Сламка за спас или апсурден предлог - ЕУ како гарант на Бугарите во Македонија

Илустративна фотогафија

Сега е моментот за деблокада на евроинтеграциите на Македонија, што во спротивно може да остане уште долг период отворено прашање, а тоа не е од полза на ниту една страна било заклучено на средбата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, со македонскиот премиер Димитар Ковачевски и вицепремиерот Бојан Маричиќ. Предлогот ЕУ да биде гарант на Бугарите во Македонија за Малинка Ристевска Јорданова од ЕПИ е апсурден и може да доведе до нова ескалација на бугарските барања. Андреја Стојковски од институтот Преспа пак, во него гледа можност за деблокирање на преговорите.


Вархеји кој вчера беше во Софија, денеска допатува во Скопје на разговори за можностите за отворање на преговорите со Македонија, а во рамки на неговата турнеја низ регионот која ги опфаќа и Хрватска, Бугарија и Албанија.

Според владиното соопштение од средбата меѓу Премиерот Димитар Ковачевски и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, сега бил моментот за деблокада на евроинтеграциите на Македонија, бидејќи во спротивно можело да остане уште долг период отворено прашање.

Како што соопштија од македонската Влада, заедничка била констатацијата дека европските интеграции на Македонија и на регионот се потреба на државите во регионални рамки, но и на самата Европска унија.

„Премиерот Ковачевски нагласи дека тој останува посветен исклучиво на принципите на почитување на европските вредности и на разговори базирани на респект и достоинство, за што се согласиле со премиерот Петков при воспоставувањето на дијалогот и очекува односи на оваа база“, се наведува во владиното соопштение.

ЕУ гарант на правата на Бугарите во Македонија

Само неколку дена пред посетата на Вархеји стигна бугарскиот предлог за поместување на ветото за Македонија со тоа што Европската Унија би била своевиден гарант за правата на Бугарите во Македонија. Ова наиде на повеќе критики од македонска страна, но предизвика и поделени мислења кај дел од експертите.

Според изјавите дадени од бугарскиот премиер Кирил Петков, гаранција за правата на Бугарите во Македонија може да се обезбеди преку процесот на европска интеграција, за кој оцени дека ќе трае најмалку 10 години.

Видете и ова: Петков - Постои желба за прифатливо решение во преговорите со Скопје

„Има многу поглавја на нејзиниот пат кон Европа. Ние треба само да ги поставиме нашите услови – на пример, за Уставот пред првото поглавје. На овој начин, со укинувањето на ветото, ние на Северна Македонија и даваме пат да тргне. Но, во овие посебни поглавја можеме да ги ставиме сите услови кои ни се неопходни, и така нема да го решиме проблемот што моментално постои за една или две недели, туку ќе имаме 10 години да работиме заедно за да може навистина Cеверна Mакедонија да биде европска држава и сите права на Бугарите таму да бидат целосно заштитени“, изјави Петков.

Ваквиот предлог беше критикуван од ВМРО-ДПМНЕ, при што лидерот Христијан Мицковски изјави дека на ваков начин Бугарија ќе го внесе спорот во преговарачката рамка, што ќе води до бугаризација на земјава. Од СДСМ пак вратија дека нема да биде дозволена никаква асимилација на македонскиот народ.

Апсурден предлог

Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика ЕПИ, предлогот на Петков го нарекува апсурден и смета дека може да доведе до нова ескалацијата на бугарските барања. Со него, ветото треба да се помести на стартот на преговарачкиот процес, кога ЕУ треба да гарантира дека ќе се остварат бугарските услови. Бугарија меѓу другото, бара вметнување на Бугарите во македонскиот устав.

„Во однос пак на новото барање за т.н. гаранција на правата на бугарското малцинство во Македонија, односно промена на уставот и некаква гаранција за тоа од страна на ЕУ, значи Уставот може да го смениме само ние самите и ЕУ нема основа во нејзините надлежности да наметне таква промена на Уставот во Македонија. Значи само доколку ние самите се сложиме за такво нешто, тоа може да се претвори кон барање кон нас. И оттаму една таква постапка е апсурдна и бесмислена, особено имајќи ги предвид не само ескалацијата на бугарските барања туку и отворените провокациикако оние коишто се случија од Битола“, вели Ристовска.

Видете и ова: Ако Петков сам пресече за Македонија - ризикува пад на Владата

Таа додава дека и досега бугарските барања постојано ескалираа, додека истовремено нема најави за било какви отстапки од нивна страна. Бугарија веќе две години ги блокира претпристапните преговори на Македонија за влез во Европската Унија. Меѓу барањата во пакетот 5+1 беа поставени како услов од бугарска страна за почеток на преговори со ЕУ, се немешање во внатрешните прашања во државите, воведување конкретни механизми за спречување на говорот на омраза, продолжување на работата на комисиите, но и вметнување на Бугарите во македонскиот Устав.

