Бизнисмени, новинари, политичари чии телефонски разговори со години ги слушале разузнавачи и фаќале белешки од нив за да им ги пренесат на врвот на поранешната ВМРО-ДПМНЕ, сега бараат од државата да им исплати отштета. Од 30 илјади евра па се до 10 милион евра беа сумите што дел од нелегално прислушуваните ги побараа од судот.
Вкупно 35 сведоци кои до сега се појавиле на рочиштата во предметот познат во јавноста како „Таргет Тврдина“ имаат отштетно побарување.
Станува збор за предмет кој го отвори специјалното јавно обвинителство во 2016 година за една од најголемите афери во државата – нелегално прислушување на над 20 илјади граѓани во земјава преку три системи за следење на комуникации во УБК .
Поради незаконското прислушување како жртви до Основниот суд Скопје 1 писмено барање за оштета доставиле 177 луѓе.
„Што се однесува до сумата, не сите оштетени имаат предјавено сума која ја побаруваат, но во однос на тие што досега поднеле сумите се разликуваат кај секој подносител од кои најголемата е од оштетените С.А. и Н.А. кои предјавиле отштетно побарување од 10.000.000 евра“ велат во писмениот одговор од судот на прашањата на РСЕ.
Со оглед да се работи за се уште активен предмет бројот на лица кои ќе поднесат отштетно побарување може и да се зголеми доколку до судот бидат доставени до завршување на предметот, велат од Судот. Првото судско рочиште за овој предмет стартуваше на 18 јануари 2018 година, и во изминативе три години се уште не е завршена доказната постапка. На последното рочиште кое се оддржа беа испитувани сведоци на обвинителството.
Видете и ова: Верушевски се поздрави со Мијалков и за прислушувањето го обвини ГруевскиПоследен кој побара отштета од 30 илјади евра е пратеникот на Левица, Димитар Апасиев кој поднел тужба поради незаконско слушање на неговите телефонски разговори.
Претходно отштета од 10 милиони евра побара бизнисменот Нухи Алиу, сопственик на фирмата „ЕУРО АКТИВА“. Тој во своето сведочење посочи дека во период од 2008 до 2015 година, против него и фирмата како што тврдеше во судот, се водел монтиран процес.
„Јас се сомневав дека некој не прислушувал. Во 2012 година бев дел од монтиран процес против мојата фирма, со намера да ми се наштети. Сомнежот произлезе од начинот на кој беше спроведена контролата, со хермелини и полицајци со автоматски пушки. Во СЈО за овој случај давав изјава три часа. Мојата штета е огромна и не може да се плати со пари“, рече Алиу.
Отштета од 3 милиони евра пак побара оштетената Снежана Јовановска – Трајковска, основач на туристичката агенција „Орфеј“. Таа на едно со судските рочишта во својство на сведок истакна дека во период од 2008 до 2015 година била нелегално следена и нејзината фирма претпрела сериозни последици поради прислушувањето.
„Знаев дека ме прислушкуваат бидејќи ми ги раскинуваа сите тендери. Пресметката беше институционална, против мене и брендот „Орфеј“, сведочеше Трајковска.
Како оштетен во судските списи се појавува и името на Ѓакуш Кабаши кој е вработен во Канцеларијата на Советот на Европа во Скопје чии телефон бил следен три и пол години.
Видете и ова: Како да се исчисти УБК од политички и бизнис интереси?Отштета бара и поранешниот прв разузнавач Слободан Богоевски кој во својство на сведок во судот изјави дека и денеска трпи последици од наредбите на Мијалков за нелегално следење на неговите комуникации. Богоевски во периодот кога е спроведувано нелегалното прислушување работел во приватна фирма како консултант. Тој во судот се пожали дека бил и физички следен, предупредуван од поранешни колеги дека му ги слушаат телефонските разговори и дека за него се спроведувале незаконски посебни истражни мерки.
„Незаконски бев во притвор осум месеци. И денес ги трпам последиците од одлуките на судот по наредба на Мијалков. Многу пресуди се правосилни како и мојата, но се базирани од нелегално прислушкувани разговори. Барам отштета за материјална штета од милион евра“, рече Богоевски во судот.
Тужба против државата поднесоа и група од 20- тина новинари пред Основниот граѓански суд во Скопје. Тужбата е адресирана до МВР и до Агенцијата за национална безбедност која во основа е наследник на сега згаснатата Управа за контраразузнавање. Тие бараат отштета за неовластеното прислушкување на нивните комуникации во одреден временски интервал.
Видете и ова: Што донесе и што однесе СЈООд друга страна пак, во судница како сведок зачекори и поранешниот премиер, а сега извршен директор на Комерцијална банка, Хари Костов. Тој пари од државата нема да бара, но рече дека е направена штета на компаниите со кои соработувала банката, поради прислушувањето на тајната полиција.
„Нема да барам отштета за незаконското прислушување на моите телефонски броеви, ако штетата треба да ја плати државатa. Но, ако се утврди кој е налогодавачот на ова прислушување, ќе барам отштета и ќе ја донирам во хуманитарни цели. Тој што ги прислушувал разговорите можел информациите да ги даде на некоја конкурентска компанија“, рече Костов.
Слично на Костов и поранешниот шеф на военото разузнавање Владимир Пивоваров во судницата посочи дека нема да бара отштета од буџетот туку од извршителите на кривичното дело.
Судскиот процес за предметот „Таргет-Тврдина“ започна кон на почетокот на 2018 година, а обвинители во овој процес се поранешните обвинители од сега веќе згаснатото СЈО, Трајче Пеливанов, Артан Ајро и Ленче Ристеска.
Судската разрешница на капиталниот предмет на поранешното СЈО „Таргет-Тврдина“ треба да даде одговор кој незаконски ги следел комуникациите на над 20 илјади македонски граѓани – политичари, бизнисмени, новинари и јавни личности, како и одговор на прашањето кој ја уништил опремата преку која било извршено кривичното дело.
Аферата за прислушување излезе во јавноста во февруари 2015 година кога тогашната опозициска партија СДСМ преку проектот „Вистина за Македонија“ почна да објавува аудио разговори кои незаконски биле следени и снимани од разузнавачите во УБК под водство на тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков ,кој е и првообвинет во овој предмет. Обвинетиот Мијалков на чело на оваа функција беше од 2006-тата година до 2015 година кога го напушти своеволно директорското столче по случувањата во „Диво Насеље.
На 9 февруари 2015 година по неколку месечни најави лидерот на СДСМ Зоран Заев го објави првиот сет на нелегално прислушувани разговори.
„Оваа папка ќе стане симбол на процесот што денеска го почнавме за враќање на слободата и демократијата,“ рече тогаш Заев покажувајќи на документи од прислушувани разговори. Тој тогаш изјави дека меѓу 20-те илјади граѓани кои биле прислушувани се политичари од тогашната опозиција, министри во тогашната Влада, пратеници, ДУИ, ДПА и обични граѓани. Само телефонските броеви на Никола Груевски и на шефот на тајната полиција не биле мета за прислушување.
Предметот во почетокот специјалните обвинители го презентираа во јавноста како „Тврдина“ во 2016 година. Во судница обвинителниот акт беше споен со уште еден предмет кој се однесува на уништената опрема за прислушување и го доби името „Таргет Тврдина“.
Обвинети во овој предмет се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и неколку вработени во поранешното УБК кои се товарат за нелегално прислушување на над четири илјади телефонски броеви во периодот меѓу 2008 и 2015 година.