Затворени дуќанчиња, празни улици, превртени маси и столици. Низ старата скопска чаршија, во која до пред некој ден не можеше да се разминеш од туристи и посетители, сега луѓето може да се избројат на прсти, поради засилените мерки и ограничувања за спречување на ширењето на коронавирусот. На тие дуќани каде што нема катанец на вратата, сопствениците или продавачите седат пред врата и на растојание си прават муабет со соседите. Луѓе нема, велат, а штом нема луѓе, нема ни промет.
„Жив човек нема, не ни работиме, само чистиме, да средиме сè, па здравје, кога пак ќе почне да работиме да биде сè на ново. Чаршијата олку празна никогаш не била, тоа било само кога беше војната, само тогаш беше попразно, 20 години вакво нешто не сме виделе“, вели сопственик на слаткарница во Старата скопска чаршија.
„Веќе последните две или пак да речам три недели немаме никаква продажба. Никој не влегува во дуќанот. Нема движење, порано имаше барем туристи кои беа заинтересирани за рачните производи, сега ги нема. Слушам ќе добиеме помош од државата, се надевам ќе биде така, инаку после 50 години ќе треба да го затварам дуќанот“, вели Рауф Шабани, кој има дуќан за опинци и чевли од рачна изработка.
„Денеска е послабо, дали дека врне, дали дека мерките се затегнати ептен, не знам, ама многу е послабо во споредба со минатата недела“, вели продавачка во бурекџилница во центарот на Скопје.
Како дел од мерките на Владата за сузбивање на ширењето на вирусот, затворени се кафулињата, кафеаните, рестораните може само да испорачуваат храна, без да се седи во нив, а голем дел од занаетчиите самоинцијативно затвораат, поради мал промет.
Видете и ова: Стопанството инфицирано од коронавирусот бара лек од владата
Занаетчиите се немоќни самостојно да се справат со финансиските потешкотии и да ги одржат бизнисите ликвидни во вонредната состојба, велат од Занаетчиската комора на Скопје. Од таму бара антикризни мерки за одржување на ликвидноста на занаетчиските бизниси, кај кои кризата со коронавирусот предизвика драстичен пад на побарувачката на услугите и производите на пазарот.
„Занаетчиите се соочуваат со ситуација да не можат да си ги платат основните обврски по основ на плата и придонеси за себе и своите вработени. Имаме обврска и мора заеднички да најдеме решение и во услови на пандемија да спречиме затварање на занаетчиски бизниси и отпуштање на вработени поради неможност занаетчијата да го поднесе финансискиот товар, и да овозможиме да продолжат со дејноста и по завршувањето на пандемијата“, соопшти Занаетчиската комора на Скопје.
Видете и ова: Бошков - Ќе има отпуштање на работници
Од Комората велат дека особено на удар се услужните занаетчиски дејности, како фризери, козметичари, маникир и педикир, масери, кои допрва ќе почувствуваат финансиски потешкотии за да ги одржат бизнисите ликвидни, затоа што функционирањето во услови на пандемија на заразна болест е невозможно. Во најголем дел фризерските и козметичките салони, занаетчиите ги затвориле самоиницијативно, затоа што услугата што ја нудат е од типот на личните услуги и е во непосреден контакт со клиентите и функционирањето на овој тип занаетчиска услуга е речиси невозможна, велат од Комората.
„Веќе 10 дена сме затворени, И покрај сите мерки за заштита и хигиена што ги преземаме, клиентите се исплашени и не сакаат да ризикуваат“, вели фризерка од Скопје.
Таа вели дека најавената помош од бескаматни кредити за микро фирми до 5000 евра ќе бидат доволни само ако фирмата има двајца вработени.
Од Занаетчиската комора на Скопје велат дека неопходни се субвенции за придонеси и плати за месеците додека трае пандемијата на корона вирусот, за да се задржат занаетчиите и вработените во занаетчискиот сектор.
Претходно, помош за надминување на кризата со која се соочуваат занаетчиските бизнис побара и Занаетчиската комора на Македонија, исто така со предлози за ослободување од придонеси за плата и персонален данок на доход за март, април и мај или до моментот додека не се стабилизира состојбата во државата. Комората предложи и времен престанок на работата на занаетчиите што се во директен контакт со луѓето како: фризери, козметичари, педикири и маникири.
Владата досега претстави сет мерки за помош на стопанството за време на епидемијата на КОВИД-19. Правата мерка е директна финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија преку кредити на Македонската развојна банка. Станува збор за бескаматни кредити од три до 30 илјади евра, со грејс период од 6 месеци и рок на отплата 24 месеци. Втората мерка е субвенции на придонеси на компаниите погодени од владините мерки за спречување на ширење на коронавирусот, пред сѐ од туризам, транспорт и угостителство.