Едно од барањата ,во меѓувреме, беше исполнето од македонска страна, откако Бугарија побара потврда пред ОН дека краткото и долгото име на земјата се однесуваат само на политичкиот субјект „Република Северна Македонија“, а не на географскиот регион „Северна Македонија“, чиј дел се наоѓа во рамките на суверените граници на Бугарија.

Ристевска Јорданова смета дека немаме никаква гаранција дека Бугарија ќе запре да става сопки. Затоа смета дека е потребна целосна промена на стратегијата и запирање на едностраните отстапки во надеж дека ќе овозможат отворање на преговорите.

„Всушност она што тие ќе го овозможат е давање на основа за Бугарија понатаму да го толкува Договорот како сака и своите барања всушност да ги претвори во европски барања односно барања на ЕУ, со тоа што ние ќе прифатиме такви барања и ќе вметнеме на пример во Уставот основи за тоа и тогаш, како што и самиот премиер бугарски кажа, тоа веќе нема да бидат барања на Бугарија, туку ќе бидат барања на Европската Унија“, вели таа.

Можност за деблокирање на процесот за преговори со ЕУ

Од друга страна пак, Андреја Стојковски, извршниот директор на институт Преспа, најавите за поместување на ветото ги гледа како позитивен чекор и можност за ослободување на процесот за отпочнување на преговори со ЕУ. Тој укажува дека ЕУ чека двете држави самите да се договорат и не може да биде учесник во тој процес или да прифати вклучување на работи коишто излегуваат надвор од пристапните преговори во преговарачката рамка.

Затоа смета дека не треба да постојат стравови во однос на барањата ЕУ да биде гарант на правата на Бугарите.

Видете и ова: Остри критики од државниот врв за отворањето на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“

„Унијата може да биде гарант ако државите се договорат дека вклучувањето на бугарската заедница во Уставот (ќе) се случи во процесот на преговори, кога и да биде тоа, дали помеѓу првата и втората мегувладина конференција, или на самиот крај пред пристапувањето во ЕУ, дека ЕУ ќе го гарантира тоа и дека тоа ќе биде дел од преговарачката рамка. Во никој случај Унијата нема да може, или нема мандат, билетарниот спор помеѓу Македонија и Бугарија да го направи европски и да го апсолвира во својата рамка за преговори за Македонија“, смета Стојковски.

Сепак забележува низ самиот процес секоја од 27-те држави во ЕУ меѓу кои е и Бугарија, има можност повеќе од 100 пати да ја блокира секој идна држава, бидејќи толку пати ќе се бара консензус од државите членки на ЕУ за напредувањето на идните членки кон конечното пристапување.

„Оттука Бугарија , точно е дека велат да го поместат ветото, меѓутоа тоа подразбира ослободување на процесот, за да можеме ние сега да започнеме преговори. Во текот на преговорите ќе има безброј шанси во коишто ќе може да се запира процесот или да се инсистира на реформски зафати коишто ќе треба да ги направат државите“, вели Стојковски.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Стојковски: ЕУ нема мандат билетарниот спор меѓу Македонија и Бугарија да го направи европски


Тој додава дека во интерес на двете држави е побрзо пристапување на земјите од регионов кон ЕУ, бидејќи секое оддолжување оди во прилог на антизападните сили, споменувајќи ги како пример Србија и Русија.

Токму стравот од антизападното расположение, подгреан со војната во Украина беше повод за вчерашната конференција во Софија за зајакнување на регионалната соработка и интеграцијата во ЕУ, насловена „ЕУ се среќава со Балканот“. Лекцијата од Украина: Европското проширување – заштита од војна“. На неа учествуваа министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина и Бугарија.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји од Софија порача дека е крајно разочаран што се уште се разговара за почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија. Со оглед на тоа што двете држави одат во пакет кога се работи за евроинтеграциите, бугарското вето за Македонија доведе до запирање на евоинтеграциските процеси и за Албанија.

ЕУ нема ниту време, ниту интерес да се одложуваат првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана, истакна Вархеји.

За утре пак во Скопје е најавена посета на американскиот помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид. Во Скопје ќе се сретне со претставници на владата за да ја сигнализира американската силна поддршка за пристапните преговори на Северна Македонија во ЕУ и да им се заблагодари за македонската постојана помош за Украина. Нејзината посета на Македонија е дел од регионалната турнеја во чии рамки се вклучени Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија.