Сите си тераат свој проект, нов Клинички центар нема

Клинички центар во Скопје

Власта вообичаено најавува нов проект, опозицијата обвинува за криминална зделка. Во изминатата деценија постојано се најавува нов клинички центар, но за 10 години се ископа само една дупка.

Ако ветувањата беа исполнети, македонските граѓани сега ќе се лекуваа во нов клинички центар, но реалноста е дека за една деценија добија само ископана дупка.

Партијата што е на власт вообичаено го турка проектот, додека опозицијата обвинува дека се работи за криминал.

Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека секоја партија сака да биде таа што ќе го изгради клиничкиот центар.

Видете и ова: Нов клинички центар вечното политичко ветување пред избори

„Тоа е проект од голем обем, гледаме дека се вртат многу милиони евра. Дури и да не е лукративен, дури и клиентелистички да се однесувате кон тој проект, сепак е голем проект за една мала Македонија и се врзуваат многу политички интереси. Од друга страна, од тоа има и политички придобивки. Тој што ќе го отвори клиничкиот центар секако дека ќе се труди преку тоа да добие сериозни политички поени и мислам дека тоа е главната причина за препукување околу тој проект“, вели тој.

Претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ ветуваше клинички центар уште од 2011 година, а во 2014 тогашниот премиер Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров сечеа црвена лента за да го означат почетокот на градбата. Од тогаш остана само ископана дупка на местото на старата Клиника за гинекологија. Последен обид за почеток на градба, ВМРО-ДПМНЕ направи на десетина дена пред напуштањето на власта, кога потпиша договор со фирмите Гранит, Бетон и една италијанска компанија за изграба на нов клинички центар на местото на сегашниот во вредност од 72 милиони евра.

СДСМ, по доаѓањето на власт во 2017, исто така најави дека ќе гради нов клинички центар. Наредната 2018 година, власта соопшти дека одлучила тој да не биде на постојната локација во центарот на Скопје, туку на периферијата на градот, во селото Бардовци, каде што ќе се гради од нула. Предлог-законот за изградба на Клиничкиот центар беше доставен до Собранието пред крајот на минатата година, но е затрупан со 2000 амандмани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ која се противи на проектот. Според нив се работи за потенцијален криминал на несоодветна локација без да се знае колку точно ќе чини.
Во меѓувреме, предвидената цена на чинење порасна од околу 70 на околу 500 милиони евра.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека за многу помалку пари може да се направи многу поквалитетен проект за Клинички центар. Тој вели дека не може да даде поддршка само врз основа на физибилити студија без проект за градба.

Видете и ова: Македонското јавно здравство хронично болно

„Ние нема никогаш да се сложиме на 35 страници физибилити студија да потрошиме 508 милиони евра од граѓаните, а плус дополнителни трошоци да бидат останатите инсталации коишто не се предвидени со таа физибилити студија, како што се пристапни патишта, енергетско напојување, гасно напојување, канализација, водовод, нерешени имотно-правни односи и што ли уште не. Така што, многу лесно овој проект може да стане и 600 милиони евра. Со еден збор кажано, најкорумпираната влада во Европа не може да ја има привилегијата и правото да ги користи парите на граѓаните на 35 страници физибилити студија“, рече неодамна Мицкоски.

Премиерот Зоран Заев, во интервју за Слободна ТВ, пред два месеци понуди со проектот да раководи ВМРО-ДПМНЕ.

„Да застанеме заедно, еве јас сум претставник на власта, како да ја убедам опозицијата да влезе, викам мнозинството во реализацијата, значи во проектната единица, во изведувачката единица да биде од опозицијата. Ние, ако сме власт, ќе бидеме малцинство. Во контролната улога, тоа е собраниска комисија, да се формира опозицијата да има мнозинство, ние да имаме малцинство иако сме власт. Имаме ние министер за здравство од нашите редови, доволно е тоа. Прво одговорен за реализација и прво одговорен за контролата да биде опозицијата со мнозинство застапено во комисиите, само да застанеме заедно“, рече Заев.

По лидерската средба меѓу Заев и Мицкоски на крајот на март беше соопштено дека е постигнат договор за одблокирање на работата на Собранието и оти треба да се одблокира и законот за клинички центар, но ВМРО-ДПМНЕ се уште се противи на проектот.