властите.
Еден од главните приоритети на Русите е да ја преземат контролата врз украинскиот главен град Киев, но обидот да го стори тоа е „самоубиство“, изјави денеска во телевизиско интервју советникот на украинскиот претседател Олексеј Арестович. Тој исто така рече дека активните непријателства меѓу Украина и Русија би можеле да завршат во рок од 2-3 недели.
Во услови на очекувања за дополнителни воздушни напади врз главниот град Киев, градоначалникот Виталиј Кличко спроведе нов 35-часовен полициски час.
Градоначалникот на Бориспил, Володимир Борисенко ги советуваше жителите да го евакуираат градот. Тој во видео-обраќањето објавено денеска на Фејсбук рече дека „нема потреба да се биде во градот сега бидејќи веќе се водат борби во областа околу него“.
„Го повикувам цивилното население да биде паметно, да се обрати до нашиот центар за повици и да го напушти градот штом ќе се појави прилика“, додаде тој во обраќањето.
Меѓународниот аеродром Бориспил е најголемиот аеродром во Украина, кој се наоѓа на 29 километри источно од Киев.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера го отфрли рускиот ултиматум за предавање на Мариупол, велејќи дека Украина никогаш не може да се откаже од стратешкото пристаниште, или од други градови, вклучувајќи ги Харкив и Киев.
„Украина не може да ги исполни руските ултиматуми. Прво треба да бидеме уништени, а потоа да се исполни нивниот ултиматум“, рече тој додавајќи дека Русите сакаат Украина да ги „предаде“ големите градови, но дека ниту украинскиот народ „или Јас, како претседател, можам да го направам тоа“.
Зеленски продолжува да инсистира на потребата да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин „во кој било формат“ за да се стави крај на борбите.
„Верувам дека без оваа средба, невозможно е целосно да се разбере на што се подготвени за да се запре војната“, рече Зеленски, кој додаде дека сите компромиси направени во разговорите со Русите ќе бидат ставени пред украинскиот народ на референдум.
Зеленски денеска треба да има видео обраќање пред италијанскиот парламент. Украинскиот лидер одржа слични говори пред пратениците во неколку други земји, вклучително и САД, Канада, Германија и Израел со цел да побара поголема помош.
САД ги обвинија руските сили дека извршиле воени злосторства во нивната инвазија врз Украина, додека Бајден им рече на група американски бизнис лидери дека дејствијата на Русија се акции на земја која наидува на многу поголем отпор од очекуваното.
„Притиснат е до ѕид“, рече Бајден за рускиот претседател Владимир Путин, додавајќи дека Москва ќе се соочи со „тешки“ последици доколку употреби хемиско оружје.
Русија ја нападна Украина на 24 февруари, но украинските сили пружија силен отпор, а Западот воведе низа санкции кон Москва во обид да ја принуди да ги повлече своите сили.
Агенцијата за миграција на ОН соопшти дека речиси 6,5 милиони луѓе се раселени во Украина како резултат на војната, што ги надминува нејзините најлоши прогнози. Околу 3,5 милиони избегале преку границите на Украина во соседните земји, проценуваат од ОН, а најголемиот дел од нив пристигнале во Полска, членката на НАТО и на Европската унија.